Лани сме трошеле над 620 тони бензин и дизел дневно
29 мај 2012 17:38
Македонците лани точеле и трошеле над 620 тони бензини и дизел-горива просечно дневно на повеќе од 150 бензински пумпи низ целата земја. Од акциза на наточените дизел-горива и бензини во централниот буџет просечно на дневна основа се слевале над 160.000 евра.
Омилено гориво им е еуродизелот, а одвај го забележуваат биодизелот. Од бензините најмногу го трошат безоловниот Б-95. Регистрираните дизел возила полнеле над 3,5 литри, а бензинците помалку од еден литар просечно дневно, покажува анализата на МКД.МК правена врз основа на официјалните податоци за малопродажба на горива на „Макпетрол“, најголема компанија за трговија со деривати, која покрива повеќе од 65 отсто од македонскиот малопродажен пазар на нафтени деривати.
Македонците, во малопродажба, точат и трошат повеќе дизел-гориво иако има двојно помалку возила на дизел-погон. Лани се наточени и потрошени вкупно повеќе од 138.000 тони дизел горива што значи дека просечно дневно се точени 378 тони дизел-гориво. Тоа значи дека просечно на едно возило на дизел-погон дневно биле наточени над 3,5 литри нафта.
Наспроти возачите на дизел, сопствениците на бензинци лани танкирале и потрошиле околу 90.000 тони бензини, што значи дека на дневна основа биле точени околу 246,6 тони од овој дериват. Кога тоа ќе се подели на бројот на регистрираните моторни возила на бензински погон, кои според официјалната евиденција на МВР за 2010 година и нашата тенденција за раст од барем 5 отсто годишно, ги има барем 250.000 излегува дека во просек секој од нив дневно точел и трошел помалку од еден литар бензин.
Од аспект на централниот буџет покорисни биле сопствениците на возила на бензин. Од нив лани во буџетот влегле околу 1,95 милијарди денари односно околу 5,3 милиони денари (86.000 евра) просечно дневно. Наспроти нив дизелџиите просечно дневно ја полнеле државната каса со околу 74.000 евра односно со 4,5 милиони денари. Оваа разлика се јавува поради тоа што акцизата за дизел горивата изнесува 12 денари наспроти таа за бензините, која е 80 отсто повисока и изнесува 22 денари за литар.
Според официјалните податоци на „Макпетрол“, најголем учесник на пазарот на малопродажба со нафтени деривати еуродизелот е најпродаваното гориво на македонскиот пазар. Лани само оваа компанија , во малопродажба, продала 97.547 тони, што е речиси за половина повеќе од најпродаваниот бензин Б-95, од кој пумпашите наточиле 54.150 тони.
Дизелџиите и покрај еколошките кампањи се покажале конзервативни зашто не сакаат новини – лани потрошиле само 4.462 тони биодизел-гориво само 6 отсто од продажбата на еуродизелот. Во споредба со 2010 година продажбата на „еуродизелот“ лани бележи раст од 6 отсто, а продажбата на Б-95 е на речиси исто ниво како и во 2010 година.
МКД.МК