Министерството за внатрешни работи на Република Македонија ги откри убијците од масакрот кај Смиљковско Езеро. Приведени се 20 лица од Скопје, следбеници на радикалниот ислам, најголем дел од нив се македонски државјани.
- Мотивот е нивната идеја, убедување, верување и следење на радикалниот ислам кој е опасен за верниците од христијанството, муслиманска вероисповед, но и за оние кои не веруваат во ниту еден религија, рече Јанкулоска, додавајќи оти дел од приведените биле и на боиштата во Авганистан и Пакистан и војувале против војската на НАТО.
Спрод првичните информации, за 4 од приведените лица, МВР има основани соменија дека директно учествувале во терористичкиот акт во Смилковци. За останатите во текот на денот, истрагата треба да утврди, дали и на кој начин биле инволвирани во убиството.
Во досега најобемната полициска акција под оперативно име Монструм, учествуваа над 800 полициски службеници. Тие рано утрово извршија претреси во 26 објекти во скопските наслеби Арачино, Ченто, Шуто Оризари и Чаир. Освен во домовите на приведените, претресена е и една фарма, продавница за книги и интернет кафе.
- Нашето сомневање е дека токму и во овој случај се работи за едно такво убиство каде жртвите не се директно во никаква конекција со извршителите, меѓутоа позади кривичното дело стои намерата да се создаде чувство на несигурност и страв кај пошироката популација, истакна министерката за внатрешни работи.
Сите оние за кои полицијата ќе обезбеди соодветни докази за вмешаност во убиството, ќе добијат кривична пријава за тероризам. Според МВР, нивната цел била да се дестабилизра земјава и да внесат чувство на страв и несигурност кај граѓаните.
- Со самото тоа Република Македонија е на страната на земји кои може да бидат потенцијален таргет на радикалните исламисти. Во ниту еден момент не ја потценуваме состојбата и не ја исклучуваме можноста за радикално делување на поединци или групи. Сепак службите на МВР, Управата за безбедност и контраразузнавање, Бирото за јавна безбедност, односно сите припадници на Министерството будно ја следат состојбата, превентивно делуваме, делуваме и репресивно заради тоа што цениме дека ништо не смее да го смени начинот на кој ние живееме, а тој начин на кој живееме е во мир и соживот на сите граѓани кои живеат во Македонија, децидна е министерката Јанкулоска, додавајќи оти будно се следи состојбата, нема посериозни промени, меѓутоа, подвлече, тоа не смее да не остави релаксирани затоа што е евидентно оти следбениците на радикалниот ислам се подготвени на најгрозоморните и најбизарните кривични дела и убиства, како што беше и убиството кај Смиљковското езеро.
Приведените сеуште се на распит во полицијата. До крајот на денот се очекува заедно со прибавените материјални докази, да бидат изведени пред надлежен истражен судија.
Петкратното убиство кај Смилковското Езеро се случи на велики Петок. Терористите без никаков повод и причина стрелаа во4 19 годишни момчиња од скопската населба Радишан и еден 45 годишен рибар од Црешево.
Александар Спасовски