Реакции: Брза акција ќе ги смири тензиите
Јавноста бара полицијата експресно да ги најде убијците. Расте опасноста од
меѓуетнички конфликти
Жаклина Хаџи-Зафирова
Експресно брза реакција од полицијата побараа вчера партиите, експерти, поранешни министри за внатрешни работи во врска со убиството на петтемина кај „Железарското езеро“ во близина на скопско Смиљковци, кои како и целата македонска јавност беа вџашени и со неверување ги примија вестите за грозоморното масовно убиство.
Тие се придружија на повиците на полицијата да не се злоупотребува настанот за подгревање на меѓуетничките тензии, бидејќи според нив, колку побрзо се реши настанот, ќе престанат и шпекулациите за тоа кој навистина го сторил убиството, за кое велат дека вакво нешто не се памети со децении наназад. Најопасно е, предупредуваат експертите, ако институциите не реагираат брзо, што според нив, може да остави простор граѓаните правдата да ја земат во свои раце.
„Случајот со петкратното убиство кај селото Смилковци претставува еден од најсериозните инциденти во последните години во Македонија. СДСМ е загрижена за настаните и будно ја следи состојбата на терен“, реагираше опозицискиот СДСМ со соопштение. СДСМ апелира до целата јавност, а посебно до жителите на околните места каде што се случи несреќата да дејствуваат во насока на смирување на состојбата на терен и да не дозволат тензиите да ескалираат. Истовремено, ги повикаа институциите да не дозволат понатамошно влошување на состојбата, а МВР го повикаа итно да ги преземе сите потребни дејства за што побрзо да се најдат сторителите. „Брзата реакција на институциите е најдобар начин да се спречи понатамошно влошување на општата безбедносна и политичка состојба“, констатираат од СДСМ.
Со реакција се јави и пратеничката група на ПЕИ и СЛ, кои побараа надлежните најитно да ги откријат сторителите, причините и мотивите за ѕверскиот чин. „Ги повикуваме сите на разум. Најмалку од се' во овој момент ни треба подгревање на непријателство или насилство кон кого било. Полицијата мора да си ја заврши работата, да ги открие сторителите и да ги изведе пред лицето на правдата. Власта не смее да дозволи ова вандалско убиство да биде повод за меѓусебни обвинувања и тензии врз која било основа“, сметаат во пратеничката група на ПЕИ и СЛ. Тие побараа оставка од Јанкулоска и премиерот, кои ги сметаат за најодговорни за, како што рекоа, „експлозијата на криминалот и сериозното влошување на безбедносната ситуација во државата“.
Реагираше и ЛДП, која е згрозена од свирепото убиство. „Дополнително сме загрижени што, по долготрајниот молк, МВР излезе со т.н. прес- конференција, која само ја потврди веќе констатираната немоќ на ресорниот министер. Наместо МВР да и' се обрати на јавноста со јасни и прецизни информации во врска со овој трагичен настан, бевме сведоци на еден немушт настап, кој дополнително ја подгреа тензичната состојба“, велат од ЛДП. Тие сметаат дека министерката Јанкулоска не е кадарна да се справи со сериозноста на дадената ситуација, па затоа бараат таа да покаже одговорност и веднаш да поднесе оставка.
По петкратното убиство кое ја шокираше целата јавност, експертите беа резервирани околу тоа дали и какви реперкусии може да има грозоморниот настан врз меѓуетничките односи, посебно по меѓуетничките инциденти во изминатиот период.
„МВР и сите безбедносни служби мора најитно да го расчистат грозоморниот настан. Ќе нема никакви оправдувања ако не се реагира навреме на овој настан каков што не паметам дека се случил во поновата историја на Македонија. Нема вакво грозоморно убиство без да се знае мотив, причина. Одговорност е на државата да се активираат сите безбедносни структури бидејќи само ако се расчисти настанот брзо, може да се влијае на смирување на внатрешните состојби. Во спротивно, тоа ќе може да се злоупотреби од поединци и неодговорни политичари“, смета ексминистерот за внатрешни работи, Павле Трајанов. Најдобро решение, според него, е да се формира Координативно тело, кое ќе се фокусира на брзо расчистување на убиството.
Аналитичарот Мерсел Биљали вели дека не би требало во никој случај да се прејудицира за можните сторители и да се усложнува климата дополнително. „Институциите треба да ги преземат сите дејства за да се расветли ситуацијата. Но, исто така, и власта треба да се запраша зошто и по 6 години ветувања, државата ја турна во тотален криминалитет. Преостанува луѓето да се грижат за себе без оглед на меѓуетничката припадност“, потенцира тој. Биљали апелира граѓаните да се воздржат од непромислени чекори кои би ја подгреале ситуацијата.
И аналитичарот Стево Пендаровски не сака да прејудицира што навистина се случило. Но, вели дека бројката на убиени е загрижувачка.
„Самиот факт дека имаше пет мртви тела е сериозен индикатор за влошена безбедносна состојба во државата независно од мотивите, жртвите или напаѓачите. Тоа е прилично сериозен безбедносен настан со пропорции какви што не сме имале наназад дваесет години. Затоа е во интерес на надлежните органи да го расчистат максимално брзо за да се најдат сторителите и да се запре евентуалната реакција на други засегнати страни, за да не се случи правдата да ја земат во свои раце, што е најопасно“, вели Пендаровски.
Хоророт кај „Железарското езеро“ тема во регионот
„Шок во Македонија. Четири момчиња построени и убиени. Паттата жртва ’ликвидирана’ бидејќи го виде злосторството“.
Со ваков спектакуларен наслов осамна вчерашен „Индекс.хр“, известувајќи за грозоморното петкратно убиство во атарот на селото Смиљковци. Порталот се повикува на македонски извори и на непроверени вести од социјални мрежи и ги наведува, делумно и погрешно, и имињата на убиените.
Во словенечките медиуми беше опширно пренесена веста за „петкратното ладнокрвно убиство кое се заканува на меѓунационалните односи“, а порталот на словенечката ТВ ММЦ потсетува дека во меѓуетничките тензии во март во Македонија биле повредени 14 лица, како и дека во 2001 имаше оружен конфликт на албански бунтовници и владини сили.
Веста вчера ја пренесоа речиси сите медиуми во регионот. Белградски Б92 јави дека „нереди избија по убиствата на четири момчиња и еден средовечен човек во близина на Скопје... Локалното население од селата Смиљковци и Црешево го блокираа вчера автопатот... Како што неофицијално се дознава, жителите од Радишани каменувале куќи на Албанци, запален е еден автобус...“
Српски „Блиц“ во својот извештај се повика на агенцијата „Бета“, која пренесе дел од изјавите на луѓето кои живеат близу до местото на убиството. „Телата биле пронајдени кај вештачкото езеро близу до обиколницата, а сите биле убиени додека рибареле во текот на вчерашната вечер“, изјавиле за „Бета“ локалните жители.
Хрватски „Дневник“ ги пренесува официјалните информации од македонските медиуми и пишува за стравичното убиство на петте лица во близина на „Железарското езеро“.
„Ужас во Македонија: Во близина на Скопје пронајдени искасапени тела на пет лица“, беше ударната вест на интернет-порталот на сараевски „Дневни аваз“ .
Албанскиот ТВ-канал „Топ чанел“ јави за убиството на младите лица во близина на Скопје. Во извештајот наведува дека сите жртви се од македонска националност и пронајдени во близина на автомобили доцна во четвртокот. Најдени се чаури од куршуми и полицијата е во потрага по извршителите.
И бугарскиот интернет-портал „Днес.бг“ пишува за откриените тела на петте лица откриени синоќа во близина на Скопје.
Повеќе странски весници во текот на денот ја пренесоа веста на агенцијата „Ројтерс“ според која откритието на петте тела од полицијата претставува ризично разгорување на етничките тензии во земјата. (Н.Р.)