Жалам зашто се' уште нема позитивен одговор на моите покани за средба со претседателот Папуљас
Некои од грчките барања навлегуваат во сферата на индивидуалните човекови права, како што е правото на самоопределување на еден човек, што значи дека можното решение во таков случај би се рефлектирало врз македонскиот национален идентитет
Миркица Поповиќ
По присуството на приемот во грчката амбасада во Скопје, претседателот Ѓорге Иванов изненади со интервју за грчкиот весник „Катимерини“. Иванов во интервјуто е претставен како претседател на Поранешната југословенска Република Македонија (ПЈРМ), меѓутоа во текстот може да се забележи дека е внимавано на оригиналната терминологија што ја користел македонскиот претседател. Неговото интервју е дочекано со изненадување во Атина затоа што веќе неколку години нема интервју ниту од македонскиот премиер ниту, пак, од претседателот за грчки медиум, како што нема ниту од грчките лидери за македонски медиум.
Во интервјуто Иванов испраќа пораки до грчкиот политички врв и до грчката јавност дека е свесен за нивната тешка економска ситуација, но дека тоа е токму причина зошто е потребно да се реши прашањето за името за потоа и двете страни да може да се фокусираат на други важни прашања. Иванов е фокусиран на барањето за менување на консензусот од Букурешт НАТО самитот, македонската и грчката црвена линија, значењето на одлуката од Хаг за понатамошните чекори во решавање на спорот за името, како и за неговото согледување на скулптурите од Скопје 2014. Македонскиот претседател споменува дека античкото минато е заедничко минато и култура кое треба да се слави.
Во неговото прво интервју за грчки медиум, Иванов потенцира на неопходноста за билатерални средби меѓу двете страни и го поздравува фактот што има чести средби на ниво на премиери, меѓутоа покажува горчина што се уште нема остварено средба со неговиот грчки колега, претседателот Каролос Папуљас. „Жалам што се уште нема позитивен одговор на моите покани за средба со претседателот Папуљас. Двете држави споделуваат визија за едно обединето и просперитетно европско семејство, во чии рамки е тешко да се објасни фактот дека во овие 20 години немало средби меѓу претседателите на овие две соседни држави. Идејата за средба со мојот колега е искрена, да се испрати дополнителен позитивен сигнал до нашите две општества“, вели Иванов.
Претседателот вели дека се надева да се случи средба со Папуљас наскоро, додавајќи дека има голем број работи кои ги поврзуваат двете држави, а само една разлика која не е непремостлива.
Во интервјуто за „Катимерини“ Иванов настапува остро за влијанието на Хашката пресуда за идните чекори на македонската и грчката влада, посочувајќи дека Грција треба да се соочи со правниот факт дека ја има прекршено Времената спогодба. Иванов споменува дека никој не може да ја игнорира пресудата, ниту Грција, ниту Алијансата како организација бидејќи оваа пресуда покажала јасно дека одлуката од Букурешт во 2008 е нелегитимен акт спротивен на Времената спогодба. „Противправното дејство кое беше констатирано од Меѓународниот суд на правдата не се случи во некоја меѓународна невладија организација за да биде игнорирано. Напротив, имаме заклучок од еден самит, оној во Букурешт, кој е неодржлив во новонастанатата ситуација, кој треба да биде променет со заклучок на друг самит, самитот во Чикаго“, забележува Иванов.
Како што посочува во интервјуто, очекува пресудата да му олесни на сегашната или следната грчка влада да ги промени ставовите и политиката кон Македонија и тоа на одговорен начин, со тоа што ќе ја сфатат одговорноста која произлегува од одлуката на Хаг дека Грција ја прекршила времената спогодба. Според Иванов, поканата за членство во НАТО и ЕУ ќе ги поврзат македонската и грчката воени сили и економии, ќе помогнат на идните генерации да не живеат со непотребната нетрпеливост и предизвици, меѓутоа тоа нема да значи дека двете држави се согласуваат за сите теми или начинот на кој се гледа на историјата.
На прашање дали Македонија размислува да поднесе жалба до Советот за безбедност на ОН доколку не се најде решение за прашањето за името во рамки на ОН, Иванов потенцира дека верува во можностите на двете страни да најдат решение. Претседателот порачува дека потребно е двете страни цврсто да се придржуваат до рамките во кои се водат разговорите, односно резолуциите на ОН и Времената спогодба, бидејќи ако се надмине таа рамка би било тешко да седојде до решение. Според него излегувањето од таа рамка е грчката црвена линија за опсегот на употреба на името, односно барањето за ергна омнес. „Некои од грчките барања навлегуваат во сферата на индивидуалните човекови права, како што е правото на самоопределување на еден човек, што значи дека можното решение во таков случај би се рефлектирало врз македонскиот национален идентитет“, истакнува тој, потенцирајќи дека ова е најнерационално барање од грчката страна.
Околу горчливото прашање за македонската и грчката црвена линија, Иванов вели дека предлозите за решение треба да доаѓаат од медијаторот Метју Нимиц токму поради двете црвени линии. Иванов очекува од Нимиц да утврди дали постои можност да се поврзат позициите на Македонија и Грција и тоа на начин кој ги штити националните интереси и достоинство.
Едно од најконтроверзните теми поврзани со македонско-грчкиот спор во Грција изминатата година станаа и спомениците од проектот Скопје 2014. Запрашан дали овие споменици помагаат за добра клима меѓу двете држави, Иванов истакнува дека ниту една држава нема право да тврди дека наследството во културата и историјата што се развивало во текот на вековите и припаѓа ексклузивно на таа земја. Придржувајќи се до аргументот дека се работи за заедничкото наследство, претседателот посочува дека минатото треба да ги поврзе, а не да ги раздели државите.
„Бесмислено е да се обидуваме да утврдиме, два милениума по врвот на античката цивилизација, која модерна нација е позаслужна за наследството кое по правило му припаѓа на целиот свет, или дека некоја нација не смее да се повикува на него воопшто. Не можам да разберам зошто би било навредливо за еден модерен грчки граѓанин, ако некој друг исто така, сака да прославува заеднички историски настани? Тоа не прави еден Грк да биде помалку Грк, а јас не разбирам на кој начин ова може да се сфати како непријателски или агресивен чин“, истакнува Иванов, препорачувајќи дека е потребно да се креират заеднички комисии од историчари и академици кои ќе разговараат за историските факти и нивното пресликување во учебниците по историја.
Инаку, последните две интервјуа од македонските политичари беа интервјуто од шефот на дипломатијата, Никола Попоски на денот на Хашката пресуда за грчката телевизија „Скај“ и интервјуто на вицепремиерката за европски прашања, Теута Арифи повторно за „Катимерини“ неколку недели по нејзината посета на Атина оваа зима. Иако и македонските новинари бараат интервјуа од грчката политичка елита, нема позитивен одговор. Единствено поранешната шефица на дипломатијата Дора Бакојани по разделбата со Нова Демократија даде опширно интервју за нашиот весник.
Абе Хорхе кого лажеш себе си или пак нас, Знаеш дека оваа Пресуда нема да ни помине во Самиотот во Чикаго.
Кажано е што треба да се направи за наш прием во Нато.
Ќе го чуе ли Апелов Светската заедница на овој Наш “Маченик“ и ќе не прими ли без Разумниот Компромис.