Фудбалските работници го креваат гласот против Харалампие
Четири Општински фудбалски сојузи денеска го обвинија раководството на ФФМ за малверзации, криминално работење и фалсификувани печати.
Фудбалските работници почнаа да го креваат својот глас против актуелното раководство на Фудбалската федерација на Македонија на чело со претседателот Харалампие Хаџи-Ристески.
Претседателите на Општинските фудбалски сојузи на Куманово, Битола, Валандово и Тетово бараат Харалампие веднаш да поднесе оставка и да се одржи ново собрание за избор на нов претседател и раководство на ФФМ.
Како што самите велат, гласот го креваат поради тоа што не можат повеќе да ја трпат тортурата од страна на актуелното раководство, кое го обвинија за малверзации, криминал и фалсификување на печати.
Имено, Општинските фудбалски сојузи на Куманово, Тетово, Битола и Валандово се жалат дека ФФМ не ги признава нивните делегати, како и нивното постоење, иако тие се заведени во Централниот регистар на Македонија како валиден правен субјект.
-Нашиот сојуз не е признаен од страна на раководството на ФФМ, а згора на тоа тие организираа нелегитимно паралелно собрание на кое поставија свои луѓе и токму тој нелегитимен сојуз го сметаат за релевантен. Ние имаме документи од Централен регистар на Македонија, тековна состојба, во која се гледа дека ние сме легитимниот сојуз. Покрај ова, бидејќи го немаат печатот, се вршат уплати за регистрација и пререгистрација на фудбалери директно на сметка на ФФМ што секако е незаконски, вели претседателот на ОФС Куманово, Стојанче Златановски.
Како што самите потенцираа на денешната прес-конференција, ФФМ досега организираше две собранија кои се нелегитимни, во 2009-та и 2011-та година, а дури од УЕФА бараат да им бидат испратени сите документи од последното собрание бидејќи се увидени аномалии и неправилности и бараат суспензијата на сите спортски работници кои се суспендирани во овој период, да биде укината и повторно детално да биде разгледана. Исто така, потенцираат дека од Европската куќа на фудбалот е наложено да се одржи ново Изборно собрание, но и од тоа ништо.
-Собранијата од 2009-та и 2011-та година се нелегитимни, односно фалсификат. Статутот изгласан во 2011-та не е валиден, а ФФМ го употребува. Единствениот статут кој е валиден е оној кој е изгласан во 2008-ма година, вели Златановски кој притоа додава дека до јуни месец ФФМ мора да свика ново Изборно собрание.
Овие фудбалски сојузи се игнорирани од страна на раководството на ФФМ бидејќи тие не се истомисленици со нив и сакаат промени. Токму поради тоа, Харалампие и неговата „компанија“, како што велат, организираат паралелни собранија со невалидни делегати, а подоцна токму нив ги признаваат како релевантен правен субјект. Сето ова се прави со цел да бидат уништени неистомислениците на Харалампие.
-Нашата голгота трае веќе пет години. Се врши регистрација и пререгистрација на фудбалери со друг печат, на тој некој си друг Општински фудбалски сојуз, а оригиналниот или валидниот печат е кај мене, зарем тоа не е криминал. Ние дури помисливме дека грешиме, па поради тоа побаравме потврда од Агенцијата за млади и спорт за тоа кој Општински фудбалски сојуз е легитимен. Добивме одговор од нив дека ние сме тие кои се валиден субјект, а тоа го потврдува и Централниот регистар на Македонија. Ова значи дека раководството на ФФМ воопшто не ги почитува законите на нашата држава и работи противзаконски, изјави Златко Талевски претседател на ОФС Битола.
Слична е ситуацијата со ОФС Тетово, а тоа го потврди претседателот Беким Азизи. Во Валандово воошто нема ниту фудбал, потенцираше претседателот на тамошниот фудбалски сојуз Зоран Јовановиќ и тоа токму поради истите причини, односно поради тоа што ФФМ воопшто не го признава раководството на овој сојуз.
Овие четири фудбалски сојузи бараат оставка од Харалампие Хаџи-Ристески, организирање на ново Изборно собрание на кое ќе биде избран нов претседател и раководство на ФФМ каде ќе учествуваат наши истакнати фудбалски имиња, но и бизнисмени.
На крајот потенцираа дека институциите во Република Македонија треба да ги превземат работите во свои раце, бидејќи во ФФМ постои голем криминал.
Токму ваквата криминална работа и личните интереси кои се ставаат пред развојот на фудбалот во Македонија, придонесе најважната споредна работа во светот кај нас да го допре дното.
извор