Маршот водеше до Врховниот суд. Зборуваше спикерот на Претставничкиот дом Џон Бенер кој рече дека и понатаму ќе стои зад поддржувачите на животот.
- Ние сме гласот на луѓето кои не се согласуваат абортусот да биде финансиран од даноците – рече Бенер, објави Фокс њуз.
Тој смета дека ставот против абортусот не е политички став, но голем дел од демонстрантите изјавија дека на абортусот гледаат како на едно од главните прашања во изборната година.
Противниците на абортусот обединети во здружението„ Американци обединети за животот“ (Americans United for Life) преземаат засилени активности на полето на легислативата. Во 2011 повеќе од 460 мерки биле разгледувани во 47 држави во САД, а околу 70 од нив биле усвоени.
Ненси Кинен, претседателката на здружението кое го поддржува изборот во одлуката за абортусот, го признава успехот на континуираните годишни демонстрации против абортусот во САД и вели дека бројот на граѓаните кои се против абортусот се зголемил до таа мерка што правото на избор може да биде загрозено. Постепеното прифаќање на законските предлози на организацијата „ Американци обединети за животот“ ја загрижува Кинен која смета дека на овој начин се отвора „војна кон жените“.
Но, најголем дел од демонстрантите кои вчера во Вашингтон маршираа за животот беа младите луѓе – студенти, средношколци, јавува Фокс њуз.
Телевизијата ја пренесе изјавата на Ројс Худ , студент по право, кој вели дека неговото учество во маршот е од лични причини:
- Јас сум вонбрачно дете и многу лесно мајка ми можела да реши да абортира. Но му благодарам на Бога што не го сторила тоа бидејќи – еве денеска сум тука! – вели тој.
Свештеникот Павоне вели дека повеќето демонстранти се млади бидејќи нивните родители се меѓу првите генерации кои добиле право на легален абортус.
- Младите луѓе се мотивирани од едно зачудувачко сознание – тие не биле заштитени кога биле во првите 9 месеци од животот – вели Павоне.
Во пресрет на маршот во текот на викендот претседателот Барак Обама изјави дека „останува посветен на заштитата на правото на жената на избор“.
- Ова е сензитивно прашање и без оглед кои се нашите ставови ние мораме да останеме обединети околу решеноста да ги превенираме ненамерните бремености, да ги поддржиме бремените жени и мајки, да ја намалиме потребата од абортус, да поддржиме здрави врски и да го промовираме посвојувањето – вели Обама во писмено соопштение.
Дебатата која уште во 1973 започна во САД со силното опонирање на легализирањето на абортусот продолжува понатаму.