Јас се изненадив од написот на он.нет, некои работи за Киро не ги бев знаел:
Почина Киро Глигоров
Во својот дом во Скопје, на 94-годишна возраст почина Киро Глигоров, првиот Претседател на Република Македонија.
Глигоров ќе биде погребан утре (03.01) во 13 часот, на градските гробишта во Скопје.
Глигоров, ја извршуваше функцијата претседател на Република Македонија од 27 јануари 1991 година – 19 ноември 1999 година. Неговиот мандат го облежаа некои од најважните настани на Република Македонија, од прогласувањето на независност во септември '91-ва, до носењето на македонскиот устав и зачленувањето во Обединетите нации.
Глигоров се враќа во Македонија по завршувањето на неговите ангажмани во комисијата на Анте Марковиќ, и по покана на Петар Гошев, кој како член на Централниот Комитет на СКМ, на 29-ноември 1990-та, го повикува Глигоров да членува во неговата Комисија и Форум за спроведување на реформите најавени во Македонија.
Откако не успева идејата кандидат за претседател на Република Македонија да биде митрополитот Скопски и Повардарски Михаил, ова место му е понудено на Киро Глигоров. На првото тајно гласање, Глигоров не го добива потребното мнозинство за избор за претседател, заради немање поддршка од ВМРО-ДПМНЕ и ПДП. По три дена, ВМРО-ДПМНЕ објавува дека ќе го поддржи Глигоров само ако за потпретседател и премиер на Македонија биде избран член на нивната партија.
На 27. јануари 1991-ва, со 114 гласови ЗА, во собранието на Република Македонија, Киро Глигоров е избран за прв претседател.
За време на распаѓањето и немирите во Југославија, Глигоров работи на повлекување на македонските војници во ЈНА од останатите републики на СФРЈ, а истовремено со генералот Аџиќ го преговара и начинот на повлекување на ЈНА од Македонија. Првиот мандат на Глигоров е обележан и со почетокот на спорот за името со Грција. Вториот мандат, Глигоров го добива на претседателските избори во 1994-та, кога како кандидат на СДСМ, освојува 52,4% од гласовите, поразувајќи го противкандидатот од ВМРО-ДМПНЕ Љубиша Георгиевски.
На 3-ти октомври 1995 во 9:50 часот, пред хотелот Бристол во Скопје беше извршен неуспешен атентат врз Киро Глигоров, кој остави трајни последици по здравјето на претседателот.
Глигоров својот мандат го завршува на 19. ноември 1999-та. На функцијата го наследува Борис Трајковски.
Киро Глигоров е роден во Штип, како Киро Панчев.
По неговото запишување во основно училиште во 1924-та година, неговото презиме е променето во Ќирило Глигоровиќ. Средното образование го завршува во скопје, а во 1936-та се запишува на Правниот факултет во Белград.
Тој се враќа во Скопје по бомбардирањето на Белград во април 1941.
Тука започнува неговата соработка со Кузман Јосифовски - Питу.
Во 1944-та тој прв пат оди во партизани, а како член на Антифашистичкиот народноослободителен комитет, учествува во подготовката на АСНОМ. На првото заседание, тој го води записникот а бил избран и за член на АВНОЈ. Тој учествува и на второто заседание на АСНОМ, кога е избран во президиумот на АСНОМ и тоа како одговорен за финансии на АСНОМ.
Во 1987-ма, Глигоров се пензионира од сите функции во СКЈ, за потоа да се приклучи во тимот за реформи на Анте Марковиќ.
Глигоров беше во брак со Нада, со која го имаа синот Владимир и ќерките Донка и Лилјана.
извор:
он.нет
На
википедија има многу повеќе за него.