Туристите кои сакаат да го посетат нашиот најголем туристички центар ќе треба да платат по едно евро на трите рампи за влез во градот кај Подмолје, Косел и Пештани.
Ваква е замислата на охридскиот градоначалник Александар Петрески во борбата со викенд туристите кои според него не биле големи потрошувачи.
- Ќе поставиме рампа во Подмолје, една рампа во Косел и трета рампа во Пештани и секој кој влегува во Охрид, а не живее тука да плаќа туристичка такса. Има многу викендаши кои доаѓаат во Охрид на еден ден, а не трошат ништо тука. Значи си имаат со себе земено храна, која си ја пазариле во градот од кај доаѓаат и идат овде, зафаќаат место со автомобилите, ќе седат на плажа ќе јадат и пијат од она што го донеле и ќе го остават ѓубрето кое некој треба да го крене. Тоа општината ја чини многу, ако го земем во предвид фактот не оставаат ниту еден денар тука, ниту пак купуваат нешто во продавниците, вели Петрески.
За оние пак гости кои имаат свои викен станови градоначалникот им предвидел годишна такса од 100 до 200 евра во зависност од квадратурата и местоположбата. Цената на таксата би била спрема македонските стандарди а оној кој имал пари да купи стан во Охрид сигурно имла пари да плати, објасни Петрески.
- Исто така јас сум на мислење да се воведе друг вид на давачка за оние кои што имаат имот во Охрид а не живеат во него да плаќаат годишна такса. Така е секаде во светот така треба да биде и во Охрид. На тој начин ќе постигнеме неколку работи, нема да има толку голем интерес на граѓаните од други градови да купуваат станови во Охрид што исто така е битно за развој на туризмот. Значи ќе собираме и средства кои ние повторно ќе можеме да ги вложиме во туристички цели, за да привлечеме повеќе туристи, смета охридскиот градоначалник.
За новитетите кои ги најави Петрески експертите сметаат дека контролираниот влез во Охрид преку рампи е психолошка бариера која штетно ќе влијае врз имиџот на градот.
- Што се однесува до посетителите кои доаѓаат од другите градови и наплатата преку рампи сметам дека е тешко изводливо, затоа што многу од нив можеби не се туристи и можеби доаѓаат од други причини во градот. Сметам дека тоа ќе има негативен ефект. Рампите не доѓаат во предвид, а оние кои имаат станови треба да имаат зголемени давчки како дополнителна такса. Такви проимери има секаде, но како контролиран влез во некој град со рампи делува како психолошка бариера која би била лоша за имиџот на градот. Оние кои што имаат викенд станови треба да плаќаат данок на луксуз, затоа што станот не се користи за живеење. Сепак претходно ќе треба да се расчисти околу тоа кој е викенд а кој стан за живеење. Процесот не е едоставен, вели Сашо Коруноски, декан на Факултетот за туризам во Охрид.
Според Ана Чукалеска менаџер на туристичка агенција рампите само ќе го намалат бројот на туристите.
- Ваков начин на плаќање на нова туристичка такса најверојатно е уште една иновација на градоначалникот. Реално тоа лошо ќе се одрази врз туристичката сезона. Домашните гости и онака го одбегнубваат Охрид, поради високите цени, па доколку треба да плаќаат и нова давачка тогаш ќе го оставиме градот без туристи. Од друга страна во поголемите светски метрополи нема рампи на улиците, а туристичката такса им е преметсна во самат цена, вели Чукалеска.
Најавата за рампи на трите влеза во Охрид ги вознемири и приватните станоиздавачи. Според нив градот кој секоја година се соочува со се помалку домашни гости треба да изнајде начин за привлекување а не, за како што велат, бркање на гостите.
Од друга страна проблемот со наплатата на туристичката такса од 40 денари која е пресметана во цената која туристот ја плаќа за престој локалните власти ќе го решаваат со паушално плаќање.
- Сметам дека единствен лек за зголемување на наплатат да се направи пресметка на паушална туристичка такса. Еве ние веќе се подготвуваме да донесеме соодветни одлуки, кои подоцна ќе треба да поминат и на Советот на Општина Охрид. Потоа врз основа на тоа треба да се донесе измени во Законските одредби, кои треба да поминат и на парламент, смета Петрески.
Инаку заклучно со месец септември во Охрид остварени се 426.603 ноќевања од кои над 389.320 во поголемите туристички објекти. Што се однесува до туристичката такса прибрани се 10.816.00 денари.
- Имаме зголемување на наплатата во однос на минатата година од 17 %, но сепак проблемите со затајувањето на туристичката такса е сеуште присутен кај сите станоидвачи и приватните и е да се зголемат ингеренциите на инспекторите во делот на контролирање на станоиздавачите. Проблем се и дивите агенции кои се доста мобилни и за нив глобите треба да бидат многу поголеми, вели Танас Танасоски, раководител на Инспекторатот при Општина Охрид.
Супер радио
ohridON
http://www.ohridon.com/m-vesti/6943-2011-11-18-14-26-43.html