Малку е чудно објаснувањето. Ако јас сум Голем мајстор на голема ложа,како може без мое присуство да се заседава во друга држава за мојата ложа и притоа јас да немам право на приговор и слично. Некако е на сила и од тие причини мислам дека настанале проблемите. Тоа е исто како во спорот со Грција, без оглед на тоа што ние сме во право, таму некој посилен не мисли така. Очигледно е дека тогашниот Голем Мајстор на Југославија одлично си ја вршел работата и ја ширел масонеријата низ целиот Балкан. Па да не бил тој Зоран Ненезик кој е разрешен никогаш и нашите масони ќе немале можност да станат членови. Многу е сувопарно да се верува само на тоа што е пишано како наредба од Големата ложа во Германија.
Не мора да е присутен Големиот Мајстор за да заседава Големото Собрание на Ложата. Големото Собрание е над Големиот Мајстор и има право да го смени. Масонскиот устав е тоа според што се водат членовите, а не што звучи и изгледа чудно... Тогашниот Голем Мајстор на Југославија, има доста спорна репутација и токму затоа и е исклучен (учество во бившите служби, проневера на средства итн.). Колку до ширењето на масонеријата на Балканот - ни оддалеку не е негова заслуга, иако тој во своите книги (потоа цитирани од други) се обидува тоа да го прикаже така. Во Македонија конкретно - најзаслужна е УГЛЕ.
--- надополнето: Nov 18, 2011 12:45 AM ---
Пред да упатам критики поради половата дискриминација за членство, сепак да напоменам дека немам аспирации за членување во организации од сличен тип поради некои сопствени убедувања, а според изнесените ставови како сопругите, ќерките треба да бидат само поддршка на своите сопрузи, татковци и браќа и под нивна супервизија во работите кои ги обавуваат остава простор за размислување и во насока на полова доминација версус субординантност јасно во која насока. Дури ете и самиот Груевски имаше објавено како им се даваат ракавици како да е тоа некој огромен чин на почит ова е моја интерпретација и толкување. И да станува збор за комплетно доделување на регалиите само колку за фигуративно учество на некои свечености сепак говорам според мене има малку и навредлив елемент, не би правела компарации кои сигурно ќе звучат недолично, јасно е сигурно на што алудирам.
Чинот со ракавиците и воопшто коментарот за поддршката не се однесува на конкретна поддршка на ложите (во смисла - не работат жените за ложите), туку се однесува на поддршката што ја даваат на своите сопрузи да бидат дел од масонеријата (што одзема време, а тоа значи време кое треба да се помине одвоен од семејството). Колку до супервизијата - тоа се однесува само на Order of the Eastern Star, ред кој е пред се активен во Северна Америка - и реално, е повеќе социјален клуб, отколку некаква езотеричка организација, така што нема релевантност. Воопшто не станува збор за полова дискриминација, ниту пак за потчинетост, уште помалку за сметање дека жените не се доволно способни на било кој начин. Учеството на свеченостите е пред се заради тоа што тоа се јавни собири, на кои е сосема нормално човек да присуствува со својот партнер. Ако една жена е член на Ротари, кога има официјална вечера, таа е придружувана од својот сопруг - не затоа што тоа е некакво фигуративно присуство, туку затоа што е настан на кој одат и двајцата... вакви настани има речиси во секоја фирма, организација, клуб - нема никаква дискриминаторска конотација!
И во секој случај повикувањето само на традицијата и не ми изгледа како доволен аргумент, јасно ми е дека пред 300 год. имало доволно причини да се размислува во овој правец, но ако масонеријата е толку насочена кон егалитарноста и кон развојот на единките и на заедницата дали во современи услови треба да и биде припишана предрасуда околу полот на членството?! Искрено, што ако сопругата или ќерката на одреден масон е морално и научно понапред од масонот чија поддршка треба да биде, само ете за да биде таа рамноправен член упс-погрешен ...пол! Знам дека низ темава е нашироко дискутирано ова, сепак сакав и сама да изразам став, кој не барам ни да биде образложуван, бидејќи сметам дека веќе доволно е сторено истото.
Сум видел многу случаи во кои ќерката или сопругата на масон е морално и научно над него. Не гледам пречка таа да не членува во ЛДХ или во женски масонски ложи, ако тоа е нејзин интерес. Истотака не гледам причина традиционалната регуларна масонерија да ги менува своите принципи на постоење... Разбирам дека многумина имаат проблем со тоа - но токму затоа пред некој да се зачлени во ложата, мора да има формално одобрување од страна на партнерот - токму за да нема подоцна недоразбирања од овој вид. Некои жени имаат проблем со ова, некои немаат.
-Најпрво околу прифатениот начин на пресметување на времето од страна на масонеријата според кој сега е 6011 год. од настанокот на светот, како ова кореспондира со тоа дека само луѓето постојат над 200.000 год. без да го рачунаме постоењето на други понесовршени облици на
живот стари и милиони години?
Не знам дали го објаснив ова веќе... пресметувањето на времето не е од ритуално, ниту од езотеричко значење. Има чисто симболичко значење и е повеќе "внатрешен штос", отколку нешто друго. Ниеден масон ако го прашате која година е, нема да ви каже 6011. Причината за конкретното броење на времето е тоа што во 17-тиот век, Џејмс Ушер, пресметува дека настанокот на светот според Библијата, се случил 4000 години пред Христа. Бидејќи, во Книгата Битие во Библијата, во третиот стих се спомнува познатото "Нека биде Светлина", масонеријата почнува да го употребува тоа како симболичко мерење на времето од моментот во кој светот добива светлина, па до денес - "Anno Lucis" (година на светлината). Нема апсолутни никаква историска, социјална или било каква друга конотација или важност. Во конкретниов случај, луѓето бараат некоја длабока смисла, таму каде што реално ја нема.
-Понатаму како слободните ѕидари го доведуваат во врска своето постоење на овие простори со богомилството кое меѓу другото ги изедначува половите меѓу себе додека за масонеријата и не би рекла дека има ваков став? Од друга страна нели самото богомилство наголемо е доведувано во директна врска со манихејството кое има дуалистичка природа наспроти монотеизмот како една од основните детерминанти за влез во масонеријата?
Масонеријата ги изедначува половите и не прави дискриминација. Тоа што не прима жени, не значи дека дискриминира кон жените. Тоа се две сосема различни работи. Како што спомна и Somoteitbe, дали ако не се дозволи на маж да се натпреварува во женска атлетика тоа ќе го сметаме за дискриминација кон мажите?! Одвојувањето не секогаш е мотивирано од дискриминација.
Теории за врската на богомилството со масонеријата многу, докази и конкретни објаснувања малку. Реално, масонеријата нема многу врска со масонеријата, иако многу масони на овие простори, во некаков историско-романтичен занес се обидуваат да тврдат поинаку. Да не грешам душа - и јас пред години имав слични идеи, се додека не почнав сериозно да се занимавам со проучување на таа тематика, што ми ги разби сите тие измислени илузии. Можеби некои филозофски аспекти се слични, но тие се исто така слични и со Будизмот, Конфучијанството, филозофските учења на Ацтеките итн... не значи дека некој од некого потекнува, или дека некој од некого позајмувал, а дека сите содржат во себе некакви универзални вредности кои се појавуваат насекаде.
-Ме интересира дали по Јорк орденот масонски Витез Темплар е можно да стане и припадник на муслиманска или хинду и нејм ит останата религија надвор од границите на христијанските?
Зависи каде. Во некои Јорк редови - Темпларите се строго ограничени на Христијани, додека во други, се бара членот да декларира дека ќе се залага за одбрана на верата на Христос од нејзините непријатели. Тоа реално, не исклучува припадници на други религии. Сепак - знам за многу малку нехристијани кои се членови на Темпларите.
-Дали е можно истовремено членување на масони и во Бохемијан грув, Скалс‘н‘Боунс, Трилатерална или Билдерберг или било која од организациите од овој тип? Дали се познати случаеви на паралелно членство досега?
Со Бохемиан Гроув би имало малку проблем, заради разликата во фундаменталните постаменти за моралот. Со останатите, не гледам пречка, затоа што претставуваат политичко-економско-социјални групи, а не идеолошки организации (односно, немаат морален аспект и критериум кон сопственото членство).
Знам дека низ темава имаше коментари како некои лица се дел од некоја од овие организации, но дали има услови за членство во неколку од нив?
Не би требало да претставува проблем. Не се поврзани со Масонеријата во секој случај, немаат допирни точки. Членување во било која од другите и во масонеријата е како да се членува во шаховски клуб и масонеријата. Нема начин да има пресечна точка меѓу двете.
-Споменато беше дека Казанова бил масон не ме заинтересирал досега толку неговиот лик и дело од аспект на проучување, меѓутоа дали сметате дека бил репер за висока морална чистота кон која тежнее масонеријата,
бидејќи и сами сте го употребиле терминот плејбој за него, ако не сум во заблуда?
Да. Казанова е доста спорна личност. Иако има дадено доста интересни објаснувања за езотеричките аспекти на масонеријата во своите пишувања, сепак, ако денес треба да гласам за негов прием, јас лично веројатно би го одбил.
-Дали навистина во Бостонската чајанка (Boston Tea Party) учествувале и масони?
Да.
-Дали постои веројатност да се формира да речеме тајна организација на Илуминати или не мора да се тие кои ќе бидат директно инволвирани во светската политика притоа масонеријата да нема поим за нивното постоење?
Ако некој утре реши во Скопје да формира таен клуб кој ќе го нарече Илуминати, тоа си е негов проблем. Дали тој клуб ќе биде навистина здружение на Илуминати во историски контекст на тој поим, е сосема друга работа. Моите коментари во темава, во врска со Илуминатите, се однесуваат на здружението од 18тиот век, кое има масонски корени, престанува да постои и реално никогаш не е обновено. Луѓето денес за да придадат значење на себе си и на своите друштва, многу сакаат да ги крштеваат со разно разни историски референци, од Розенкројцери (има над 30 такви здруженија), Темплари (барем 10-тина), Илуминати (има барем 3 организации за кои јас знам кои себе си се нарекуваат така), и што ли уште не... Секој има право да си лечи комплекси на свој начин. Тоа не му дава легимитет.
-Дали Хесе бил масон бидејќи иако ,,Играта на стаклените перли(мониста),, (едно од најдобрите дела во литературата според мене лично) е фикција некои нешта ми создаваат асоцијации во таа насока (иако напоменувам за сите читатели на дела исклучиво поврзани со масонеријата ова не е такво дело)?
Читајќи Хесе, би се заколнал дека е масон... сепак, нема апсолутно никаков материјален доказ дека бил, а и самиот тој никогаш не спомнал такво нешто. За време на нацистите, речиси сите архиви во Германија биле намерно уништени, но сепак, тој живеел доста време и по војната, а нема никаква референца за негово членување во масонска ложа (барем јас не сум нашол - може да грешам).