Кој не е со мене, е против мене и мора да се уништи,ова е еден од начините на кои владее Груевски, ова го вели во интервју за "Скај Македонија", Фијат Цановски. Урбаната мафија премиерот треба да ја бара во своите редови,вели опозицискиот пратеник тој. Сопственикот на Фине потенцира - Космос ќе се гради.
Sky.mk: Уривањето на Космос е како што вели власта,справување со урбаната мафија или пак е пресметка со неистомисленици?
Цаноски: Уривањето на деловно-станбениот објект Космос е пресметка на власта со политичките неистомисленици.Со ова власта сака да втера страв во коски на сите. Секому е јасно дека влегувањето,садистичкото уништување и минирањето на Космос не е од градежно-урбанистички мотиви. Жалам што цената на незаконското и самоволно дивеење на градоначалникот,инспекторката,аминувано од партиската врхушка ,повторно ќе го платат граѓаните. Во Космос,како и во целата досегашна моја работа сум ги почитувал законите.Јас не сум криминалец како што се обидоа некои медиуми ,по наредба на партискиот штаб да ме оцрнат.Инспекторите на УЈП ја прочешлаа целата документација и не најдоа ништо незаконско во моите бизниси и во потеклото на имотот. За ова добив и решение потпишано лично од Горан Трајковски.Дали некому му пречи дека сум торбеш?
Sky.mk: Некои институции Ве обвинуваат дека Космос е дивоградба.Кои се вашите аргументи?
Цаноски: Долго време се подготвував за овој проект. И се беше во ред додека бев дел од коалицијата што беше на власт. Промената на ДУП-от беше донесена ескпресно, и тоа јас го финансирав. Фирмата што го проектираше Космос е од Битола и е во сопственост на поранешниот министер за транспорт и врски и претседател на собраниската комисија за транспорт и врски,Јорго Шундовски.Тоа е човек кој најдобро ги познава законите,и затоа комплексот е проектиран според ДУП-от и во него се е регуларно.Многу е јасно кога настанаа проблемите.Власта кон крајот на ноември минатата година започна со притисокот врз А1 телевизија,чиј сопственик е мојот сват Велија Рамковски.
Сепак дозволата за градење ја добив на 24 декември 2010 ,а ден подоцна Велија беше уапсен. И потоа се случи нешто што веројатно го има само во рубриките ,,Верувале или не,,. На 23 јануари 2011, истиот орган што ми ја даде дозволата, истата ја прогласи за ништовна! Вакво нешто во праксата не постои.Ист орган да ви даде дозвола и по еден месец да ви ја одземе. Поднесов жалба до второстепена комисија и настана - молк. И тоа траеше до потребата од 80 гласови во Собранието за да се изгласа Закон од правосудната сфера.Премиерот побара од мене да го гласам законот и ми вети дека ќе изврши притисок врз министерот за сообраќај и врски дозволата за градба да ми биде вратена. И ми беше вратена, но дури откако јас го исполнив "долгот", еден ден откако гласав за споменатиот закон.Не се точни тврдењата на градоначалникот дека има поместување на градбата од проектот! Таму нема кота од која би се мерело .Во Протоколот за вовед во градба ,покрај маркицата,напишани се и хоризонталните коти,но не и вертикалните.Ние не ги знаеме вистинските коти,затоа што ниту општината не ги знае.Височината во тој случај,според прописите се зема од постојната влезна улица која е изведена,и по неа ние сме 60 см. пониски од улицата а не повисоки од спротивната страна на булеварот ,каде што нема ниту влез,бидејќи таму е слепа улица.Тоа јасно се гледа во ДУП-от и во проектот.Ние како инвеститори баравме да не ни се дадат такви мерни коти а општината рече дека такви - нема. Оттаму, ние започнавме да градиме врз основа на котата на пристапната улица. Впрочем, тоа е таму и највисока кота, бидејќи, наокулу земјиштето има пад од 2,5 метри, што укажува дека во основа ние сме под нивото на дозволената градба.Ниту по Закон ниту по ДУП-от тие не смеат таму да мерат.Ова го констатираат и професорите од Архитектонскиот факултет. Тие во експертската анализа јасно кажуваат дека сите тврдења на општината се неточни и паушални,и сите преземени нивни дејства се незаконски.Значи општината ,а не јас ги крши законите.И уште еден пример како кај нас се работи.На Водно,околу Панорама, блиски луѓе на власта градат објекти.Таму од тротоарот па надолу има изградено по уште три спрата, но секако,силата и власта се кај нив. За нив важат други закони. Замислете кај нив паѓа теренот со 10 метри, за нив важи а за нас не важи таков закон.Со таква ли селективност Груевски ќе привлекува странски и домашни инвеститори.
Градоначалникот на Гази Баба,не го има прочитано ниту ДУП-от,на кој тој самиот ставил потпис,а од кој јасно се гледа дека јас работам според правила и прописи.
Градежна инспекторка, дошла на објектот на 30 мај и 31 мај.До инвеститорот, фирмата "ФИНЕ", не е доставен никаков записник, ниту забелешка .Инспекторката вели дека му прочитала записник на инженерот на терен, но тоа не е согласно на процедурата. Ние како инвеститори за тоа дека имаме проблем дознавме на 15 јулиСе чекаше да стигнеме до некоја височина, за штетата да биде поголема, како и трошоците за уривање.
За некои медиуми рековте дека градоначалникот Тони Трајковски ви побарал пари да му уплатите како аванс за да ги исплати платите во општината.Ве обвинува дека не сте ги платиле ратите за комуналии. И дека ќе ви ја активира хипотеката.
Цаноски: Со општината имаме склучено договор,повторно потпишан од Тони Трајковски,дека комуналиите ќе ги плаќаме на 24 рати.Кон крајот на минатата година,како аванс за ратите за комуналии ,за да се исплатат општинарите уплатени се 10 милиони денари.Потоа уште 8 милиони и 176 илјади денари,и ратите,и тоа порано од договорениот термин во јануари,април и јуни.Во февруари и март дозволата за градба ми беше одземена. Досега компанијата која го градеше "Космос" има платено повеќе 131.000 евра за комуналии и се запазени законските рокови за исплата.И она што е многу значајно,а што општината и градоначалникот или не го знаат или намерно сакаат да го сокријат.Улиците не се проектирани,тие немаат ниту намер да ги проектираат,замислете не е започната ниту експропријацијата за земјата. А парите за комуналии се даваат за да се изведе целата структура за објектот,тоа значи улици,вода,струја,канализација,експропријација на земјата. Во овие две години од кога е донесен ДУП-от ,нема ,ама буквално ништо немаат направено,а бараат пари за рати,и Тони Трајковски излегува со партиски памфлети на прес-конференции.Него парите му требаат само за плати и нема намера никогаш овие работи да ги направи.
Во буџетот на гази Баба за ова има предвидено само мала сума пари,која ни оддалеку не е доволна за транспорт на машини за да почнат а не да се завршат сите работи.
Очигледно е дека се работи за мафијашка работа од страна на градоначалникот на гази Баба.Човекот треба да врати некој долг,а и сака да си се осигура за нареден градоначалнички мандат со тоа што спроведува слепо незаконски наредби,на прес конференции само чита кој што му напишал. Во оваа држава важат закони ,па тие важат и за Тони Трајковски.
Sky.mk: Нели е парадоксално,додека едни легализираат дивоградби за евро по квадрат,вашиот објект го рушат.
Цаноски: Kосмос не е дивоградба. Напротив тоа е инвестиција тешка 60 милиони евра ,најголема во последните години. И ваквите инвеститори се сметаат за големи пријатели и се ценети во секоја општина. И наместо тоа целата македонска јавност е сведок на незаконско самоволие.
Sky.mk: Рековте дека покрај тоа што мислите дека се работи за политичка пресметка,ова е обид да се спречи продажба на ефтини станови кои имаат реална вредност а не напумпани за да се заштити Вашата конкуренција.На кого мислевте?
Цаноски: Очигледно е дека Тони Трајковски ,работи под диктат на својот партиски шеф .Космос очигледно им попречи и на постојните инвеститори во градежништвото со цената која ја понудивме. Цената од 800 евра за квадрат во луксузен амбиент е многу пониска од онаа која се нуди во Скопје.Влегов во нечии интереси и шеми на политичари кои криејќи се зад други фирми градат и продаваат поскапи станови. Посебно, им засметав на оние кои требале да градат во Ќерамидница, бидејќи потенцијалните, засега фантомски градители, сметале дека со култивирање на тој реон би можеле да добијат многу повисоки цени а заработувачката би била најголема токму кај земјиштето. А тоа се луѓе од највисокиот партиски врв.Тука премиерот треба да ја бара градежната мафија.
Sky.mk: Добивте ли подршка од опозицијата и дали ќе продолжите да настапувате како дел од опозицијата?
Цаноски: Јас ја имам подршката пред се од граѓаните на Република Македонија и од купувачите на становите во Космос.Тие ме бодрат,никој не ги побара парите назад,сите сакаат Космос да биде изграден.Подршката ја имам од опозицискиот фронт бидејќи сите ја разгледаа докумантацијата и дека уриваат без доказ и ги кршат Законите.Со ова нема да ме уплашат, јас со пратеничката група на ПЕИ продолжуваме да дејствуваме како опозиција.Иако пораката им беше јасна,Космос ќе се изгради на време, а со градоначалникот,инспекторката и сите кои се вмешани во ова злодело ќе се видиме на суд. Правдата ќе ја докажам,а нивното место ќе биде зад решетки.