Каде ќе се урне сателитот на НАСА? Сателитот УАРС ќе прелета и над Македонија. Во Италија апели граѓаните да си седат дома. [Каде ќе се урне сателитот на НАСА?] Голем како автобус, ита кон Земјата со брзина од над 20 илјади километри на час. Расипаниот истражувачки сателит е се поблиску до Земјата, но астрономите се уште не се сигурни колку делови од него ќе стигнат до тлото. Во еден дел од својот прелет сателитот УАРС ќе помине над Македонија. Канал 5 консултираше македонски астрономи кои тврдат дека нема никаква опасност од прелетот, но дека е можно ноќва да ја забележиме спектакуларната слика на сателитот како гори од атмосферата и со пламени јазици го крстосува небото. Анализите засега не открија колку и каде ќе паднат деловите од сателитот кој сигурно ќе се распадне. Проекциите се дека ќе се распадне на 150 делови, од кои 26 најголеми ќе горат, но нема да прегорат од триењето. Ќе бидат тешки до стотина килограми. Според проекцијата деловите ќе паднат во должина од околу 800 километри. Но каде не е познато. „Ова не е ретка појава. Годишно се случуваат по триесетина паѓања на сателити. Но реткост е волку голем сателит да паѓа. Ќе предизвика спектакуларна глетка. Ние постојано го следиме за да утврдиме дали некои делови нема да прегорат во атмосферата и ќе паднат до земјата“, изјави Бил Ајлор од Аероспејс, корпорација која ја следи патеката на УАРС. Научниците не очекуваат дека некој од над 7 - те милијарди жители на Земјата ќе биде погоден од парче сателит или научно кажано вселенски отпадок. Можноста за такво нешто е 1 спрема 32 илјади. Во историјата на вселенското истражување долго 40-тина, речиси 50 години имаме само еден единствен случај дел од сателит да погоди човек, рече Ајлор. Лоти Вилијамс е единствена, затоа што уште го чува грдото парче сателит кое ја удрило во рамото пред десет години. Го смета за среќна реликвија. Научниците засега тврдат дека никој нема да биде погоден од делови од сателитот УАРС кој е мртов и не функционира веќе 6 години, а претходно служел за анализа на високата атмосфера. Местото на падот ќе се знае два часа пред да се случи. Италијанските институции за заштита и спасување апелираа до жителите на Италија да не излегуваат вечерта токму поради прелетот на сателитот. Другите земји засега не реагираа.