Комунизмот, самиот по себе, според Карл Маркс, е анархистички систем, а по автоматизам и атеистички, бидејќи според Маркс, се ќе биде во рацете на пролетаријатот, нема да има друга власт на Земјата, а тука спаѓа и Божјата власт.
Ова е теоријата за комунизмот за сите антикомунисти и скептици кон комунизмот, дека комунизмот претставува еден вид болест, зло кое се заканува да завладее со светот, зло кое не признава ничија друга власт освен својата, па дури ни Божјата власт не ја признава.
Но важно е да се расчистат некои работи.
Социјализмот, кој владееше во поранешниот Советски Сојуз и Југославија, е преодна фаза кон комунизмот.
Првиот вистински комунистички систем кој некогаш бил воспоставен, а истовремено бил демократски и секуларен, но не и атеистички, е Париската Комуна која траела од 18 март 1871 до 28 мај 1871.
Оваа град-држава, наречена Париска Комуна, во период од нешто повеќе од 2 месеца, вовела социјалистички реформи кои се можеби најголемите остварувања на човештвото во битката за воведување на комунизам.
Голем дел од овие реформи не се непознати за нас бидејќи биле воведени и во поранешниот Советски Сојуз и во Југославија, како што се:
- воведување на секуларна држава, но не и отворено негирање на црквата, на религијата, постоењето на Бог и Божјата власт, што е примерот и со денешните демократии, меѓу кои спаѓа и Македонија;
- укинување на ноќните смени во стотиците пекари низ Париз, нешто вакво барем засега можеме само да го сонуваме во Македонија;
- одлагање на плаќањата на комерцијалните долгови, но уште поважно, укинувањето на каматите на долговите, нешто вакво е повеќе од неприфатливо за денешните банкари и лихвари, за нив кој и да се осмели на ваков потег, мора да биде запален на клада;
- воведување на правото работниците да ја превземат сопственоста врз фирмите во кои работат доколку сопственикот не се појави за да превземе одговорност околу одредени неправилности и незадоволства меѓу работниците, но дури и ако се случи работниците да ја превземат сопственоста врз фирмата, сепак сопственикот има право на соодветна компензација за изгубеното, ова последново со исплаќање компензација на сопственикот го немаше во поранешниот Советски Сојуз и во Југославија.
Грешките на социјалистичките диктатури во поранешниот Советски Сојуз и во Југославија е токму фактот дека во тие држави владееја социјалистички диктатури, а не социјалистички демократии.
Никаде не е пишано дека демократското општество мора да биде повеќепартиско, демократијата е изводлива и во еднопартиско општество, или уште подобро и во непартиско општество, како што го има замислено Маркс комунистичкото општество.
Уставите на државите во кои пишува дека државата која не е повеќепартиска истовремено не е и демократска, постојат исклучиво за да ги штитат интересите на политичките партии, а не и интересите на демократијата.
Всушност, токму поради повеќепартиското општествено уредување, загарантирано од самиот Устав на Република Македонија, денес во Република Македонија има толку многу партии кои што воопшто не и се познати на јавноста, поради што граѓаните на изборите најчесто гласаат за две од повеќето понудени опции на избирачките ливчиња, намерно не ги спомнувам за да не им правам бесплатен маркетинг.
Истовремено, Уставот на Република Македонија не предвидува никакви казни за политичките партии кои на било каков начин му имаат нанесено штета на уставниот поредок во Република Македонија, ниту пак предвидува било какви казни за членовите на истите тие политички партии кои ја имаат нанесено истата таа штета.
Од тука следува заклучокот дека уставите на државите најчесто, ако не и секогаш, ги штитат политичките партии, а од тука следува и заклучокот дека демократското општество може, но дефинитивно, не мора да биде повеќепартиско.
Од една страна, можеме да кажеме дека убаво живеевме за време на социјалистичките диктатури во поранешниот Советски Сојуз и во Југославија, бидејќи имаше работа, редовни плати, редовни пензии, редовна социјална помош и бесплатно здравство за секого.
Но кои луѓе раководеа со државата ?
Кои луѓе раководеа со фабриките ?
Кои луѓе раководеа со економијата ?
Очигледно погрешни луѓе ги држеа раководните места во државата, фабриките и економијата, бидејќи истите тие луѓе бркаа квантитет, а не квалитет.
Пример за тоа е фабриката за автомобили Застава во Крагујевац.
Еден американски автомобилистички експерт и историчар, кој во 1970-те и 1980-те години во повеќе наврати ја посетил Застава, не му го помнам името, во 2009 или 2010 во едно интервју спомна дека Застава имала огромен потенцијал и капацитет за да произведува најисправни и најквалитетни автомобили не само на Балканот, туку и во цела југоисточна Европа, кои дури и би можеле да им конкурираат на американските и западноевропските производители на автомобили, но сето ова за жал, завршило неуспешно бидејќи погрешни луѓе раководеле со фабриката.
Човекот во интервјуто вели дека во Застава работеле млади кадри, некои само со основно, некои со средно, а некои и со високо образование, но сите со одлични идеи за модернизација на фабриката, на производствените погони и на возилата, но не го исполнувале главниот услов за да им се даде дозвола да вршат промени во Застава - не биле членови на КПЈ и немале пријатели, роднини или било какви врски во КПЈ, поради што никогаш не напредувале во Застава и никогаш не дочекале да ги испробаат своите идеи во пракса!
Поради тоа, 101-от и Југото никогаш не претрпеа некои посериозни измени од гледна точка на квалитет, исто како и самата Застава.
Кристално иста беше ситуацијата во сите фабрики во Југославија, во економијата, како и во општественото уредување, функционери можеа да бидат исклучиво тие кои или се членови на КПЈ, или имаат пријатели, роднини или било какви врски во КПЈ и токму поради тоа, Југославија стигна до тоа дереџе до кое стигна, поради што на крајот заврши така како што заврши.
Но да се вратиме на Маркс.
Маркс вели дека кога едно општество ќе стане комунистичко, Комунистичката Партија ја губи својата функција и својата позиција во општеството, бидејќи сета власт ќе биде во рацете на пролетаријатот, по што следува укинување на Комунистичката Партија.
Од тука, ако го земеме во предвид фактот дека во поранешниот Советски Сојуз и во Југославија, а и денес во денешна Кина, Северна Кореја, Виетнам, Куба, како и други држави во кои социјалистичката диктатура до денешен ден е на власт, Комунистичката партија не беше укината, односно до денешен ден не е укината, следува заклучокот дека овие држави се далеку од комунистички, тоа се држави во кои до денешен ден владее социјалистичката диктатура, а не социјалистичката демократија, а повеќе од очигледен е фактот дека истата таа социјалистичка диктатура не планира да тежнее кон воведување на комунистичко општествено уредување.
Единствено за Куба, во документарните филмови, кубанскиот народ говори добро за браќата Фидел и Раул Кастро, но колку е демократско кубанското социјалистичко општество, ќе дознаеме дури откако овие браќа ќе се откажат од секаква власт во Куба, или по нивната смрт.
Баш денес прочитав на Интернет изданието на Би-Би-Си за Латинска Америка, вест во која пишуваше дека околу 30 дисиденти биле уапсени во Куба поради обид за организирање на штрајк со глад, наводно бил приведен, а потоа ослободен Гиљермо Фаринас, кого многумина го нарекуваат "кубанскиот Лех Валенса".
Нема да ме изненади доколку и на браќата Кастро во Куба им се случи истото што им се случи на Бен Али во Тунис, на Хосни Мубарак во Египет, како и на Моамер Гадафи во Либија, но доколку кубанскиот народ навистина е на страната на своите лидери, браќата Кастро, тогаш кубанскиот народ ќе излезе во нивна одбрана, а тоа ќе биде еден од најдемократските настани во поновата историја на Куба.
Мојот заклучок е следниот:
За да комунизмот успее како општествено уредување во една држава, без разлика дали ќе биде воведен по пат на државен удар или војна, или по пат на фер и демократски избори, комунистичкото општествено уредување мора да биде демократско и некорумпирано, за да ја ужива довербата на народот, бидејќи без довербата на народот, било кое општествено уредување е осудено на распаѓање, порано или подоцна.