„Домаќините закопани од Илиевски“
„ Има ли крај на сензациите на Македонците“
„Македонија го одигра највозбудливиот натпревар на Евробаскетот“
Вака светските медиуми го видоа синоќешниот успех на македонските кошаркари.
15 илјади навивачи на Литванија занемеа кога натпреварот заврши 67 - 65 за Македонија, коментираше BBC.
„Ова е едно од најголемите изненадувања во историјата на европските првенства, а натпреварот се гледаше и во белградските кафулиња, каде гостите навиваа како да игра репрезентацијата на Србија“, објавува б- 92.
„Македонските копја се долги и остри, формацијата цврста, а Александар сигурно ги надгледува од некој хеленисточки рај и со насмевка им дофрла „така ве учев“, коментира хрватски Спортнет, кој тренерот македонската репрезентација Марин Докузовски го нарекува „еден од најголемите војсководци на сите времиња“, кој своите походи ги насочил кон север, а македонските кошаркари за него се „ исто толку воини колку што се и кошаркари, борци колку што се и техничари, на кои едноставно не може да им се оддолее.
Шпанија ќе се соочи со Македонија в петок за место во финалето откако балканските новајлии го збришаа домаќинот Литванија во драматичното четвртфинале, објавува кошаркарскиот магазин „MVP ultimete basketball“ , во текстот под наслов „ Домаќините погребани од Илиевски“. Последниот кош на Илиевски им го одзел здивот на 15-те илјади присутни во Жалгирис арента во Каунас.
„Секоја чест на Македонците за секоја досегашна победа на шампионатот, но триумфот над моќната Литванија сепак е најголемо изненадување на целото натпреварување“, коментира РТС.
Неверојатниот поход на Македонија продолжува по победата во епската битка за паметење против Литванија која ги донесе во полуфуналето, е заклучокот во написот на веб страницата на Меѓународната кошаркарска федерација - ФИБА.
Македонија го шокира домаќинот Литванија во највозбудливиот натпревар и игра на нерви во историјата на Евробаскетот, објавува Националната кошаркарска асоцијација на САД- НБА на веб страницата.
Дневник ХР пак прашува – има ли крај на сензациите на Македонците. Иако веќе во првите два круга од Евробаскетот со победите над Хрватска, Грција и Словенија покажаа дека имаат добра екипа, малкумина беа тие што на Македонците им даваа некакви шанси против Литванија, пред полна сала со домашни навивачи во Каунас, пишуваат медиумите во Хрватска.
/
www.kanal5.com.mk