Си биле 3 чекани кои ја барале смислата на своето постоење. Се симнале тројца вонземјани, ги нашле овие чекани, ги земале во рака, но не знаеле за што служат, која е нивната цел. Тие не знаеле за што се создадени.
Првиот вонземјанин извадил тапан и почнал да чука со чеканот по него. Чеканот бил среќен што некој го употребува и за момент помислил дека ја пронашол смслата за своето постоење. По неколку удари вонземјанинот удрил малку посилно и го скршил тапанот. Се изнервирал и го фрлил чеканот. Чеканот се чувствувал тажно, разочарано, неисполнето.
Вториот вонземјанин го земал вториот чекан и почнал со него да крши гранки. Чеканот бил возбуден и среќен. Некој го држи, го употребува, удира со него по гранките итн. Чеканот едноставно не можел да се воздржи од среќа. Но на крајот од денот си останувал со чувството на неисполнетост, празнина. Удирањето по гранките му било интересно, но не и доволно. Нешто недостасувало. Вонземјанинот нашол секира, видел дека со неа може подобро да сече гранки и го фрлил чеканот. Чеканот се чувствувал тажно, разочарано, неисполнето.
Третиот вонземјанин го земал третиот чекан и со него заковал еден клинец. Чеканот блеснал од среќа, исполнетост и одеднаш почувствувал мир. Бил многу успешен во ковањето клинци и вонземјанинот бил задоволен со тој чекан, го вреднувал неспоредливо повеќе отколку другите вонземјани, го чистел, го чувал безбедно во својата кутија со алати. Овој чекан конечно ја открил смислата за своето постоење. Тој бил создаден за да заковува клинци. Тој бил среќен и континуирано исполнет кога го правел тоа.