Ценети во странство
Си завршил студии на Академијата за филм во Софија, но по завршувањето си останал да работиш во Бугарија. Зошто (подобри услови за работа, контакти...)?
- Навистина несвесно останав, никогаш не сум имал план да останам или да емигрирам некаде. Но веќе минаа многу години како работам тука и можам да кажам дека постојано сум затрупан со проекти, и таа динамика те понесува и не ти остава време да мислиш каде си, туку мислиш што правиш таму каде што си. Започнуваш едно, додека си го завршил дошло друго, па трето и додека си се завртил поминале 10 години. Изминатиот период имав можност да работам за сите познати продукции во Бугарија. Единственото нешто што го правам во Македонија, а го правам затоа што тоа е бизнисот на иднината кој не е врзан со локација, тоа е интернет-бизнисот. Мој проект, кој ми претставува задоволство да го работам и е на некој начин поврзан со тоа што работам професионално е единствениот македонски видеопортал
www.mesto.com.mk. Идејата е да се направи видеопортал на македонски на кој секој што има видео или сака да сподели интересно видео може да го направи на локален сајт и тоа да биде видено првенствено од локална публика. Отсекогаш ми се допаѓала кампањата за купување македонски производи, дури и во моментов на мојот телефон ја имам лепенката за македонски производи со сонцето.
Би се радувал моите успеси да стигнат и до Македонија и да започнам да работам на некој интересен проект во Македонија, и сето тоа што го правам тука да започнам да го правам таму за истите работи што ме врзаа тука 10 години да ме врзат во мојата родна држава.
Колку од македонските студенти во Софија се решаваат да останат таму да работат?
- Многумина од македонските студенти останаа, многумина заминаа на различни страни од светот, но голем дел се вратени и имаат успешни кариери во Македонија. Во Софија има многу Македонци кои работат во различни сфери и можам слободно да кажам дека сите се успешни во тоа што го работат. Ценет кадар сме тука, а и насекаде, според мене, затоа што сме работници и не се жалиме од работата, а тоа ни помага да успееме да дојдеме до највисоките позиции и да работиме за високи хонорари.
Пред петнаесетина години балканската телевизија беше преокупирана со латино-американски серии, па потоа со турски и понекоја хрватска, за првпат македонската публика има можност да види бугарска серија. Колку ваквите, таканаречени семејни серии, се тренд во Бугарија?
- Точно така, како на Балканот, така и во Бугарија последниве неколку години е преплавено со серии од различни држави и се вистински тренд гледајќи го рејтингот и популарноста. Семејните серии насекаде го имаат главниот телевизиски термин. Во Бугарија нова мода се домашните серии и интересно е тоа што „Стаклен дом“ ги потисна сите останати со самото појавување. Многу бргу стана хит-серија и придонесе снимањето серии да биде нова мода во телевизиската продукција во Бугарија. Пред „Стаклен дом“ беа направени неколку серии, но со слаб квалитет. Публиката научи да го цени квалитетот на продукцијата и проекти направени со малку пари и слаб професионализам се осудени на пропаст. Не случајно, според мене, токму „Стаклен дом“ е првата серија од Бугарија која е купена и се емитува и во Македонија. Во моментов со истата екипа работиме и на втората серија од која е снимена една сезона, тоа е серијата „Под превезот“, во која исто така сум режисер.
Ќе направам македонска серија
Би работел ли во Македонија и под кои услови?
- Со задоволство би работел, секако на секого му е желба да работи во сопствената држава доколку има реална можност. Би работел секаков вид продукција како што споменав, филмска, сериска, рекламна и единствен услов се професионалноста и коректноста, на што настојувам. Не би работел доколку не видам дека проектот има издржаност од аспект на тим кој го работи и финансиска конструкција реална без добро познатите во Македонија - компензации.
Колку си запознаен со македонската кинематографија?
- Со голем интерес следам како се развива македонската кинематографија. Причина повеќе да сум во тек со некој од работите е и тоа што многу мои пријатели, актери што студирале во Софија учествуваат во македонски продукции. Следам и какви се состојбите со телевизиската продукција и морам да признаам дека некако посакувам наскоро да се отвори можноста да се направи нешто големо и интересно во Македонија, нешто по моделот на „Стаклен дом“ што би било успешно и би било популарно надвор од државата.
Имаш ли можеби идеја да конкурираш во македонскиот Филмскиот фонд за поддршка на филм?
- Секако, амбицијата за филмската продукција е кај секој режисер. Очекувам да го препознаам вистинскиот момент и да започнам со реализацијата на нешто што во моментов го подготвувам, а тоа е долгометражен игран филм за кој имам идеја да го направам во македонска копродукција. Тоа би било интересно и убеден сум дека би било успешно како финален продукт, но затоа да не ги откриваме сите тајни, да оставиме нешто и за пријатните изненадувања кои допрва следуваат да бидат видени.
Скопје е дел од мене
Ти недостига ли Скопје?
- Ми недостига постојано. Иако е град со многу недостатоци, има некоја магија што не ти дозволува лесно да го заборавиш и постојано помислуваш на него. Тоа е мојот роден град и ја носам неговата енергија како дел од мене. Но кога конкретно би ги кажал работите што ми недостигаат најмногу, би започнал од највкусните кифлички со руска салата подготвени од мајка ми, релаксирачкиот и секогаш забавен риболов со татко ми, конструктивните мали кавги со брат ми, планинарењето со тетин ми, како и безбројните и бескрајните кафиња со пријателите. Последното е како заштитна марка за градот Скопје и тие дневни кафенца се нешто што му недостига на секој скопјанец што живее надвор од државата. Нема такво нешто никаде, и ако знаеш да уживаш во тоа толку едноставно пиење кафе, знаеш да уживаш во животот.
Софија има пазар на можности
Што е тоа што Софија ја прави подобро место за твоја професионална афирмација?
- Софија е мошне интересен град за живеење, и лесно човек ја засакува. Самата големина на градот, спојот на современото и топ-модерното донесено од светот со традиционалното и старото останато од векови наназад ја прави навистина убаво место за живеење. Секако, можностите кои ги нуди како пазар на кој работат многу продукции, многу рекламни агенции, пазар кој е конкурентен на европско ниво и каде што има постојано проекти на кои може да работиш и да се развиваш професионално. Не знам колку е познато во Македонија, но голем број холивудски продукции ја избираат Бугарија како место за снимање на нивните блокбастери. Би го споменал продолжението на легендарниот филм кој го лансира Арнолд Шварценегер, филмот „Конан“ кој ќе има премиера, а е снимен на падините на Витоша, крај Софија. Сето тоа беа мотивите да ја препознаам како интересно место со можности за работа, каде што е важно да се има желба за работа и работата си доаѓа. Процесот на развивање во оваа сфера никако не е лесен, но тука продуцентите постојано ја следат нашата работа и знаат да ја оценат вистински. Според мене, нема роден талент, талентот е мал процент кај секого, напорната работа и големата љубов кон професијата ги носат успехот и славата.
Лилјана ГРЏО ДАМОВСКА