Со денови во Египет се случуваат крвави немири.
Евакуирано семејството на египетскиот претседател, опозицијата тргна кон неговата резиденција
Членовите на семејството на египетскиот претседател Мохамед Морси, кои живеат во градот Ал-Заказик во провинцијата Ал--Шаркија, се евакуирани од нивниот дом под силно обезбедување, а во престолнината Каиро толпа од приврзаници на опозицијата тргнала кон неговата резиденција, пишуваа египетските медиуми.
Според достапните информации, властите го презеле овој чекор по масовните протести организирани во последните неколку часа пред домот на Мохамед Морси од младински групи кои се противат на политиката на претседателот.
Повеќепати агресивни групи момчиња се обиделе да го го пробијат полицискиот кордон, поставен пред куќата на семејството на Морси. Приврзаниците на радикалната организација „6-ти Април" и младинското крило на Насеритската партија и групи локални тинејџери фрлале камења вез куќата на Морси и ги нападнале полицајци што ја обезбедуваат.
За судири меѓу противниците на претседателот и полицијата во родното место на Марси, исток од земјата во кои има многу повредени, известува порталот al-Masry al -Yaum. Како што забележуваат египетските медиуми, судирите се карактеризираат со невидена „жестина".
Демонстрантите ги нападнале со камења припадниците на полицијата, ја блокирале улицата во близина на семејната куќа на претседателот, на што било возвратено со солзавец. Во информациите се наведува за 20 настрадани.
Луѓето коишто го блокираат семејниот дом на претседателот на Египет, протестираа против, според нив, пасивноста на органите и на претседателот да се спречат судирите од минатата ноќ во резиденцијата на шефот на државата во Каиро.
Ноќта кон четвртокот во претседателската палата во Каиро се судрија од една страна противниците на претседателот Мохамед Морси, коишто протестираат против донесувањето на новата Уставна декларација на земјата, и од друга страна неговите приврзаници.
Според последните извештаи, во судирите загинаа седум лица, а повеќе стотици се повредени. Претставниците на исламистичко движење Муслиманското братство, на кое му припаѓа претседателот Морси, соопштија дека шест од загинатите се приврзаници на претседателот.
Во меѓувреме, во четвртокот навечер три колони на приврзаници на опозицијата тргнале кон резиденцијата на шефот на државата во Каиро - дворецот „Ал-Итихад", каде што избија судирите минатата ноќ меѓу поддржувачите на исламистичката власт и приврзаниците на секуларната опозиција и организации.
Според египетските медиуми, во секоја колона има по најмалку неколку стотици луѓе. Во маршот на египетските либерали, кој започнал од џамијата „Ан-Нур" во каирскиот кварт Абасија, учествуваат и левичарските движења, како Социјалистичката револуционерна партија. Опозиционерите скандираат „Нашиот протест е мирен", пренесуваат медиумите. Сепак, се забележува дека демонстрантите носат и транспаренти испишани со порадикални повици, како „Луѓето сакаат промена на режимот" и „Револуција до победа".
Во моментов, сите правци што водат кон претседателската палата, се блокирани од кордони на Националната гарда, а преку улиците е растегната бодликава жица. Во кордони, и покрај забраната за одржување демонстрации во близина на палатата „Ал-Итихад", се собираат Египќаните коишто бараат измени во нацрт уставот усвоен од страна на претседателот Морси и организирањето референдум за новиот устав, кој е закажан за 15-ти декември.
Претходно исламистичкото движење Муслиманско братство издаде соопштение, обвинувајќи ги либералните партии за „заговор против избраниот претседател". Врховниот лидер на движењето, Мухамед Бадија, ги повика спротиставените страни на дијалог, за да се „спречи понатамошна ескалација на ситуацијата".
Поддржувачите на Муслиманско братство, коишто од минатата ноќ ја контролираат ситуацијата околу резиденцијата на шефот на државата, пред паѓањето на вечерта се повлекле од квартовите во непосредна близина на дворецот „Ал-Итихад"./крај/мф/сн