- Член од
- 13 август 2008
- Мислења
- 1.145
- Поени од реакции
- 893
Гратче ќе никне зад ФОН
Покрај луксузниот станбено-деловен комплекс со 562 стана во кои ќе живеат 4.000 жители, ќе се изгради и мост кај салата „Јане Сандански“
Изградбата на дел од луксузниот станбено-деловен комплекс, наречен „Космос“, на булеварот Војводина, во близина на Универзитетот ФОН, започна годинава во април. За потребите на овој комплекс ќе се изгради и мост, кој ќе оди од свиокот кај салата „Јане Сандански“ до другата страна на реката Вардар, кај населбата Ќерамидница.
Инвеститорот на овој комплекс, скопската фирма „Фине“ ДОО, која го изгради и објектот на ФОН, веќе распиша јавен повик за најповолен понудувач за изградба на големата зграда-седумнаесеткатница од комплексот, која ќе биде поделена на пет ламели, а ќе има повеќе посебни влезови. Ќе се гради и помалата зграда, која ќе биде поставена полукружно. Двете згради заедно ќе имаат околу 560 стана. Поголемата зграда зафаќа бруто-површина од околу 80.000, а помалата околу 40.000 квадратни метри. Изградбата на комплексот ќе чини околу 30 милиони евра.
- Станува збор за мини-град, во кој ќе живеат околу 4.000 жители, кои ќе го уживаат сиот комфор и услуги. Првпат во Македонија, со продажбата на становите оди и служба за услуги на граѓаните, која ќе им биде на располагање 24 часа. Оваа служба ќе се состои од обезбедување, поправки и одржување - нагласува Ардијан Амзовски, управител на фирмата „Фине“.
Амзовски објаснува дека долу во големата зграда ќе има деловни простории и шопинг-центар, а на последниот кат ќе има луксузен ресторан, кој ќе ротира и ќе биде со површина од 1.500.до 2.000 квадратни метри. Од него ќе може да се гледа целата панорама на Скопје. Во средишниот дел на овој последен кат ќе бидат сместени и фитнес-центар, базен и сауна за рекреација на станарите. Ќе има и детска градинка.
Меѓу двете згради, кои ќе бидат оддалечени 120 метри, ќе има парк и шеталиште.
Паркирањето е решено со две подземни гаражи од по два ката под подрумите на зградите, а странично од комплексот е предвидена и гаража на два ката со околу 562 паркинг-места, така што ќе бидат задоволени потребите на станарите.
Амзовски вели дека уште сега постои голем интерес за купување станови во овој комплекс.
- Има многу заинтересирани и 20 проценти од становите веќе се резервирани. Има станови од 50 до 120 метри квадратни, а се продаваат по цена од 1.000 евра за квадратен метар.
Изградбата на овој модерен комплекс ќе значи урбанизирање на населбата Ќерамидница, која досега беше едно од најзапуштените населени места во општината Гази Баба, иако на оддалеченост од само три километри до центарот.
Според Амзовски веќе се работи на инфраструктурата, односно на главниот пристапен пат до комплексот.
- Главната пристапна сообраќајница до комплексот се прави, а ќе се прави и мост од свиокот кај салата „Јане Сандански“, кој директно ќе води до станбено-деловниот комплекс - нагласи Амзовски.
Од Општина Гази Баба велат дека се надлежни за инфраструктурата, односно за уличките внатре во комплексот, но објаснија дека работите се' уште не почнале, бидејќи проектот не стигнал на разгледување во Општината Гази Баба.
- За изградба на главниот пристапен пат е надлежен Градот. Проектот за комплексот треба да стигне кај нас наредната неделата. Дури тогаш ќе можеме да зборуваме што и како ќе преземеме - најави Емилија Кипровска, портпарол во Општината Гази Баба.
Градските власти велат дека главната пристапна сообраќајница е во фаза на проектирање.
- Се' уште не можеме да кажеме ништо, ниту за тоа колку ќе не чини и колку ќе трае нејзината изградба, бидејќи се подготвува проектот за неа - вели Аљоша Шопар, раководител на Секторот за планирање и уредување на просторот во Градот.
Тој објасни дека мостот, кој ќе оди од свиокот од салата „Јане Сандански“ и ќе поминува од другата страна кон населбата Ќерамидница, нема суштинска врска со новиот станбено-деловен комплекс и е предвиден со Генералниот урбанистички план за град Скопје.
- За мостот допрва треба да се распишува оглас и рано е нешто да се каже попрецизно. Мостот ќе оди од спортската сала „Јане Сандански“ и поминува од другата страна на Ќерамидница. Притоа, едно парче оди од булеварот Гоце Делчев кај бензинската пумпа кај Скопски саем, друго парче се двои десно кон Кејот на реката Вардар до Универзитетот ФОН, односно комплексот, и трето парче се двои кон населбата Автокоманда - објаснува Шопар.
Според распишаниот оглас од инвеститорот, најповолниот понудувач големата зграда треба да ја изгради во рок од една година до карабина. Истиот изведувач можеби ќе ја гради и помалата зграда или евентуално би се распишувал нов тендер.
Што мислите за оваа инвестиција ?
Дали доколку сте во можност би купиле стан ?
Слушнав дека ако сега уплатите, метар квадратен го продаваат за 780 евра што е доста примамлива понуда.