Citizen Kane
Филм кој веројатно на поголемиот дел од вас им е познат, од многумина сметан за најдобриот некогаш снимен филм. Е сега од тоа не произлегува секогаш нешто добро, бидејќи кога со толку големи очекувања се одлучуваш да гледаш одреден филм, големи се шансите да бидеш разочаран. Затоа најдобро е да се тргнат сите тие работи на страна, и со ладна глава да се проследи филмот. Токму тоа јас и го направив со
CK.
Да почнам прво со тоа колку револуционерен е овој филм, кога станува збор за филмските ефекти. Снимен е во 1941 година, и претставува режисерско деби на големиот Orson Welles. Начинот на кој филмот е сниман и иновативните визуелни ефекти нема да ве остават рамнодушни, дури и за денешни стандарди претставуваат нешто посебно. А тоа што го направило филмот уште попривлечен за тогашната публика е главниот лик Charles Foster Kane, кој што по многу работи е сличен со вистинскиот медиумски тајкун William Randolph Hurst (оние поупатените знаат за кого станува збор, пионер на сензационалистичкото новинарство...).
Филмот започнува со смртта на Kane, и последниот збор кој што излегува од неговата уста - Rosebud.
Уредникот на еден весник е убеден дека позади тој збор, се крие нешто многу важно и на своите репортери им дава задача да го дознаат вистинското значење на тој збор. Како што напредува истрагата на еден од репортерите, толку повеќе дознаваме каква всушност била животната приказна на овој медиумски магнат. Со оглед на популарноста на зборот Rosebud, дури и ако не сте го гледале филмот веројатно претпоставувате каква е позадината, и која поука се извлекува на крајот.
Морам да напоменам дека не е нешто особено забавен филм (времетраењето на филмот е 2 часа) и не е многу лесен за гледање, но остава прилично добар впечаток (се разбира, in the end, токму тоа и го сакаме од филмовите

).
Морам да признаам дека иако не би можел да го сместам во моите најомилени филмови, имам огромна почит за
CK, со оглед на тоа што е еден од највлијателнитe филмови во кинематографската историја.
Мојата конечна оценка за Citizen Kane е 8/10