Јазикот е жива материја, не настанува во лабораторија, не може некој да го крои како ќе посака. Да, постојат норма, граматички, правописни, фонетски правила донесени врз основа на состојбата на јазикот во даден период кога се вршела таа кодификација. Не може да се нарече поинаку освен јазично лицемерие упорното негирање на зборови што се сеприсутни во јазикот, затоа што некому му звучат како да се туѓи. Дури и ако се со туѓо потекло, нивното присуство во говорениот јазик не може да се игнорира и насилно да се исфрлаат од пишаните форми.
Времето нѐ гази многу побрзо отколку што ги решаваме јазичните прашања и проблеми. Ниеден друг јазик во светот не се занимава со чистење зборови што се присутни меѓу зборувачите. Напротив, GLM (global language monitor) го прифати зборот викиликс како општа именка во англискиот јазик, во значење доверлива информација што брзо протекува во јавноста. Како критериум за прифаќањето на зборот, по само неколку месеци присуство на глобалната сцена, наведени се распространетоста меѓу зборувачите и фактот што во тие неколку месеци е употребен повеќе од 300 милиони пати само на Интернет.
Во англиските речници со реноме се прифатени зборови како unfriend (брише некого од листата пријатели; првично се однесува на „Фејсбук“), to tweet (твита, објавува кратка порака, првично се однесува на „Твитер“) или to google (гугла, пребарува на Интернет со Гугл) и секоја година се прифаќаат нови зборови што произлегуваат од разговорниот јазик, а се резултат на појавата на нови предмети и поими. Речници на англискиот јазик, како Оксфорд, без проблем и дилема толкуваат француски зборови што се навлезени во употреба и кај зборувачите од англиско говорно подрачје.
Mногу повеќе позитивни ефекти би добиле ако, наместо да чистиме зборови што секако се присутни во јазикот, се погрижиме новите што доаѓаат со развојот и со новото време да бидат соодветно приспособени. Зашто, откако еднаш ќе влезат во некоја форма, тешко се менуваат и се исправаат. А осиромашувањето на јазикот нема да донесе ништо добро освен револтирани генерации кои, за жал, тврдат дека полесно им е да се изразат на англиски.
Извор.
Искрено, жалам за процесот на уништување на македонскиот јазик, кој почна со сакатењето од страна на Блаже Конески, кој еден дијалект го издигна на ниво на стандарден јазик, а другите ги анатемиса како српски или бугарски. Е, тоа беше уништување на јазикот, кое јас не го прифаќам и секогаш употребувам зборови карактеристични за дијалектот од каде потекнувам. Зборовите, колку и да се тие блиски до оние на соседните јазици, се богатство на еден јазик и еден народ. Ние се однесуваме кон нив како да ни се најголеми непријатели.