1. На која возраст можам да започнам да дарувам крв?
Секое здраво лице на возраст од 18 до 65 години може да дарува крв.
2. Дали треба да бидам јаден пред дарувањето?
Пред дарувањето пожелно е да јадете лесен оброк (кифла, геврек..). Доколку претходно сте јаделе помасен оброк, не ќе бидеме во можност да добиеме квалитетна крв и крвни продукти од крвта што сте ја дарувале.
3. Во што се состои прегледот пред дарувањето?
Пополнувате прашалник за дарител на крв во кој прашањата се однесуваат за Вашето здравје, прележани болести и животни навики. Со боцкање од прст се зема капка крв и се проверува нивото на хемоглобинот во крвта. Потоа следи разговор со лекарот кој ќе Ви мери крвен притисок и ја слуша работата на срцето.
4. Дали се тестира крвта?
Да. Крвта се испитува за присуство на заразни заболувања преносливи со крв - жолтица Б и Ц, сифилис, сида. Секоја единица на крв која била позитивна на било кој од овие тестови безбедно се уништува. Освен ова се одредува крвна група, Rh фактор и антитела кај секоја единица крв.
5. Што се случува понатаму со резултатите од тие тестирања?
Сите резултати од тестирањата се достапни за увид само на дарителот и на медицинските лица кои непосредно ги изведуваат тие тестови или се одговорни за контрола на квалитетот на добиените крвни компоненти, т.е. има апсолутна анонимност и дискреција. Лицата кај кои се утврдило дека било кој тест од оние наменети за заразни болести преносливи со крв е позитивен, се повикуваат по писмен пат да дојдат за повторно тестирање или за упатување во некоја друга институција која е задолжена за лекување или дополнително испитување.
6. Дали со дарувањето крв може да се заразам?
Со дарувањето крв не може да се заразите, бидејќи сетот за дарување е стерилен и е за една употреба.
7. Дали боли убодот од иглата?
Нашиот персонал е добро обучен така што убодот од иглата нема да Ве боли ништо повеќе од убодот при земање на крв за било која анализа на крв.
8. Дали се чувствува иглата додека е во вената?
Иглата не се чувствува додека е во вената.
9. Колку долго трае самото дарување на крв?
Дарувањето трае околу 5 - 10 минути.
10. Колкаво количество на крв се дарува?
Се дарува 450 мл. крв. Сакаме да Ве потсетиме дека човек со околу 70 кг. има околу 5 литри крв. Постои и можност при строго одредени услови да се дарува и помала количина на крв, на пример 350 мл, што се врши во кеси наменети за таа намена.
11. За колку време се надоместува даруваната крв?
Течниот дел од крвта - плазма се надоместува за 24 часа. Крвните клетки (еритроцити, тромбоцити, леукоцити) се надоместуваат постепено во текот на неколку недели, во зависност од видот на клетките. Затоа е задададен временски интервал помеѓу две дарувања од 3 месеци за мажи и 4 месеци за жени.
12. Како ќе се чувствувам по дарувањето?
Вообичаено дарителите не чувствуваат никакви потешкотии или промени за време на или после дарувањето. Некои дарители се чувствуваат дури и подобро и олеснето од колку пред дарувањето. Сепак незначителен број на дарители може да почувствуваат лесна непријатност или мачнина. Тоа не треба да Ве загрижува, зошто таквите појави се минливи и без последици. Лекарот ќе Ве советува како да постапите при појава на таква реакција.
13. Дали може по дарувањето да ги изведувам секојдневните активности?
Може да ги изведувате Вашите секојдневни активности. Сепак лицата кои се занимават со тешки и опасни работи, мора да внимаваат во текот на следните 2 дена. Има професии кои бараат крводарителот да биде отсатен од работа во тек на 12 до 72 часа, во зависност од природата на самата професија. Запомнете дека не смее да се пуши цигара најмалку 30 минути до 2 часа, алкохол не смее да се конзумира најмалку 8-12 часа, особено не на празен желудник и пожелно е да се конзумира повеќе вода или сокови во текот на истиот ден.
14. Дали има и други видови на дарувања?
Да, постојат така наречени алтернативни начини на крводарување, како што се на пример дарувањето по пат на афереза, автологно дарување, предоперативна нормоволемична хемодилуција и интраоперативна и постоперативна крвна салважа. Со постапката наречена афереза крвта на дарителот минува низ машина-клеточен сепаратор со цел да се одделат крвните елементи-плазма и разни видови клетки (тромбоцити, леукоцити, еритроцити), така што за терапија се користи само оној дел кој е потребен, а останатиот дел од крвта се враќа на дарителот. При автологно дарување (при планирани операции) пациентот дарува крв и крвни компоненти за себе. Крвта што ја дарува пред оперативниот зафат се чува во трансфузиолошката служба. Таа е наменета исклучиво за пациентот кој ја дал и за време на операцијата ја прима истата. Другите видови на алтернативно дарување се случуваат во операциона сала кај пациенти кај кои постои индикација да се спроведе истото.