МПЦ избира светци
Дали првите прогласени светци на МПЦ ќе се слават само локално или нивните имиња ќе се најдат во верските календари на помесните православни цркви?
Билјана Јовановска
Македонската православна црква ги почна активностите за прогласување светци. Специјална комисија ги прибира искуствата од другите православни цркви, се размислува за критериумите за прогласување, а епархиите имаат можност да даваат свои предлог-кандидати. Засега се проучуваат животите на двајца духовници, епископот Гаврил Светогорец и архимандритот Јоаникиј Ракотински, а реално е да се очекува тие да бидат првите прогласени светци од Македонската православна црква. Дали ќе се слават само локално или нивните имиња ќе се најдат во верските календари на помесните православни цркви ќе зависи од многу нешта, пред се', од признавањето на автокефалниот статус на МПЦ што ни го оспоруваат.
До пред извесно време во нашата Црква беше присутна дилемата колкава да биде временската дистанца од смртта до прогласувањето за светец. Во православието нема некое унифицирано правило и владее големо разнообразност. Српската православна црква, на пример, не чека да минат повеќе децении за своите истакнати духовници да ги прогласи за светци и целиот процес на прогласување е многу едноставен. Епархиите даваат предлози и Соборот на СПЦ го врши прогласувањето многу брзо по смртта, често за 10 или за 20 години. Руската православна црква има многу построги критериуми и за некој да биде прогласен за светец се неопходни 60 години од смртта, што во практика значи дека една цела генерација што го познавала нема да е меѓу живите.
И кај нас имаше разногласија во Синодот - некои беа за побрза постапка, додека повеќето инсистираа таа да има над половина век дистанца. По посетата на двајца авторитети за канонизација од Руската православна црква, сега е извесно дека и МПЦ ќе ги прифати построгите правила што предвидуваат временски период од 60 години од смртта на кандидатот за светец. До скоро меѓу дел од македонските владици беше многу актуелен романскиот модел за канонизација, дури нивната регулатива беше преведена и на македонски јазик, но во неа претежнуваа романски обележја што не се карактеристични и за нашата Црква.
Во случај Комисијата за канонизација при МПЦ да не се согласи со некој предлог, прецизирано е тој воопшто да не се разгледува од Синодот. А ако нема предлози од епархиите, за Комисијата нема работа. Според митрополитот пелагониско-преспански Петар, претседател на Комисијата, тие се се' уште отворени за предлози од сите епархии, меѓутоа, активностите се насочени кон двајца кандидати - епископот Гаврил Светогорец и архимандритот Јоаникиј Ракотински. Вели дека прогласувањето не смее да оди ниту брзо ниту брзоплето, ама не прецизира дали ќе оди во пакет, бидејќи првиот е починат пред дваесет години, а вториот во првата половина од минатиот век. Архимандритот Јоаникиј, практично, веќе го исполнува критериумот за дистанца од 60 години. Г. Петар појаснува дека е најважно кандидатите да живееле според правилата на верата, но за прогласување светци не е одлучувачки дали претрпеле маченичка смрт. За светци може да се прогласат и оние што биле убиени, ама само ако настрадале поради верата. За разлика од Католичката црква, чудата во православието не се неопходни за идните светци.
Еден митрополит на МПЦ долго време заговараше Карпош да биде прогласен за светец. Дилемата кај останатите во Синодот ја разрешија стручњаците за канонизација од РПЦ, кои појаснија дека при прогласувањето светец, мотивот за страдањето мора да биде верата, а не националното. Карпош бил голем верник, ја практикувал верата, меѓутоа, причините за неговото страдање биле поинакви.
Во Црквата на нашиот северен сосед голема полемика предизвика канонизацијата на Јустин Поповиќ и Николај Велимировиќ, кога требаше да се изврши прогласувањето за светци. Имаше многу поддржувачи и противници, а патријархот Павле, кој беше познат како исклучителен духовник и ловец на овоземските грешки на духовниците, за Велимировиќ имаше многу забелешки. Запаметена е неговата изјава дека отец Николај „пиел, пушел, а богами и лажел“, па, сепак, иако патријархот отворено се спротивставуваше, овој духовник стана светец во времето кога тој раководеше со Српската православна црква. Подоцна белградската црковна јавност коментираше дека оние што се прогласуваат за светци повеќе придонеле со својата рафинирана богословска мисла, отколку со својот аскетски живот. А дека идните светци можат да станат и мост за соединување на две раскарани цркви покажа канонизацијата на царското семејство Романови. Култот кон ова семејство бил особено силен во Руската задгранична црква, и тоа многу пред официјалната Руска православна црква да ги испочитува како маченици. Бидејќи се ближел моментот на доближувањето на двете цркви, мудроста на руските патријарси била пресудна - тие не дозволија член на царското семејство да биде причина за раздор, па Романови ги прогласија за страстотерпци, односно оние што истрпеле страдања.
Дали и какви ќе бидат разногласијата меѓу нашиот епископат, рано е да се говори. Постапката за канонизација е на почеток, а ако останат на временската дистанца од 60 години, за 40 години, кога отец Гаврил Светогорец ќе може да биде прогласен за светец, составот на Синодот на МПЦ ќе биде поинаков и не е чудо во него да седат поинаку мислечки духовници.
Гаврил Светогорец си ја предвидел смртта
За епископот Гаврил Светогорец, познат и како Гаврил Лесновски, неоспорно е дека живеел аскетски живот во буквална смисла на зборот, ја предвидел сопствената смрт, а има и неколку чуда за кои сведоштвата од луѓето на кои им се имаат случено ги собира монашкото братство од Лесновскиот манастир. Ако правилата не се изменат, тогаш за негова канонизација ќе треба да минат најмалку уште 40 години.
Нераспаднатото тело на Јоаникиј Ракотински
Пишувани сведоштва има и за архимандритот Јоаникиј Ракотински, а освен животот посветен на молитвите и на Бога, интересно е дека по многу децении, при поместувањето на земјиштето во Ракотинци, било најдено неговото нераспаднато тело. И него, како и отец Гаврил, селаните го доживувале како многу духовен човек што им помагал