Пушењето ќе се казнува и на Нова Година
Пушењето казниво и на Нова Година
Откако ќе си ја честитате Новата Година веднаш изгаснете ги цигарите, бидејќи од полноќ на 1 јануари почнува примената на Законот за забрана на пушењето, а инспекциите нема да се поколебаат да ве казнат!
Државните инспектори се веќе на терен и ги предупредуваат угостителските објекти дека законот ќе биде стриктно применуван веќе во првите минути од 2010 година, пренесуваат агенциите.
„Државните пазарни инспектори во време на празници имаат одредено дежурства иако во намален број, така што не е исклучена можноста дека и од 1 јануари веднаш ќе бидат на терен“ изјави директорот на Државниот пазарен инспекторат, Сашо Јакимовски.
Министерот за здравство, Бујар Османи и министерот за економија Фатмир Бесими денеска уште еднаш ја истакнаа решителноста во борбата против пушењето како еден од најсмртносните пороци на денешницата.
„Ќе се изработи акционен план за дневните активности, оперативни активности на надлежните инспекторати од првиот час на имплементирање на Законот“, нагласи Османи.
„Се превидува стопроцентна забрана на пушењето во сите јавни објекти и простории. Медицинските факти и докази јасно покажуваат дека пушењето е поврзано со 25 причини за смртност и е фактор број еден во шест од осумте причини за смртност и факт е дека пушењето ќе ги убие половина од сегашните пушачи. Тргнувајќи од овие факти Законот треба да ги натера пушачите да се откажат од пушењето“, нагласи Османи.
Тој вели дека не само што со Законот се заштитува здравјето на граѓаните туку ќе се заштедат пари кои се трошат на лекување на болестите предизвикани токму од пушењето.
[SIZE=0.5][/SIZE]
Според анализите на Светската здравствена организација во светот се трошат 100 милијарди евра за лекување на болестите од пушењето. Османи вели дека ако овие бројки се сведат само на Македонија, тогаш тоа значи дека 80 милиони евра годишно Фондот за здравство одвојување за лекување на пушачи, пари кои би можеле да се пренаменат за осовременување на здравствените установи или за други потреби на граѓаните.
Министерот Бесими истакнува дека и покрај забелешките на Законот, тој нема да биде одложен и веднаш ќе се почне со негова ригорозна примена.
“Целосно ќе ги имплементираме Законот со цел да се постигне ефектот што сакаме со оваа иницијатива да се постигне во Македонија пред се за здравјето на граѓаните“, вели Бесими.
Во врска со укажувањата на угостителите дека со стапувањето на сила на законот, значително ќе се намали нивниот промет, Министерот за економија Фатмир Бесими вели дека овие импликации се краткорочни.
„Секако дека има и свои економски импликации во индустријата врз одреден сектор од економијата, тие се краткорочни. Доколку се пресметува нето ефектот врз јавните средства, врз економијата, тој ќе биде позитивен“ изјави Бесими.
Од идната година пушачите нема да можат да пушат во кафеани, кафе-барови, дискотеки, пабови, на стадиони, а во лето и во бавчите. Законот ќе дозволува пушење единствено на отворено, пред кафеаните. За правните лица се предвидени казни од 2.500 до 4.000 евра, а за физичките лица од 150 до 300 евра.
Извор