Македонската енциклопедија и националното достоинство
Стефан Влахов Мицов
Скандалот со македонската енциклопедија едновремено изнесе на виделина повеќе нешта: кризата на денешното македонско општество, надмоќта на политиката над науката, односот кон државните институции, апатијата на македонските соседи. За секој што мисли со сопствена глава е сосема јасно дека текстовите во енциклопедијата не беа вистинската причина за граѓанските реакции. Веднаш по свечената промоција немаше никакви реакции. Тие почнаа два дена подоцна, откако, непознато од каде (но тоа лесно може да се утврди) протекле информации дека американската и англиската амбасада биле незадоволни од текстовите за војната во 2001 година. Впрочем, и тие информации беа само повод и алиби за скандалот. Во меѓувреме, од енциклопедијата беа пуштени во продажба само 50 примероци од тиражот од 2.000 примероци. Оттука и прашањето: како за споменатите два дена лидерите на македонските Албанци прочитале 1871 страница од енциклопедијата со 9.000 одредници и кога успеале да се подготват за да почнат протести? Уште поглупави се тврдењата дека целата албанска заедница (голем дел од неа не ни знае македонски јазик) била незадоволна. Може да бидеш незадоволен од нешто ако добро се разбираш што е тоа. Објективно, лидерите на македонските Албанци се покажаа како поттикнувачи на етнички немири. Ако не беа нивните изјави, малкумина од нивните членови воопшто и ќе знаеја за енциклопедијата. Затоа не треба да се сокриваат зад обичните граѓани, туку да преземат одговорност за скандалот. Да ги видиме сега текстовите што предизвикале гнев кај нив. Тие се однесуваат на доселувањето на Албанците во Македонија, со нивното именување, со војната од 2001 година. Именувањето „Албанци“ за Албанците само по себе не е навредливо бидејќи тие меѓусебе така се нарекуваат. Во други држави, значи, на пример во Бугарија, тоа има негативен призвук.
Има такви зборови кои во различни земји имаат различно значење. На пример, името на рускиот премиер Путин. Во Русија тоа доаѓа од „пат“ и има нормално значење. Инаку, самиот Путин не би го носел. Во Бугарија, значи, тој збор има друга смисла. Е, треба ли Путин (аналогно на Албанците) да си го промени името затоа што на други јазици звучи двосмислено? Од друга страна, треба ли македонските лексикографи да не го регистрираат фактот дека едно име може да носи различен смисла? Тука нема место за навреда. Или, да го земеме фактот за албанското доаѓање во Македонија. Во енциклопедијата што излезе пред три години, прва општа и македонска, исто се одбележува дека „според пописот на населението и според турскиот тефтер од 1568 година во полошкиот регион населени места со чисто муслиманско население немало. Во Полог поорганизирано почнале да се населуваат жители на Албанија по 1690 година кога Турција решила, по војната со Австрија, да ја стабилизира ситуацијата во Македонија, каде што востанието на Карпош се уште траело“ (т. 1, стр. 32). За првпат името на Албанците се споменува во средината на 11 век, кога историчарот Михаил Аталиат говори за бунтот на Латините и Албанците во јужна Италија против Византија. Албанската историографија тврди дека Албанците се наследници на Илирите, но во нашиот случај и енциклопедијата МИ-АН и македонската енциклопедија на МАНУ пишуваат за Албанците во Македонија. Ако Албанците во Албанија се автохтони, тоа не значи дека се такви и на останатите делови на Балканскиот Полуостров, каде што ги гледаме денес. Исто како денешните турски малцинства во балканските држави да тврдат дека се автохтони иако е познато дека го следеле патот на османлиските завојувања од 14 век наваму. Ќе ви дадам уште еден пример од претходната енциклопедија: „Војната во Македонија што на 16 февруари 2001 година во с. Танушевци, блиску до македонско- југословенската граница на делот кон Косово, ја почнаа албански терористи. На овој ден екипа на телевизијата А1 од Скопје, која сакаше да сними репортажа за меѓуетничкиот живот во селото, беше заробена од припадниците на Ослободителната војска на Косово… Истиот ден кај селото дојде до вооружена престрелка на органите за безбедност на македонската граница и непознати вооружени лица во црни маскирни униформи – почна војната на албанските терористи од Косово и од Македонија против интегритетот на Република Македонија“ (т. 1, стр. 261). Внимавајте, по излегувањето на четиритомната енциклопедија немаше негаторски реакции на албанска страна, трудот доби и награда. Текстовите со иста содржина во енциклопедијата на МАНУ предизвикаа бунт. Можните оправдувања се дека првата енциклопедија, макар и составена од повеќе од 100 македонски професори и интелектуалци, се појави како издание на приватен издавач. А втората е издадена од државна институција. Впрочем, лидерите на македонските Албанци игнорантски изјавија дека се
чувствувале предадени од МАНУ како државна институција. Само што не се дистанцираа од паролите: : „Долу Македонија“ и „Умрете Македонци“ кренати од студентите на, исто така, Државниот универзитет во Тетово. Историската вистина не се менува со тоа кој и кога ја соопштува. Во 2001 година тогашниот генерален секретар на НАТО, Џорџ Робертсон, ги означи акциите против државните институции на Р. Македонија како дело на криминалци и терористи, со кои македонската држава требаше да се справи час поскоро. Заедно со тоа, значи, токму НАТО помогна за евакуацијата на терористите во Арачиново. Меѓу опколените беа 17 воени советници на американската компанија МПРИ. Како појаснување, тоа е водечка приватна компанија со седиште во Александрија, во државата Вирџинија. Таа наизменично присуствува на местата на раздор на Балканот уште од почетокот на 90-тите години на минатиот век. Тогаш во неа работеле 800 луѓе, поголемиот дел од нив поранешни високи офицери во американската армија. Според Шведската транснационална фондација за мир и истражувања за прогнозирање (ТПП), од крајот на септември 2001 година споменатата компанија ги обучувала како вооружените формации на албанските сепаратисти, така и националната армија на Р. Македонија. Парадоксално е што од 1998 година МПРИ ги потпомагала реформите во македонската армија за приближување кон стандардите на НАТО во рамките на „Програмата за стабилизација и асоцијација“. Во таа врска, текстот во енциклопедијата за искажаната поддршка од специјални делови од САД и од Велика Британија кон т.н. Армија за национално ослободување може да се прецизира. Но, суштината на фактот се зачувува. Затоа и Пол Вијвар, експерт за воени и разузнавачки прашања и портпарол на британската информативна група “Џејнс“, специјализирана за одбранбени и геостратешки истражувања, уште тогаш директно изјави: „Државниот департмент на САД и ЦРУ ги создадоа чудовиштата АСК и АНО и сега не можат да ги контролираат“ (14 март 2001 г.). Впрочем, за војната во 2001 година излегоа редица анализи и трудови на Запад и не во интерес на самите лидери на македонските Албанци, како и на нивните тогашни покровители, да се отвори денес широка дискусија на таа тема.
Како и секое човечко дело, македонската енциклопедија има недостатоци. На пример, не е дефинирана добро поврзаноста меѓу античките и средновековните Македонци. Сите што ги потенцираат непрецизните определби и неточностите забораваат, дека станува збор за крупен научен труд, кој што е плод на десетгодишни напори од страна на МАНУ и со учество на цветот на македонската наука, на интелектуалниот потенцијал на македонската нација во лицето на 265 автори и 25 редактори. Со огромните придонеси и со неизбежните пропусти, што ќе бидат отстранети, енциклопедијата е стожер и симбол на македонската независност. Само слепец, сепаратист или потплатен човек може да ја негира врската меѓу денешната борба за уставното име на државата со борбата за одбрана на македонскиот јазик, култура и историја. Македонската енциклопедија не е и не може да биде албанска, бугарска, грчка или српска. Таа е македонска енциклопедија, бидејќи ја содржи гледната точка на македонската нација за нејзината историја и култура. Затоа како крајна цел се жестоките реакции против неа во самата Р. Македонија и меѓу нејзините соседи.
Оттука произлегуваат редица тешки прашања. Првото е за лидерите на македонските Албанци. Како се чувствуваат тие: македонски Албанци или само Албанци? Затоа што разликата е огромна. Во последните десет години тие постојано мавтаат со американското знаме и ги фалат американските национални вредности. Но треба и во практика да учат од нив. Многумина американски конгресмени, сенатори се со германски, грчки, англиски, источноевропски и други етнички корени, но никој од нив не го става своето потекло над интересите на САД. Џорџ Буш, на пример, дури ги затегна односите со Германија во 2002-003 година во врска со војната во Ирак. Никој американски лидер со неамериканско етничко потекло не оди во државата од каде што потекнуваат неговите предци за да ја оцрнува државата во која е роден, како, на пример, Али Ахмети во Тирана. Некои лидери на македонските Албанци се прават поголеми Албанци од тие во Албанија. Според лидерот на вонпарламентарниот Национален демократски сојуз, Хисни Шаќири, кој беше коорганизатор на протестите, во Македонија „Албанците се уште се сметаат за малцинство, со што ние не се согласуваме“. Во математиката на Шаќири дваесетината проценти на македонските Албанци му изгледаат како мнозинство, на кое вистинското мнозинство треба да му се потчини. Мене не ми е познато дека при пишувањето на албанската историја биле правени консултации со македонското малцинство во Албанија.
Второто прашање е поврзано со однесувањето на македонските Албанци од МАНУ. Вистинскиот интелектуалец секогаш има став и не го менува заради конјуктурни причини. Ако имале забелешки на текстовите од енциклопедијата, требало да ги искажат јавно. А не да се откажуваат од учеството во неа со различни предлози, после да молчат, а денес слепо да им се покоруваат на етничките лидери. А какви интелектуалци ќе бидат шовинизираните до крај тетовски студенти и какви интелектуалци се нивните предавачи, кои ги обучуваат на омраза кон Македонците и кон државата во која што се родени?
Третиот проблем ја засега манипулацијата на политиката над науката. Куриозитетно е политичари да говорат за политизација на научна институција како МАНУ и да бараат оставки на нејзините раководители. Науката треба да се управува од научници, а ако на некој политичар не му се допаѓа како е претставен во енциклопедијата, треба да го премисли својот живот, а не текстовите напишани за него. Ако некој бил терорист, а подоцна се откажал од своето минато (ако тоа го направил во практика), енциклопедијата ќе го посочи и едното и другото. А имаат ли нешто заедничко со научната вистина паролите од типот: „Албанија со 5.000 години европска цивилизација“ или „Александар е Албанец“?
Следниот проблем е поврзан со кризата во дел од македонското општество. Некои македонски академици, професори, интелектуалци до толкава степен се партизирале и се исполниле со страст што фрлаат кал против енциклопедијата, а со тоа и против своето национално достоинство. Чиниш има некакво значење кој со колку реда е застапен и дали воопшто го има таму. Важно е да те има реално во науката, во уметноста, во културата. Денешната застапеност во која и да е енциклопедија не е гаранција за бесмртност. Обратно – може да бидеш пренебрегнуван од современиците, а да те вреднуваат потомците. Македонската историја е полна со такви херои. За да нема лични скандали, често во западните енциклопедии се вклучуваат само оние личности што заминале од овој свет. Друг проблем за македонското општество е неразликувањето и стравот. Разликата меѓу „став“ и „страв“ е само во една буква, но последиците се огромни. Отсуството на став е пречка за изградбата на граѓанско општество во Р. Македонија, а изобилното присуство на страв води до деградација на целата нација. Овие денови кога МАНУ и нејзината енциклопедија се распнати на крст, бугарската црковна општина во Мелбурн ја купила зградата на македонската црква „Свети Кирил и Методиј“ во градот за само осум илјади долари. Го искористила спорот меѓу различните крила на тамошната македонска емиграција. А, пак, бугарската емиграција во Монтреал е во процес на закупување на католичкиот храм во градот. По свое Дирекцијата за вероисповед во Софија испратила 10.000 евра подарок на храмот „Свети Атанасиј“ во македонското село Баранци. Во времето на бугарската експанзија, еден македонски професор оспори текст во енциклопедијата затоа што по востановувањето во 1878 г. бугарската држава имала територијални аспирации кон Македонија. Затоа, замислете си, немало „никакви историски докази“.
Со два збора, во денешното македонско општество се шират севозможни идејни и политички движења како пред сто години. Она што ни треба повеќе од кога било е еден нов Александар.