Има кој да мисли за нас
Министерството за економија преку кампања ќе ги едуцира граѓаните како да штедат струја. Од наредната година со реклами ќе ги бомбардираат граѓаните преку печатените и електронските медиуми, ќе се печатат и летоци со цел граѓаните да се информираат како да заштедат електрична енергија. За тие што не разбрале, ќе се печати и посебен прирачник со упатства кои апарати од домаќинството колку трошат и како може да заштедат енергија. Колку пари ќе се плати за едукација на граѓаните Министерството не кажува, бидејќи било деловна тајна. Посебна целна група ќе бидат децата во училиштата.
-Тоа е набавка која ќе ја реализираме заедно со државните компании ЕЛЕМ и МЕПСО. Ние не можеме да откриеме колку пари се предвидени за набавката, бидејќи тоа е деловна тајна. Кампањата ќе опфати и посета на училишта. Стручен кадар ќе оди по училиштата и ќе ги анимира децата за можностите за заштеда на електрична енергија. Станува збор за препораки за штедење електрична енергија и целта е да се промовираат различни начини за штедење струја - објаснуваат од Министерството за економија.
Според ресорот предвидено е кампањата да трае три месеци. Огласот трае до средината на идниот месец и по целата тендерска процедура кампањата можеби ќе се емитува последниот месец од зимата, кога потрошувачката на енергија е најголема.
- Најдобро е кампањата да биде брзо готова и да го опфати зимскиот период. Но, тоа не зависи од нас. Не знаеме кога точно ќе почне да се емитува бидејќи се' зависи од понудувачите и рокот кој тие ќе го побараат за реализација на кампањата - велат во ресорот.
Инаку, ова не е прв оглас за ваква кампања. Досега имало и други, но пропаднале. Првичната идеја, пред три години била државните компании ЕЛЕМ и МЕПСО заедно со ЕВН и Министерството за економија да ја реализираат оваа кампања. Откако не се договорија, ЕВН сама веќе реализираше една ваква кампања. Пред неколку години беше договорено четирите субјекти да одделат по 25.000 евра или вкупно 100.000 евра за реализација на првата фаза од оваа иста кампања.
Од ЕВН велат дека кампањата за разумно користење на енергијата ја почнале пред три години, со едукација на најмладите потрошувачи во основните училишта низ државата.
- Сега кампањата само ја проширивме кон пошироката јавност. Тоа е поради големото значење на енергијата во ова време, како и важноста за граѓаните да знаат како таа да се заштеди. Моќта е во рацете на граѓаните, од нив зависи, на пример, дали на празната соба и' треба темница или светло. Граѓаните најмногу ќе придонесат глобално за заштеда на енергијата и заштита на околината само преку индивидуален пристап за намалување на своите трошоци за енергија, односно преку штедење енергија и пари - изјави Ленче Карпузовска, раководител на одделот за комуникации во ЕВН.
Според експертите, енергетската ефикасност, која е топ-тема на светско ниво, кај нас се' уште е во својот зародиш. Според одредени истражувања повеќе од половината од граѓаните не знаат што значи терминот разумно користење на енергијата. А дури 83 отсто од нив не знаат што значат категориите А, Б, Ц, Д на апаратите за бела техника, кои всушност ја означуваат рационалната потрошувачка на енергија. Најголем проблем во ефикасната потрошувачка на електричната енергија во Македонија е тоа што голем дел од граѓаните, односно повеќе од половината од домаќинствата, се греат на струја. Енергетската ефикасност всушност значи да се потроши што помало количество енергенси, за да се добие исто количество енергија.
И квалитетните пердиња штедат енергија
На интернет-страницата на Министерството за економија од поодамна има кампања насловена „Штеди електрична енергија - инвестирај во својата иднина!“ На неа има препораки како се штеди струја.
Поставување регулатори на термостатите за парното греење, исклучување на сијалиците и на телевизорите, макар и неколку минути ако се напушта просторијата, да не се ладат и проветруваат просториите често, да се користи дневната светлина, прозорците, особено оние со еднослојно стакло ноќе да се прекриваат бидејќи влечат многу топлина, како и правилно да се поставуваат и да се користат апаратите за домаќинство.
Покрај овие препораки Министерството извлекува и други совети за граѓаните, на пример, каков материјал на перде или завеса заштедува енергија, препорачува и правилна изолација на вратите и на прозорците за да се редуцираат топлотните загуби, како и затворање на оџаците, бидејќи преку нив се одлевало големо количество топлина.
Веста е од Дневник иако заликува како да е од
The Onion