Според грубите пресметки, државата годишно губи најмалку 5 милиони евра поради немање лото и бинго. Од секое продадено лото-ливче, 4 отсто одат директно во буџетот, а по 15 отсто од остварената добивка од бинго. Приливи во државната каса би имало и врз основа на плаќања за лиценци за организирање игри на среќа, за паушални месечни давачки за автомат-клубови и казина и за посебни давачки за лото, инстант-лотарија, бинго и спортска. Тука треба да се спомене и данокот на добивка од 10 отсто, кој го плаќаат добитниците на игрите на среќа.
Министерството за финансии во 2007 година по донесувањето на новиот Закон за игри на среќа не и' ги продолжи лиценците за организирање лото и бинго на Лотарија на Македонија, чиј сопственик е „Фершпед“. Во меѓувреме, истекуваа роковите и на другите лиценци за автомат-клубовите и за казината. Како резултат на тоа, од некогашна Лотарија на Македонија досега без работа останаа околу 300 лица.