А.Д.”ЕВРОПА” датира од 1882 година, кога е формирана како занаетчиска работилница за производство на бонбони, локум и слични производи од шеќер, со дневни капацитети од 250 кг и пет вработени на 150 м² работна површина.
Опремата на работилницата во тоа време е многу скромна - бакарни казани (соѕидани од тули и глина) за производство на бонбонска маса и варење на локум, мермерни плочи за ладење на локумската маса и сл.
Освен инвестициите во поглед на механизацијата на производствените процеси, паралелно се води сметка за континуирано подобрување на квалитетот на производите, со ангажирање, во тоа време, на најдобрите мајстори во својата област.
Предвоената и воената состојба во земјата, во времето на двете светски војни, наметнува период на стагнација на работата на “ЕВРОПА”. Повоените години се период кога под отежнати услови се произведуваат само некои од производите.
Во 1952 година се дислоцира фабриката во “нови” претходно преадаптирани и приспособени простории што беше предуслов за делумна реализација на веќе изготвената инвестициска програма и набавка на нова опрема за производство на: бонбони, карамели и технологија во сите фази за производство на чоколада (пржење на какао-зрното, подготовка на какао-масата, кончирање на чоколадната маса, темперирање и лиење).