Груевски: Предлогот за промена на министерот за финансии Трајко Славески не е поврзана со негово незаконско работење или неспособност, туку поради потреба од зајакнување на таа институција
Со Трајко Славевски соработувам на еден или на друг начин од 1998 година, значи цели 10 години, речиси без прекин. Соработката беше во различни својства - како колеги министри, како мој советник кога бев министер за финансии, како човек кого што го предложив за член на раководството на партијата во која членуваме, а подоцна и за потпретседател, како министер и член на Владата со која раководам.
Во целиов овој период имавме многу заеднички проекти, од кои поголем дел ги завршивме со успех. Се разбира, како и во секоја интензивна работа, останаа и недовршени или напуштени проекти. Соработката не направи и пријатели.
Министерот Трајко Славевски е безмалку 3 години на позицијата министер за финансии, период во кој се завршија многу проекти кои заедно ги креиравме, ги промовиравме, ги браневме и ги спроведувавме.
Тие проекти донесоа многу промени во Македонија. Не велам дека не можеше повеќе или подобро, но дадовме најмногу што можевме за да промениме нешто на подобро.
Поаѓајќи од ова, сакам да потенцирам дека предлогот за промена на Славевски не е поврзан со негово незаконско или нечесно работење или некаква неспособност, а уште помалку поради некои предлози кои тој ги давал, а јас сум ги одбивал, околу ребалансот или слично или пак поради разлики околу потребата за аранжман со ММФ како што шпекулираат деновиве некои медиуми.
Покрај позитивните проекти имаше и ситуации за кои како премиер, подолг период и често укажував дека може многу подобро да се организираат, да се спроведат или да се координираат.
Цврсто верувам дека организирањето и раководењето на Министерството за финансии може да се зајакне, како и да се зајакне неговата ефикасност, координацијата со институциите кои се во негова надлежност, но и пошироко, со другите институции со кои соработува, со цел поефикасно работење, поефикасна координација, спроведување на фискалните и економските политики, со цел спроведување на програмата на Владата, особено во ова време кога светската економска криза ги опфати сите држави, вклучувајќи ја и Македонија.
Водејќи се од фактот на огромната одговорност која ја имам со функцијата премиер на Р. Македонија, по долго размислување и анализа, се одлучив за чекор за кој верувам дека ќе помогне за зајакнување на оваа институција, а преку неа и пошироко.
Заблагодарувајќи му се на министерот Трајко Славевски, на сите негови напори, личниот влог и давањето максимум за да ги постигне зацртаните цели, барам поддршка од вас, пратениците, за вршење промена во овој ресор од причините кои што ги наведов.