„Компромис прифатен од народот“
Гоце Михајлоски Коментари (0)
08.06.2009 16:50
Иванов: Решение со кое нема да биде засегнат македонскиот идентитет
Разумен компромис со кој нема да биде засегнат македонскиот идентитет е решението на кое е подготвена Македонија во преговорите со Грција за името, порача денеска претседателот Иванов.
Секое друг компромис, како што рече, е компромис под принуда, со уцена и не е во корист на земјава.
„Ние сакаме да постигнеме решение со кое нема да биде засегнат македонскиот идентитет, нема да биде срушена гордоста на населението, нема да биде - онаа чест да припаѓате на некој идентитет, некој да ви го одземе“, изјави претседателот Иванов.
„Затоа ние кажавме дека мора да дојдеме до некој компромис, меѓутоа тој компромис мора да биде прифатен и од населението“, додаде Ѓорге Иванов.
Иванов не сакаше да коментира дали името Северна Македонија, последниот предлог на Нимиц кој се почесто се споменува од претставниците на меѓународната заедница, е разумен компромис.
Засега е неизвесно дали подготвеност за решение постои и кај Владата на Караманлис
Државниот врв имал изградено стратегија, но во интерес на земјата детали од неа засега не се откриваат.
Прв ќе ги слушне медијаторот, кој според најавите со својот нов сет на идеи ќе ги посети Скопје и Атина на крајот на овој или на почетокот на идниот месец.
„Немојте со толку шпекулации, ќе има сега притисок од сите страни, секој ќе сака да изјавува се и сешто, прифатете го тоа како лични ставови на одредени луѓе или лични лапсуси или личен нивен став“, вели Иванов.
Дали во блиска иднина е можно решение, ќе биде појасно веќе по средбата Бакојани-Милошоски, најавена за на Крф за три недели.
Освен Иванов, подготвеност за компромис од наша страна минатата недела изрази и премиерот Груевски.
Засега е неизвесно дали таква подготвеност постои и кај Владата на Караманлис, која вчера доживеа тежок пораз од ПАСОК, со што се отвара можноста за распишување на предвремени парламентарни избори во Грција, а со тоа и ново одлагање на разрешницата на спорот.