Налет куќата, ги спасивме децата
За неколку секунди изгубивме се' што печалевме десет години, раскажува за „Дневник“ тетовката Магдалена Ефтоска, која со сопругот успеала да ги спаси своите деца Јована и Марко
Најмалку 100 луѓе се извлечени живи од урнатите згради во италијанскиот регион Абруцо. Бројот на загинати надмина 200
Беше страшно. Околу 3 часот по полноќ целата куќа почна да се тресе и единствена мисла што ни се вртеше во главата мене и на сопругот беше како да дојдеме до двете деца и да ги извлечеме надвор. Знаев дека е земјотрес, бидејќи звукот беше стравотен. Ги грабнавме нашите деца Јована и Марко и истрчавме на улица. За само неколку секунди се' што сме заработиле и се' што сме граделе исчезна пред нашите очи. Му благодариме на Господ што ни ги спаси животите, бидејќи тоа е најважно. Ова е потресната приказна на тетовката Магдалена Ефтоска, која за „Дневник“ раскажа како таа и семејството го преживеале кобниот земјотрес во Италија, во кој загинаа повеќе од 200 лица.
Разурнати домови, училишта, исплашени луѓе, кои на сите страни и во паника ги бараат своите најблиски, е сликата што ни ја опиша 30-годишната Магдалена, која десет години со сопругот Горан живее во близината на гратчето Паганика во областа Лаквила, која беше погодена од стравотниот земјотрес пред два дена.
- Вечерта имаше мал земјотрес, кој не не' испаничи, па легнавме да спиеме. Околу 1 часот по полноќ пак се затресе куќата и во паника станавме од кревет. По два часа се случи најстрашното. Целата куќа почна да се тресе, се' околу нас почна да паѓа, ѕидовите испукаа. Знаевме дека мора бргу да ја напуштиме куќата. Се' се случи многу брзо, во тие моменти не можеш да мислиш на ништо друго освен да се спасиш себеси и своите најблиски - раскажува Ефтоска.
Магдалена, сопругот и децата се меѓу 30-те Македонци од ова гратче со околу 7.000 жители што сега живеат на улица, без покрив над главите. За нив се изградени шатори бидејќи се' уште не е безбедно да спијат во затворена просторија поради честите земјотреси. Вакви привремени живеалишта нема за сите преживеани, па повеќето од нив спијат во своите автомобили.
Семејството Ефтовски сега е најзагрижено за безбедноста на своите деца Јована (10) и Марко (3), кои се' уште се исплашени и потресени од земјотресот. Сликата во градот е страшна. Бидејќи ова место беше заштитено од УНЕСКО имаше многу стари куќи во готски стил, кои сега речиси се разурнати, но оштетени се и новите градби. Ние останавме без дом, но најважно е што сите сме здрави и живи. Во нашата населба живеат 30-тина Македонци, кои се роднини на мојот сопруг. Сите сме заедно и никој не е повреден. Сите спиеме во нашите автомобили бидејќи во шаторите нема место. Се надеваме дека наскоро ќе не' стават во прифатилишта - вели со надеж Магдалена.Таа објаснува дека во целиот град има околу 150 жртви и 1.500 повредени, но од нивната населба сите се здрави и живи.
- До вчера утрото немаше ниту струја, па едвај успеавме да оствариме контакт со семејствата во Македонија, да им кажеме дека сме живи. Сега има струја и е малку полесно. Донации пристигнуваат постојано, имаме и храна и вода. Ни дадоа и алишта бидејќи ноќта од дома излеговме само по пижами. Навистина не знам што ќе правиме понатаму. Изгубивме се' што имавме и што градевме целиот живот - вели тетовката.Спасувачките екипи се' уште трагаат по исчезнатите и бараат по разурнатите домови, а граѓаните не ги пуштаат да влегуваат во домовите бидејќи уште не е безбедно.
- Не не' пуштаат ниту да се приближиме до куќите, да земеме работи од урнатините бидејќи не е безбедно. Вршат попис на населението, а кога и како ќе почне обновата на градот никој не не' известува. Мојот сопруг најверојатно ќе остане тука да види што ќе се случи со нашиот дом, а јас со децата ќе дојдам во Македонија кај моите родители. Ова е вторпат да почувствувам како се губи дом. Првиот пат моите родители поради конфликтот во 2001 година беа иселени од куќата во Непроштено, Тетовско, која потполно беше уништена и ограбена - се сеќава таа. Магдалена вели дека досега не ги посетил никој од македонската амбасада во Италија. Се надева дека наскоро со нејзините деца ќе може да се врати во родната земја додека не го обноват домот во Италија.
Не' предупредија за земјотресот
Жителите на ова место уште во октомври лани биле предупредени дека постои можност да се случи голем земјотрес. Магдалена објаснува дека првиот потрес пред два дена се случил околу 23 часот, но не бил многу силен, а предупредувањата никој не ги сфатил сериозно. Тоа беше само мал потрес и со сопругот помисливме дека не е ништо страшно, но неколку часа подоцна се уверивме дека предупредувањата биле точни - вели таа.
Милена Атанасоска Манасиева
http://www.dnevnik.com.mk/?ItemID=81524454DE68CB4084BDC61639C27EFA