Нема притвор за Моше Баум
26.03.2009 22:44
Моше Баум вечерва куртули од притвор во истражниот затвор во Шутка. Со брзи чекори го напушти Судот и влезе во возилото кое го чекаше додека траеше распитот пред истражниот.
Сопственикот на шведската млекарница не му дозволи ни на својот адвокат да објасни за вечерашниов распит и за кривичното дело за кое треба да одговара.
Неофицијално, дознаваме дека истражниот судија му го одзел пасошот на Баум, со обврска секојдневно да се јавува во Судот. Ова на судијата ќе му биде гаранција дека странскиот државјанин нема да ја напушти земјава додека трае истрагата.
Сопственикот на шведската млекарница се товари за две кривични дела - измама и издавање чек без покритие.
Полицијата го уапси синоќа околу 3 часот по полноќ. Кога се обидел со изнајмено возило „Сеат Ибица“ да ја напушти Македонија преку Ќафасан.
Баум три месеци на рентакар агенцијата не и плаќал за наемот на возилото. Како гаранција на агенцијата и оставил чек со платежна картичка.
Од полицијата велат дека Моше Баум знаел дека на сметката нема доволно пари за да го плати наемот за автомобилот.
Власта ги остава на цедило фармeрите
Три фирми побарале Сведмилк да оди во стечај но судските власти ниту по девет дена од поднесените барања никако да донесат одлука.
Од судот велат, за околу десетина дена би требало да имаме конкретни информации и одлука за предлозите за стечај во Сведмилк.
Засега можам да ви кажам само дека има поднесено три предлози од три различни субјекти и сите се во фаза на разгледување.
Одолговлекувањето на одлуката за стечај според фармерите е знак дека и власта целосно ги остава на цедило кога најмногу им требаше помош.
Прво кога преку протести решија да си ги бараат нивните заработени пари пред вратите на шведската млекарница ги пречекаа специјалци.
Потоа следеа прекршочни пријави и информативни разговори во полициските станици. Сточарите мораа да ангажираат и адвокати заради своја одбрана. Со одолговлекувањето на судската постапка за стечај на сточарите веќе им е јасно на чија страна е Власта.
Дали некој од институциите ќе излезе да каже дали има криминал во „Сведмилк“?
„Се разбира ако се открие такво нешто дека ќе излезе“, изјави Груевски.
Еден од најголемите кооперанти на Сведмилк кој дури посочи дека судот треба да изрече мерка притвор за газдата на Сведмилк за да се обезбеди имотот и разграбувањето вели дека побарал стечај за да ги заштитат своите и долговите на сточарите.
„Не да биде стечај, популарно наречен продажба на фабриката, и подмирување на долговите, туку стечај со реорганизација на побарувањата. Тоа значи дека управувањето и работењето на фабриката во понатамошниот дел и време, ќе биде под присмотра на стечајниот управник“, вели Ване Андреев адвокатот на земјоделско сточарскиот комбинат од Струмица.
Со така нареченот активен стечај Сведмилк би можела да продолжи да го откупува млекото и од продажбата тековно да ги исплаќа сточарите.
Само во активна состојба, со задржани кооперанти и потрошувачи млекарницата би имала реални шанси да се продаде на вистински инвеститор.
Судбината на сточарите кооперанти на Сведмилк сега е во рацете на власта. Колку повеќе се одолговлекува судската разврска толку повеќе фармерите ќе мора да ги продаваат кравите за да ги плаќаат кредитите,каматите и хипотеките.