Според мене и моја одредена теорија, луѓето не се злобни. Злобните постапки што ќе ги направат, се најчесто производ на затруена душа, на недостаток од топлина и љубов. Некогаш и заслепеноста и себичноста улетуваат како можност. Не е дека толку мислат на другите и на штетата што ќе им ја нанесат ним, него повеќе мислат на добивките за себе.
Што знам, наречете ме идеалист, ама верувам дека и во најсуровиот човек - има добрина, има топлина и љубов, само што премногу му е болна душата, што едноставно тие не можат да излезат на површина.
Ние самите бираме колку топлина, љубов и добрина ќе дадеме на овој свет. А онолку колку ќе дадеме, толку и ќе добиеме. Ок, можеби не толку, можеби ќе добиеме помалку или повеќе, но не е тоа битно....
Душата не смее да се остави да затруе, ние не смееме да се затруеме со негативност и со лоши постапки. Со тоа што ќе се тргнеме настрана од таквите постапки, ситуации... кога ќе се тргне човештвото од замарање со туѓите животи и карактери и кога секој човек би се фокусирал да се унапреди себе во човек полн со добрина, љубов и топлина, а не да гледа во туѓиот двор - тогаш човештвото ќе почне да се издигнува од пепелта во која моментално се наоѓа.
Хаос и конфузија има во душата на луѓето што прават злобни постапки, затоа што тоа се всушност несреќни луѓе, луѓе на кои им фали некоја позитивна емоција во нивниот живот, им фали љубов, им фали некој да им покаже дека и со добрина и топлина може да се живее и да се биде среќен.
Искрено, тоа се несреќни души. Тие имаат потреба другите да ги прават несреќни, затоа што не сакаат да се чувствуваат осамено во нивната несреќа. Сакаат да страда некој со нив. Иако тоа не го знаат свесно најчесто, но според мене така е... Не ги прави нив туѓата несреќа - среќни, туку ги прави спокојни, знаат дека не се сами во нивната мизерија. А мизеријата обожава добро друштво.