Ќе има ли дуел меѓу претседателските кандидати?
Љубомир Фрчкоски ги повика своите противници на отворена дебата и тв дуели, со што ќе можеле да ги запознаат граѓаните со ставовите за најважните општествени прашања. Со оглед на тоа дека парламентарните избори лани поминаа без јавен дуел, Фрчкоски предупредува дека доколку повторно се случи истото, тоа ќе значи уназадување на демократските процеси.
Фрчкоски на денешниот брифинг со новинарите, ја обвини власта дека води катастрофална политика во сите општествени сфери – од инцидентите во Струга, преку ограничувањето на правото за абортус, па се до економско – политичката изолација на земјата.
Од ВМРО – ДПМНЕ ги демнатираа сите обвинувања – Македонија е на чекор до визна либерализација, законот за забрана на абортусот уште не е донесен, а за инцидентите во Струга виновен е двоецот Црвенковски – Бучковски поради законот за територијална поделба донесен во 2004 – та.
Нивниот кандидат Иванов, би излегол на дуел доколку му се гарантира цивилизирана комуникација, затоа што лани лидерката на опозицијата Шеќеринска претерала со изјавите дека власта се плаши од соочување со жена.
И другите претседателски кандидати денеска беа со набиени агенди. Имер Селмани ги достави собраните потписи до ДИК и најави силна кампања во која главна цел ќе биде влез на земјата во ЕУ и НАТО.
Нано Ружин се сретна со амбасадорите на Британија и Франција – Ки и Баросо, а независниот кандидат за Љубе Бошкоски во Виена се среќаваше со политичари и претставници на бизнис – заедницата.