„По две години работа на оваа Влада, од дното на табелата за странски директни инвестиции сега веќе сме на средината, а се надеваме дека во наредните години ќе бидеме некаде во погорниот дел. Тоа е нашиот план“, изјави премиерот Никола Груевски на „роуд-шоуто“ низ Америка, од каде што се врати со два потпишани меморандума - со „Интел“ за соработка и со Бостонскиот универзитет.
Според кои параметри премиерот ја смести Македонија на повисоко место на листите по влез на странски инвестиции во земјава кога сите податоци велат дека се' уште не можеме да се одлепиме од дното во споредба само со земјите од регионот. Подалеку не можеме ниту да помислиме да отидеме, на пример, да се споредуваме со посткомунистичките земји од Југоисточна и од Централна Европа. Според Виенскиот институт, во 2007 и 2008Македонија била последна на листата од 20 држави во Централна, Источна и Југоисточна Европа, мерено според влезот на странски директни инвестиции
Романија - за периодот јануари - септември 2008 влегле 7 милијарди евра странски инвестиции, наспроти 5 милијарди евра во истиот период 2007година.
Бугарија - инвестициите за периодот јануари-септември 2008 изнесуваат околу 5 милијарди евра, додека 2007 нивото на инвестиции било 6,5 милијарди евра.
Србија - за периодот јануари-септември 2008 изнесуваат околу 1,5 милијарди евра. Очекувањата им се дека оваа бројка до крајот на годинава ќе се искачи на
над 2 милијарди евра.
Словенија - за периодот јануари-септември 2008 изнесуваат околу 800 милиони. 2007 година влегле 1 милијарда евра странски директни инвестиции
Хрватска - за периодот јануари-септември 2008 околу 688 милиони евра странски инвестиции
Црна Гора - во првите девет месеци од годинава влегле 454 милиони евра, што е за 15 проценти повеќе од 2007
Босна и Херцеговина - околу 435 милиони евра, 2007 имала 1,47 милијарди,
Албанија - за периодот јануари-септември 2008 околу 420 милиони евра ,2007 имала инвестиции од 463 милиони евра.
Makeдониja - периодот јануари- септември 2008 - 407 милиони евра.За 2007 година, пак податоците говорат дека странските директни инвестиции вкупно тежеле 506 милиони евра.
Според кои параметри тогаш нашиот премиер ја сместува земјава на средината на табелата по влез на странски инвестиции?