Прво да те прашам. Која година беше атентатот ?
Ако знаеш,

тогаш види кој бил главен на ДБК тоа време и продолжи да учествуваш во твојот омилен спорт “глупости без граници“
Од каде да почнеме?
Од тоа кој ги уби Рацин и Ченто? Или малку порано, кој го предаде Гоце? Или од подоцна, со пикантните интриги и кодошења за време на комунизмот? Можеби со она што се уште ни е свежо во сеќавањето, од оние пресвртни настани од почетокот на деведесеттите години, кога Македонија стана независна држава.
Се сеќавате ли, на пример, на аферите „Сина птица“ и „Дувло“, на загадочната смрт на првиот македонски министер за внатрешни работи Јордан Мијалков, на атентатот врз претседателот Киро Глигоров во 1995 година, на подоцнежните успешни обиди со шашми во јавноста (лансираната приказна за „братиславската врска“) да се заведе истрагата, ако воопшто и се водеше некаква истрага? А фамозното грчко куферче со милион долари, шверцот на нафта за Србија, шверцот со цигари, кокаинот, „ТАТ“?
Конечно, со мирна душа можеме да ја прескокнеме целата таа долга историја и приказната да ја почнеме од блиската 2002 година, од фамозната афера „Големо уво“, кога опозиционерот Бранко Црвенковски јавно и победоносно обелодени транскрипти на прислушувани разговори меѓу дузина јавни личности (меѓу нив и новинари, кои потоа покренаа и судски процес). Претседателот Борис Трајковски мораше со аболиција од судење да ги спасува тогашната министерка Доста Димовска и разузнавачот Александар Цветков. Аферата „Големо уво“ ја прелеа чашата на незадоволството од владеењето на ВМРО-ДПМНЕ и во 2002 година СДСМ се врати на власт, по поразот четири години пред тоа.
Патолошка врска
Од каде и да почнеме, секако, ќе стасаме до заклучокот дека историјата на Македонија во голема мера е и историја на интриги и на кодошења и дека сите поголеми настани од нашата понова, петнаесетгодишна историја на независна држава, се одиграни со значајно, а често и со пресудно инволвирање припадници и инсталации на поранешните тајни служби (Службата за државна безбедност СДБ, наследничката на УДБ-а, како и военото разузнавање КОС). Познавачите на состојбите со кои имав можност да разговарам на оваа тема не се согласуваат само во една битна дијагноза - дали тие луѓе, израснати, школувани, индоктринирани и обучувани во време кога се беше раководено од еден центар, од Белград, сега се верни припадници на македонските легални служби и патриоти, или се активни инсталации „приклучени“ кон центарот или, пак, поради големите промени во Србија во последниве години се само рудименти на старите структури, кои работат на своја рака и за нови газди. Веројатно и вакви и такви и онакви, но неоспорен факт е дека тие структури се цврсто поврзани со луѓето од македонската политичка елита, во еден патолошки однос на меѓусебна приврзаност, контрола и ограничувања.
Тоа до некаде е и нормално, бидејќи Македонија пет децении беше во југословенската заедница, во еден режим што го контролираа моќни тајни служби. Така беше во сите посткомунистички земји, но во многу од нив се извршија драматични демонтажи на тие структури - службите беа распуштани, а нивните тајни архиви и досиеја завршија на клада. Во Македонија се постапи поинаку. Вмровците во почетокот се обидоа да ја наметнат идејата и кај нас да се стори истото, но бившите комунисти ги одбранија „структурите“ и најдоа начин да ја убедат јавноста дека уништувањето на околу 14.000 тајни досиеја ќе биде голема загуба за македонската историја. Бившите комунисти веруваа дека можат да го искористат тоа огромно „богатство“, да ги контролираат луѓето од СДБ што ги поставија на врвни позиции (
Павле Трајанов, Слободан Богоевски, Александар Диневски и други од „дисидентската“ група наречена „осумтемина“ станаа водечки луѓе во МВР како кадар на социјалдемократот Љубомир Фрчкоски) и да ги искористат удбашките инсталации во политичките партии, меѓу интелектуалците, во медиумите и секаде каде што беа и се уште се присутни. Барем до атентатот во 1995 година, бившите комунисти беа убедени дека ја држат ситуацијата в рака и дека врските со север се пресечени. По атентатот, се виде „хаосот“ (да се послужам со речникот на Верушевски)...
Откако дојдоа на власт во 1998 година, вмровците не успеаја битно да ги променат нештата. Извршија скромни кадровски промени, ги демонтираа доушничките инсталации меѓу Албанците (подарок за Џафери и Тачи пред војната во 2000 година), ги прочешлаа досиејата и архивите и веројатно нешто тргнаа настрана „за црни денови“. Наспроти тоа, разузнавачките структури тогаш се вовлекоа во вмровските штабови и успеаја да ги импресионираат вмровците со своите „вештини“, токму како што готвачите во кујната во Владата ги импресионираа нивните министри со мешана скара за појадок.
Четири центри
Како стојат работите денес? Има многу сериозни, но и романескни и дури и ласцивни приказни за моќни удбашки инсталации, кои се протегаат од државниот врв преку интелектуалните кругови до медиумите. Но, во оваа анализа ќе се задржиме само на неоспорните факти. Неоспорен факт, на пример, е дека еден значаен, а по линијата на институционална одговорност и легален центар на моќ, е релацијата меѓу претседателот Бранко Црвенковски и водечкиот разузнавач Зоран Верушевски (директор на Агенцијата за разузнавање е Лазар Китановски, но тој подолго време е на боледување и прв човек практично е Верушевски). Она што ја прави нелегитимна и во извесна смисла патолошка таа врска е занимавањето на Верушевски со активности што немаат врска со разузнавањето и фактот што Црвенковски го толерира тоа.
Вториот центар на моќ е сконцентриран околу младиот лидер на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски. Покрај политичките соборци, во негова близина се и Борис Змејковски (и самиот со познато разузнавачко педигре), Слободан Богоевски (поранешен шеф на СДБ) и некои други интересни фаци, чии имиња љубопитните можат да ги откријат ако уште еднаш внимателно ги препрочитаат транскриптите од аферата „Големото уво“.
На другата страна е Владата на Владо Бучковски. Се шпекулира дека освен агилниот министер за внатрешни работи Љубомир Михајловски и младиот и недоволно искусен шеф на ДБК Миле Зечевиќ, наклонет му бил и стариот КОС-овец Драган Стојмановски-Млекце, за кого сепак велат дека веќе не е активен. Веројатно за Бучковски се побитни информациите од „Проксима“ и од пријателските западни разузнавачки служби.
Конечно, четвртиот центар се поранешни припадници на службите афилирани кон партијата на Љубчо Георгиевски. Некои веруваат дека токму тие ја конструирале аферата „Швајцарски сметки“ и дека тоа е всушност изворот на нервозата на Црвенковски и на Верушевски. Меѓу нив најзвучно име секако е спомнатиот Цветков.
Со наближувањето на изборите може да се очекува овие структури да бидат се поактивни и се поконфликтни. Верушевски веќе најави „хаос“ и „институционална криза“ во земјата. Се огласи и Цветков, со тврдење дека аферата „Големото уво“ е манипулација на Црвенковски и дека МВР и ДБК со тоа немале врска. Конечно, се огласи и маргиналната ТМРО, со повик до Зечевиќ да ги открие резидентите на тајните служби во Македонија, всушност со обид да го дефокусира вниманието на јавноста од вистинската тема - најавениот остар судир меѓу „големите“.
Колку е сериозен тој судир? Како ќе изгледа „хаосот“, што би рекол Верушевски? Македонија не е Србија за да се очекуваат пукотници и бомби по улиците, но „не лези враже“, што би рекле браќата Срби. Сепак, контролата на моќните западни служби врз овој терен е поцврста, како и политичкиот интерес на меѓународниот фактор да се зачува некакво елементарно ниво на безбедност и стабилност.
Освен тоа, изгледа се засилени и капацитетите на полицијата, предводена од Михајловски, која засега успева да оствари безбедносна контрола на теренот, дури и во некои делови од земјата што порано и беа „недостапни“.
Тажна перспектива
Значи, битката ќе се води со масовно производство на интриги и на афери, што е и логично во изборна година. При тоа, се разбира, секој ќе го брка својот „легитимен“ интерес: на политичарите им требаат афери за да дојдат или да се одржат на власт, на медиумите за подобро да се продаваат и да им служат на газдите, а на удбашките инсталации за да ги остварат целите на своите центри - во Македонија да се предизвика институционална, можеби политичка, па дури и безбедносна криза (по можност со елементи на меѓуетнички судир), а се за да зајакне скептицизмот на Европејците за проширувањето на нивната Унија кон овој дел од светот, скептицизам кој и така не е мал поради внатрешните проблеми во ЕУ.
Македонија тешко ќе му одолее на предизвикот. Не е исклучено да дојдеме во фаза на една подолготрајна политичка нестабилност, која ќе го подзапре нашето „пребрзо“ движење кон Европа. А најтажно е што тоа нема ни да го почувствуваме како сериозна слабост - губитникот на изборите ќе ја преземе одговорноста, промената на власта ќе го намали интересот на политичарите за стратегиските прашања, победниците ќе го кркаат медот, а поразените тоа под него, ќе се составуваат влади и коалиции, медиумите ќе брујат, а народот ќе се забавува и ќе гледа сеир, како и обично.
Единствено можеби ќе се насекираме кога ќе стаса веста дека Бугарија станала членка на Европската Унија (и дека во драматична предност се сите Македонци што навреме се сетиле да извадат бугарски пасоши), а потоа и кога ќе слушнеме дека Хрватска е во друштвото на среќните народи, а богами и Србија, Црна Гора, Босна и Косово грабат напред, рамо до рамо со нас. А ние? Ние... удба наша судба!
ШАМПИОНИ
Зоран Верушевски, водечки разузнавач во Македонија, човек од доверба на Бранко Црвенковски
Слободан Богоевски, поранешен шеф на СДБ, сега влијателен во ВМРО-ДПМНЕ
Александар Цветков, контраразузнавач, близок до Љубчо Георгиевски
Приказните за „резидентите“
Деновиве драматично се лансираат најави дека наскоро ќе се „разоткријат“ податоци за македонски граѓани што се резиденти на триесетина странски разузнавачки служби. И бидејќи сме луѓе со кратко паметење, мора да потсетиме дека приказната е стара и изветвена од служење, а секогаш служи за иста цел - за да се оттргне вниманието од фактот дека главните центри на разузнавачка пенетрација во Македонија се соседните метрополи, пред се Белград.
Што се однесува до приказните за „резидентите“, во кулоарите тие се познати. Многумина, на пример, се сомневаат дека Доста Димовска е човек на ЦИА (додуша, треба да се спомне и тоа дека своевремено првиот човек на ЦИА за Балканот се крена дури од Софија да дојде во Скопје на промоција на една нејзина книга, а тоа не е мала и небитна работа). Други велат дека еден познат универзитетски професор од вмровска провениенција е резидент на руската тајна служба. Трети посочуваат на имиња на личности што се резиденти на британската тајна служба, на германската тајна служба, двоцевки, троцевки...
Приказните имаат и ласцивни и фолклорни детали, но вистината е дека најмоќните светски тајни служби во Македонија се присутни институционално и така соработуваат со македонските служби. Странците имаат софистицирани методи на собирање и на анализирање разузнавачки податоци и немаат ни потреба ни намера со нас да се натпреваруваат во она што е наш национален спорт - кодошењето и денунцирањето.
Вистината за тајните досиеја
Во годините на распадот на СФРЈ, дел од „богатството“ од 14.000 тајни досиеја и архиви на СДБ заврши во приватни раце. И ден-денес се прикажува за приватната архива на легендарниот дебеец Тошо Шкартов, кој во тоа време ќе се забради и ќе се затвори во својот дом, каде што на гости ќе прима видни македонски политичари, „за да ги посоветува“. Имаше и изгледа неоправдани сомневања дека и Лазар Колишевски имал своја приватна архива. Велат дека за време на министерувањето на Фрчковски, МВР упаднало кај обајцата, со намера да ги заплени тие архиви. Што е сторено, не се знае. Само се претпоставува дека за време на своето долго владеење до 1998 година, социјалдемократите сепак педантно ги имаат „прочешлано“ и „дотерано“ овие досиеја и архиви.
По доаѓањето на ВМРО-ДПМНЕ е извршено уште едно „прочешлување“ на архивите, а по враќањето на СДСМ веројатно тоа е сторено и третпат. По толку манипулации п пречкртувања, вредноста на тоа „богатство“ денес е крајно сомнителна. Од друга страна, се претпоставува дека има богати приватни архиви, кои обилно се користат во производството на интриги и на афери и се дополнуваат со нови интриги и со транскрипти од прислушувања, од системи што денес можат да се купат за мали пари. Шпионирањето, кодошењето и денунцирањето стануваат евтин „спорт“.
P.S. 1995 beshe atentatot.