Писма
Гледајте во иднината!
Ни кажуваат треба да мислите на иднината, оставете го минатото. Тоа ни го кажуваат луѓе кои гордо слават годишнини посветени на нивните народи и држави. Но нивните годишнини се со трицифрени бројки, а за некои од нив и на почетокот од 20. век имаа живи сведоци. Додека нашите годишнини се со четирицифрени броеви и опфаќаат четири милениуми. Е тоа богами може да биде причина некои да се чувствуваат хендикепирано, безвредно, исфрустрирано. Затоа да погледнеме наназад, да речеме само стотина години. Така ќе можеме да видиме дека неколкуте војни на балканските простори се воделе со една единствена цел, да се истисне Отоманската империја за да се завладее територијата на Македонија, да се реализираат хегемонистичките интереси и глобалните сфери на интереси.
Во тој бурен период во Македонија се сменуваа господарите, знамињата, имињата, топонимите и слично. И како резултат на сите тие (не)прилики имавме чест да бидеме дел од Букурешкиот договор, чест каква што има јагнето на Велигден. Но Букурешкиот договор беше со рок на важење, а тој рок незадржливо изминува... Трицифреното гледање во минатото е многу непријатно. Затоа да гледаме двоцифрено, десетина години, во кои скоро сите сме современици на настаните:
При распадот на СФРЈ камелеонираните комунисти од петни жили се бореа да ја зачуваат Југославија, а не да се заокружи дефинирањето на Македонија; токму тие добија мнозинство во парламентот; на конститутивната седница се постави дилемата „Денес над Македонија“ или „Хеј Словени“; претседателот на државата, веројатно затоа што беше увезен, повеќе време потроши на платформите за спас на Југославија отколку за дефинирање на „неговата“ Македонија; смислените и рационални чекори на Словенија и Хрватска ние ги третиравме како сецесионизам; имавме референдум за осамостојување со двосмислено кукавичко прашање; пропуштивме да се декларираме и настапиме како рамноправни наследници на државата која се распаѓаше, а чија членка бевме и ние, наводно рамноправна; сè уште под импресија на федерализмот и националниот клуч донесовме устав во кој не успеавме да кажеме дека Македонија е национална држава на македонскиот народ; Уставот така речи не беше отпечатен, ние веќе прифативме да го менуваме, под притисок од надвор и значајна помош од внатре; гордо се откажавме од уставното име; ни кажаа, и прифативме, дека сме тенденциозни и не знаеме да правиме попис на населението; секој можеше да купи или продаде државјанство, некој едно, некој илјадници; за знамето ни рекоа не чини и ние уметнички души си нацртавме ново; потпишувавме договори како првата или втората, или која ли беше страна...
Навистина можеби е подобро да не гледаме во минатото имајќи предвид што сè може да се види. Сепак последнава година и не може да се нарече минато, таа е сегашност и тоа сурова. Почна реализацијата на големоалбанскиот проект на територијата на Македонија. Проект по сценарио одамна напишано, а во изминатите 60-тина години како негови доследни коавтори и рецензенти посебно се истакнаа Тито, Крсте, Киро така што не е чудо на сцена да имаме популистичка, а сега веќе крвава фарса. По првите сериозни оружени конфликти некој рече тоа се терористи, со нив нема преговори и треба соодветно да се одговори. Тие исти зборови имавме можност да ги слушнеме и на 11 септември истата 2001 година, а еден месец подоцна и да видиме што значи тоа „соодветно“. Но, ние треба да гледаме во иднината. Во интерес на иднината ние треба повторно да го смениме Уставот затоа што така ни велат оние што ни скроија Букурешки договор, кои рекоа дека сме држава приправник, името не чини, пописот не можеме да го спроведеме, ни рекоа дека знамето треба да го смениме, ни скроија уште еден договор, домашен Охридски. Во интерес на демократијата и граѓанското уредување треба да се случат промени на Уставот со кои Македонија со чекори од седум милји ќе се оддалечува од граѓанското општество, а Собранието онака демократски ќе ги изгласа без право нешто да додаде или одземе.
Навистина зашто ние да гледаме во минатото, кога некој гледал и видел, па нас само ќе ни раскаже кога веќе не знаеме да учиме од минатото и не знаеме дали сакаме држава и како се прави. Затоа ајде да гледаме во иднината, онаа која за нас ја нацртаа нашите пријатели кои и во минатото сесрдно ни помагаа како и сега.
Текстов е пишуван есента 2001, пред промената на Уставот. До сега не е објавен, што не значи дека и по 8 години изгубил од својата актуелност. Различни се само личностите кои ни ги кажуваат овие мудрувања. Г. Фуере тоа го прави веќе подолго време. Од неодамна тука е и г. Рикер, амбасадор на САД. Истиот оној кој Сенатот го испитуваше и „тормозеше“ затоа што демек ми ти бил промакедонски ориентиран. А ние како некој клен требаше да се фатиме на јадица.
Почитувани господа, народ без минато е народ без иднина. Дрво без корен. А дрво без корен нема ни гранки и едноставно се нарекува ТРУПЕЦ. Господа јас сакам да бидам дрво со корен, ако вие сакате да бидете трупци тоа е ваше право, демократско разбира се.
Васко Костески