Бугарска фирма цели во „Сведмилк“
Деновиве „Хипо алпе адрија“ требало да ја активира хипотеката на имотот на млекарницата
Бугарска фирма којштоа сакала да гради млекарница во Битола е заинтересирана за преземање на „Сведмилк“, велат наши извори. Според нив, деновиве „Хипо алпе адрија“ требало да ја активира хипотеката на имотот на млекарницата, но поради отсуство на директорите на фирмата, засега се' е одложено. Во „Хипо“ вчера ни рекоа дека менаџментот имал веќе преговори со раководството на млекарницата.
Опремата се наоѓа во млекарницата и е во употреба. Се уште не е донесена никаква одлука за одземање на опремата од наша страна - велат во „Хипо алпе адрија“.Во „Сведмилк“ велат дека појавувањето на бугарската компанија е една од причините зошто сегашниот сопственик на млекарницата Моше Баум последниве десетина дена стагнира со исплатата на парите на млекопроизводителите на кои им должи над 4 милиони евра. Во фабриката не демантираат дека се појавува нов кандидат за скопската млекарница и ја потврдуваат информацијата дека Моше Баум се плаши дека може да остане без своите пари кои досега им ги исплаќаше на млекопроизводителите.
- Претставници на бугарската млекарница пред извесен период се појавија со многу необично барање - да го откупат цело млеко со поминат рок. Не сакаа ниту да објаснат за што планираат да го искористат. Беа на средба со Баум, но не постигнале договор, бидејќи не објасниле за што им е млекото - велат во „Сведмилк“.
Според нашите извори, бугарската фирма имала капитал од само два милиона евра, а една домашна банка требало да им одобри кредит на уште два милиона за да им ги исплатат сите пари на млекарите. Сега во млекарницата се преработува околу 20 тони млеко. Дел од него се продава по домашните маркети, а дел се извезува во Црна Гора, Албанија, Косово и во Бугарија. Моше Баум во меѓувреме ги расчитил сите долгови кон рентакар-агенцијата и секој ден се пријавува во полиција. Фармерите за денеска најавуваат официјална прес-конференција на која ќе соопштат дека в четврток ќе се појават на протести во Скопје.
Активирана прилепската млекарница
Прилепската млекарница по неколку години клуч на врата од вчера почна да преработува млеко во сирење. Сопственикот Сашо Дрангоски вели дека ја подготвил млекарницата да ја ублажи кризата со хиперпродукцијата на млеко и проблемите на сточарите со „Сведмилк“.
- Откупени се неколку десетина тони млеко од сточарите, од кои се произведени бело, биено сирење и кашкавал. Идната недела ќе преземам по десет тони млеко дневно. Според квалитетот, млекото ќе го плаќаме до 18 денари за литар, а исплатата ќе ја вршиме за 30 дена - вели Дрангоски.Прилепската млекарница не работеше пет-шест години. Капацитетот на млекарицата е преработка на сто тони млеко дневно. (Љ.М.)