Континуитет на лавот но не и на боите.
Македонскиот земски грб во македонската свест како и во свеста на другите околни народи влегува преку многубројните изданија на Стематографијата на Жефарович, првично објавена 1741 година, како прво популарно издание на словенски јазик (во српска редакција), кое преставува превод на истоимената книга на Павле Витезович напишана 1701 година, на латински. Целта била политичка, во времето на расправиите за власта над словенските народи во отоманското царство, да докаже дека приматот го има Австрија. Додека во онаа на Жефарович приматот над словенските поробени народи е даден на карловачкиот митрополит, повторно под патронат на австриската круна. Овој грбовник има 56 грбови на земји кои тој сметал дека припаѓаат на Илирија, од Епир до Северно Море. Во неа нема приватни грбови.
Во неа Македонскиот земски грб е со блазон злато, црвен лав. Бидејќи бил единствениот хералдички прирачник, тој инспирирал многу хералдички престави, меѓу кои на олтарот на Рилскиот манастир, и бил главен мотив на повеќето востанички знамиња под кои гинеле многу Македонци борејќи се за слободата.
Влијанието на Стематографијата на Жефарович како единствен познат хералдички извор во следните двесте години е неспорно. Во него македонскиот грб е преставен со на златен штит црвен лав.
По ослободувањето од отоманската империја, соседните држави ги земаат грбовите од Стематографијата на Жефарович, така Србија го зема грбот со крстот и четирите огнила кој го поставува на градите на двоглав орел. Бугарија, со трновскиот устав од 1879 година, за свој грб го зема исто грбот од Стематографијата, на црвено златен лав, и тоа трае до 1946 година.
Во 1946 кога Македонија за прв пат избира грб, го избира грбот со поле опкружено со житни класја... и зад планината изгрева сонце. Авторот на овој грб, наводно знаел за земскиот грб од Жефарович но не сметал дека треба да го инкорпорира во новиот грб. Во новиот грб сонце е со 38 краци, а подоцна е заменето со сонце со 18 краци.
Бугарија, пак го заменува златниот лав на црвена основа со златен лав на сина основа, во чие подножје има запчаник и се разбира сето тоа со неизбежниот венец од житни култури.
Во текот на втората половина на 1960те години Александар Матковски ги истражува грбовниците кои долго лежеле недостапни во манастири и приватни колекции. Така, тој ги „открива“ илирските грбовници, поточно наречени грбовниците на Охмучевич поради ставот дека тој ги измислил односно ги нарачал за да докаже дека е од благородничко потекло. Овие грбовници, според ова објаснување, потекнуваат од ~1585 година.
Овие грбовници, за разлика од Стематографијата на Жефарович имаат грбови само на 9 земји (од територии кои подоцна припаѓаат на некогашна Југославија без Словенија) ~150 лични грбови, најголемиот дел од Босна. Тука Македонскиот земски грб е преставен со црвено, крунисан златен лав. Бугарскиот пак е црвен лав на златна основа.
Ова откритие е ново за македонската хералдичка традиција, која веќе двесте години е под влијание на Стематографијата на Жефарович со црвениот лав на златна основа, што преставува сосем друг грб.
Книгата Грбовите на Македонија излегува 1970 година во издание на НИП Нова Македонија и Институтот за национална историја, но не добива широка популарност, од јасни причини. Но со појавувањето на второто издание 1990 година, таа стекнува поголема популарност. Судејќи дека тиражот од 1000 книги се уште се продава по19 години, сепак значи дека не постигнала некој поголем успех.
Со воведувањето на повеќепартискиот систем, партијата ВМРО ДПМНЕ го зема златниот двоопашест крунисан лав на црвено за свој партиски симбол, со што му дава политичка конотација и со тоа ги намалува шансите истиот да биде донесен како државен грб. Со осамостојувањето на Македонија се формира комисија за утврдување на грб и се распишува конкурс на кој што пристигаат околу 3000 решенија, поголемиот дел инспирирани од Матковски. Но комисијата не излегува со единствено решеније за предлог на грб. Од тогаш натаму, за жал, златниот лав на црвена основа никогаш не е прифатен од поголемиот број Македонци и за голем дел од нив, семиотички, станува симбол за ВМРО (со сите други суфикси) или општо гледано на десна политичка ориентираност.
Предлог за златниот лав на црвена основа никогаш не ја добива подршката на сите македонци, и/или политички партии и затоа никогаш не ни влегува во собраниска процедура.
1997 година, Бугарија повторно го зема за државен грб златниот лав на црвена основа, кој во големиот грб има и два штитодржачи – лавови. Значи основниот, малиот и средниот грб на Република Бугарија од 1997 година го има златниот лав на црвена основа, и со тоа хералдички истиот грб да стане грб на Македонија е невозможно од гледна точка на меѓународното право, на индустриска сопственост, на хералдиката, и се разбира на идентитетот, бидејќи за секој друг тоа би преставувал истиот грб.
Иако оваа ситуација не ми се допаѓа ни најмалку, сепак Македонија по 1997 година, ја прокоцка шансата да го донесе грбот со најдолга традиција.
Друга опција е да се донесе грбот од Стематографијата на Жефарович, аплициран на скоро сите востанички знамиња, кој фактички има фактичка практична традиција, додека пак другите остануваат само во сферата на научното, не откриени се до книгата на Матковски. Се плашам дека по неа многу малку Македонци ќе ја прифатат таа комбинација, иако е историски веродостојна и аплицирана и под неја многумина го дале својот живот.
Во тој случај, грбот со златен лав треба да има друга позадина, која, се разбира, не би имала историска основа. Како услов за ова е ВМРО (со разни суфикси) и другите партии кои го користат да се откажат од лавот како партиски симбол, и да се изнајде сосема редизајниран грб, кој досега не е употребуван.
Најголем пропуст на сите досегашни предлози за златниот лав на црвена основа, освен во случајот со лавот на Грчев, е што е предлаган графички грбот на ВМРО,со минимални измени во лентите, што е сосем неприфатливо и дополнително ја усложни ситуацијата и доведе до тоа да ја испуштиме шансата за грб каков што прилега. За жал со земањето на грбот на грчев од страна на Светскиот македонски конгрес, а подоцна и од партијата на Петров, и тој дизајн не е веке употреблив.
За жал, значаен дел од Македонците, особено од политичарите не го прифаќаат Златниот лав на некаква друга позадина, особено не и албанското малцинство во Република Македонија и со бадинтеровото мнозинство за овој закон, грбот со лав во догледна иднина нема да биде во игра. Се плашам дека „граѓанскиот грб“ кој би го поддржале Албанците би бил во стилот, ни по мое ни по твое, што би значел некаков неутрален грб, со ѕвездички или пак од групата на кипарскиот, босанскиот и косовскиот грб, т.е грб на неразрешен конфликт.