Девизните резерви стопени за 320 милиони евра
Девизните резерви на државата се стопиле за 320 милиони евра за само три месеци - од крајот на октомври минатата година до крајот на јануари годинава. Ова го тврди пратеникот Стојан Андов во разговорот за „Утрински весник“. Високи извори од Народна банка, кои сакаа да останат анонимни поради чувствителноста на прашањето, ја потврдуваат оваа информација, иако велат дека „станува збор за околу 300 милиони евра“.
„Девизните резерви биле 1 милијарда и 750 милиони на 28 октомври, а на 23 јануари биле 1 милијарда 430 милиони. Можете да замислите што значи тоа девизните резерви да се намалат за 320 милиони за три месеци. А, допрва во март доаѓаат нови одливи по основа на трансфери на добивката, кои ја оствариле странските инвеститори кои работат во земјава“, вели Андов.
Според познавачите, главна причина за намалувањето на девизните резерви од над 300 милиони евра за само три месеци се интервенциите на Централната банка на менувачкиот пазар и сервисирање на обврските на државата кон странство. Сепак, најголемиот дел од девизните резерви биле употребени за интервенции на менувачкиот пазар поради недостиг од девизи кај банките.
Од Народна банка на Македонија објаснуваат дека токму за тоа служат девизните резерви, да се интервенира на менувачкиот пазар кога има потреба за тоа и еден дел за плаќање на обврските на државата кон странство. Тие во одреден период се зголемуваат, а во друг се намалуваат во зависност од движењата на пазарот. Во последните три месеци имало потреба повеќе да се интервенира на менувачкиот пазар.
Од НБМ тврдат дека има доволно девизни резерви да се интервенира по потреба на пазарот и дека има простор и Владата да преземе мерки за да се одржи стабилноста на денарот.
Но, и покрај овие драматични движења на износот на девизните резерви, од Централната банка уверуваат дека по секоја цена ќе го бранат курсот на денарот, односно дека нема да има девалвација.
„За тие работи е тешко да се зборува ако нема политика како да се конципира и да се заштитат клучните точки во економијата. Колку и да се зголемува вредноста на странската валута, тоа нема да биде излезот. Ќе мора да се прави девалвација, ама нема да се постигне ништо. Покриеноста на извозот со увоз за 2008 година беше 58 отсто.
Ако се земат последните месеци од минатата година, се прашувам дали покриеноста ќе биде и 50 отсто. Ако не го браниме извозот, а не се брани, не може да се постигне многу. Ќе почне да се врти спиралата и ќе нема со што да се запре“, предупредува пратеникот Андов.
Во досегашното опстојување на Македонија, девизните резерви не се создаваа лесно и преку ноќ. Имајќи предвид дека македонската економија увозно е зависна и во размената со странство бележи огромен дефицит, практично најголемиот дел од девизните резерви се создава од откупот на странските валути што се откупуваа во менувачниците, односно од дознаките на нашите иселеници. И досега сите влади опстојуваа на политиката девизните резерви максимално рационално да се користат на што се дејствуваше со затегнатата фискална политика, што сега не е случај. Поради експанзивната буџетска политика моментно, НБМ беше принудена драматично да ја затегне монетарната политика и да прави вакви интервенции на девизниот пазар.
Многу домашни економисти предупредуваат на оваа опасност од намалување на девизните резерви. Во вчерашната колумна за „Утрински весник“, економскиот аналитичар Ден Дончев вели дека македонските власти ќе бидат принудени да изберат едно од двете зла, значајно намалување на девизните резерви или девалвација.
„Но, неколку работи се повеќе од сигурни за годинава. Севкупниот извоз драматично ќе опадне. Ќе се намали и увозот на финални производи, што ќе значи и намалување на нивниот економски стандард. Трансферите од дијаспората, исто така, ќе се намалат поради влошената економска состојба, а 2009 година ќе биде убедливо најлоша година за влез на директни странски инвестиции во Македонија“, објаснува Дончев.
http://www.utrinski.com.mk/default.asp?ItemID=EADA3C988118D145950DE46993DA15D0