Штрукељ: Штрајк со работење не постои, тоа е смешно
Скопје, 14:41
Интернационалата за образование со седиште во Брисел ќе поднесе пријава до меѓународен суд поради притисоци врз СОНК доколку овој синдикат го побара тоа.
Ова денеска во Скопје го соопшти високиот претставник на Интернационалата за образование Бранимир Штрукељ, по средбата со претставници на Синдикатот за образование, наука и култура, кои се организатори на штрајкот што започна минатиот понеделник.
Штрукељ рече дека Интернационалата ќе поднесе пријава до судот на Меѓународната организација на трудот за прекршувањата на правата на вработените во Македонија, доколку СОНК го побара тоа.
Високиот претставник на Интернационалата денеска беше директно информиран за штрајкот на вработените во образованието, врз кои се вршат притисоци, по што треба да го извести генералниот секретар на Интернационалата, Фред ван Ливен.
„Многу сме загрижени поради тоа што се случува. Непријатно сме изненадени поради притисоците врз наставниците и останатиот персонал во училиштата од страна на директорите, но и од други институции“, изјави Штрукељ, додавајќи дека „тоа е неприфатливо и спротивно на европскиот социјален модел“.
„Силно веруваме дека СОНК претходно ги искористил сите можни средства да се избегне штрајкот, што е последната опција, откако сите други можности не доведоа до резултат“ рече Штрукељ.
„Морам да подвлечам дека било какви обиди да се наметнат санкции врз синдикатите при водење на еден легитимен штрајк е исто така сериозно прекршување на принципите на слободата на здружување“, рече Штрукељ.
„Штрајк со истовремено работење не постои, тоа е смешно“, оцени тој.
Штрукељ соопшти дека генералниот секретар на Интернационалата, Фред ван Ливен веќе испратил писмо со поддршка до СОНК, како и допис до македонскиот премиер, каде изразил изненадување за драстичната промена на односите меѓу Владата и СОНК во изминатите шест месеци.
„Ние би сакале двете страни да изнајдат решение на преговарачката маса“, посочи Штрукељ.
„Многу внимателно ги влечеме потезите со цел да не создадеме дополнителни негативни оценки за државата, но ако продолжи ваквата состојба веројатно ќе бидеме приморани да побараме од Интернационалата да поднесе пријава до меѓународниот суд“, изјави претседателот на СОНК; Дојчин Цветановски.
Тој посочи дека штрајкот продолжува. На новинарско прашање дали претседателството на СОНК го започна штрајкот со глад, најавен во петокот, Цветановски рече дека тој „пости“.
Според него, сликата за штрајкот во Македонија е променлива. Притисоците се од ист карактер, а денеска најжестоки биле во училиштата во Скопје.
Според проценките на СОНК, во штрајк се околу 90 отсто од синдикалните институции во државата.
Цветановски рече дека по вчерашната средба со висок претставник на Владата, СОНК свикал вонредна седница. Тој не даде повеќе детали за одлуките донесени на вонредната седница.