Кога Мојсов ќе тргне во напад..., "романтичари" плачат
* "Единствено логично решение беше во нападот да уфрлиме висок, снажен играч кој ќе успее да ја разбие противничката одбрана", вели Ѓоргиоски
Неколку натпревари едноподруго "црвено-црните" насочени единствено кон решение на својот најгорлив проблем - реализацијата. Ефикасноста или не на вардаровите офанзивци, постојаните очекувања за погодок, желбата да се стави крај на безопасниот напад... на крајот шефот на стручниот штаб, Илчо Ѓоргиоски ја реши, на изненадување на сите присутни во неделата на дерби натпреварот против Работнички на "Филип Втори", со никој друг но со последниот играч од одбраната, стоперот Даниел Мојсов.
Одлуката од 71. минута Мојсов да одигра на позицијата класичен центарфор, на крајот вроди со изнуден од него удар од белата точка, погодок на Положани и бод, пред с$ од психолошки аспект, повеќе од значаен за Вардар.
"Сигруно не дека Мојсов и понатаму ќе настапува во офанзивните редови, меѓутоа на средбата со Работнички беше единствениот логичен потег. Последните 25 минути од дуелот немаше што да браниме. Единствено логична одлука беше во нападот да уфрлиме висок, снажен фудбалер кој ќе може и на база на сопствено сериозно прволигашко искуство да се 'бори' со противничката одбрана. Верував дека Даниел може тоа да го одработи", вели Илчо Ѓоргиоски околу потегот кој му го донесе ремито.
"И, Мојсов се покажа како одлично решение. Неколкупати ја разби одбраната на противникот и н$ доведе до погодок", дополнува тренерот на "црвено-црните" според кого односот на стоперот е можеби пример и за фудбалерите од офанзивата.
"Им покажа и на напаѓачите околу неопходноста на дрскост, цврстина и одлучност во нападот".
Како и да е, Ѓоргиоски е генерално задоволен од ефектот на сите негови избраници иако јасно е дека дербито немаше некоја посебна убавина.
"Можеби не одигравме спектакуларно, но мора да им честитам на фудбалерите кои покажаа храброст и карактер. Играа од срце и тоа сигурно е најголемата придобивка од оваа средба", вели Ѓоргиоски, кој апсолутно не се согласува со обидите преку 'наводни катастрофални судиски грешки' да се омаловажи трудот на неговите фудбалери на теренот. Напротив, Вардар беше барем теренски подоминантен низ дуелот наспроти "романтичарите", кои во второто полувреме не создадоа ниту една шанса освен акцијата при поништениот погодок на Божиновски.
"Ако сакаме објективно да го погледнеме натпреварот тогаш за сите присутни на 'Филип Втори' јасно е дека Вардар ја имаше доминацијата, поседот на топка, теренската иницијатива... Жално е противникот пропуштената можност за победа да ја бара во судиски грешки кога и самите се свесни дека не одиграа за победа", истакнува тренерот на Вардар ден по средбата компарирајќи ја ситуацијата во двата клуба.
"Потребно е секој од нас пред с$ да ги бара грешките во самиот себе, а потоа во другите. Ако ја согледаме реално целокупната ситуација, Работнички има осум странци, тим кој повеќе од две години игра заедно, одработени комплетни зимски подготовки и сите можни создадени и организациски и финансиски услови неопходни за еден тим... Наспроти нас, кои на ден пред пролетното првенство го собравме овој тим, без заеднички подготовки, без услови за тренинг, без соодветен здравствена грижа за играчите, витамини. Погрешен е и впечатокот дека овој тим е оној шампионскиот состав на Македонија ЃП. Од тој тим има само четворица фудбалери, Мојсов, Милевски, Илиевски и Митрев, а с$ останато се млади фудбалери кои не беа ниту резерви во тој тим. Го имаме Положани, кој е одличен фудбалер, но без подготовки влезе во игра пролетва, како и неколку прволигашки фудбалери кои за зимската пауза останаа во Вардар дополнети со младинскиот погон па на тој начин компонираме тим кој во од се воигрува. Па, ако реално се погледа фактичката ситуација тогаш мислам дека многу добро се снаоѓаме пролетва. Не бевме надиграни од ниту еден противник, па ниту од Работнички во неделата. Сигурен сум дека при една организациска стабилизација по крајот на сезоната, со една одлучна стратегија Вардар може да создаде тим кој ќе биде непобедлив во македонското првенство, враќајќи се на неговите стари добро препознатливи триумфални времиња", вели Илчо Ѓоргиоски.
В.Булатовиќ
ЗА "ВАРДАРЦИ" ПО ПОГЛЕДНАТИТЕ СНИМКИ СУДИСКИТЕ ОДЛУКИ ИСПРАВНИ
Грешките треба да се бараат во себе
Во вардаровиот табор вчера максимално изненадени од ставот на противникот дека главниот судија е тој кој донел реми за "црвено-црните".
"По погледнатите снимки очигледно е дека сите судиски одлуки се исправни. Немаше апсолутно никакви спорни моменти, ниту тенденциозно судење... А дали имало грешки или не, тие секогаш ќе бидат дел од фудбалот. Најжестока беше реакцијата околу поништениот погодок за офсајд. Кога сте на терен апсолутно не можете ништо да тврдите, но по погледнатата снимка очигледно е дека голот беше од офсајд. И досудениот пенал за многумина на 'Филип Втори' беше очигледен. Ако зборуваме искрено натпреварот беше скратен за околу 30 секунди, но зошто тоа би било одлука на штета на Работнички? Па во тој случај тоа е одлука и контра Вардар затоа што и ние сме тие на кои им се потребни бодовите", вели Ѓоргиоски.
Глишиќ ја добива довербата на Ѓоргиоски
За стратегот на "вардарци" вреден момент од дерби дуелот е и дебито на младиот новопечен репрезентативец во составот на Бобан Бабунски, Дарко Глишиќ.
"Глишиќ имаше одлично деби и покрај неколку грешки во првиот дел. Вредно е за Вардар богатството кое го добива од својот младински погон. Интенцијата е и во иднина да ги промовираме талентите од вардаровата школа. Се разбира согласно заслугите и трудот низ тренажниот процес многу помлади фудбалери ќе добијат своја шанса без никаква поделба на мои-твои. Ние, всушност и секој натпревар го почнуваме со 3-4 фудбалери под 18 години што, можеби заедно уште плус и со Пелистер, сме единствените тимови во Првата лига", истакнува Илчо Ѓоргиоски.
Илчо, гледај си го Вардар, остави го Работнички!!!
*"Што има толку Ѓорѓиоски да говори и да го анализира мојот тим, нека си го гледа својот Вардар. Самиот вели дека ние сме имале подготовки, сме играле две години заедно, сме биле организиран клуб, што му е грижа нему за Работнички", вели Зоран Стратев
Иако изминаа до денеска веќе три дена од 34. соседско дерби меѓу Работнички и Вардар, во таборот на "романтичарите" с$ уште е топ - тема овој меч кој заврши 1:1. Играчите, стручниот штаб, раководството на Работнички с$ уште не можат да прежалат како тоа не успеаја по третпат да слават оваа сезона над лутиот ривал.
Стратегот на "романтичарите", Зоран Стратев, се осврнува на изјавите на неговиот колега од спротивниот табор Илчо Ѓорѓиоски во вчерашниот број на нашиот весник.
"Илчо, гледај си го Вардар, остави го Работнички. Што има толку тој да го анализира мојот тим. Самиот вели дека ние сме имале подготовки, дека сме играле заедно две години, дека сме биле организиран клуб. Што му е грижа толку нему за Работнички. Да, имавме подготовки и тоа докажува дека сме клуб за респект. Но, не е точно дека сме играле заедно две години. Само Димовски, Вандаир, Бојовиќ и Секуловски се од минатата сезона. Колку за потсетување, јас дојдов во Работничи минатиот јуни, значи пред неполна година", посочува Стратев.
Инаку, тој не се согласува со зборовите на Ѓорѓиоски дека Вардар бил подобар.
"Статистика е егзактна наука. Нема лажги, а таа вели дека ние сме имале двојно повеќе удари и покрај и во противничкиот гол. Јас не гледам како Вардар тоа бил подобар. Искрено, никој не го омаловажува успехот, односно бодот на Вардар. Веднаш по мечот изјавив дека им честитам на 'вардарците' за борбеноста и бодот. А за судењето што уште повеќе да говорам, да коментирам. Сите објективни љубители на фудбалот видоа дека сме оштетени во таа 84. минута кога беше покажан пенал во корист на Вардар, но и за чистиот гол на Раденко Бојовиќ. Демек ние сме 'плачеле' на судиите и сме го омаловажувале Вардар. Навистина некоректно од негова страна".
И сосема за крај Стратев потенцира...
"И му благодарам на Илчо за тоа што ми кажува како тоа се добива дерби натпревар. Демек јас немам искуство и не знам како се добива натпревар кога ривали се Работнички и Вардар. Илчо, на овие средби не се важни подготовките, не е важен квалитетот во моментот, најмалку моменталната форма. Кога играат Работнички и Вардар победува оној тим што ќе направи помалку грешки, еден потег, судиски грешки, како што се случи во неделата, поединец. Ова ми е шесто дерби и добро знам како е, имам доволно искуство. И сум победувал и сум губел. Така е тоа во фудбалот. Боли што некој друг ќе те оштети, особено судијата, како што тоа нам ни се случи во неделата".
З. Ѓоршоски
Мојсов, а не Бојовиќ направи фаул
"Пеналот беше непостоечки, пенал немаше, тоа требаше да биде фаул во напад. Мојсов во најмала рака требаше да биде казнет со жолт картон поради инсценирање фаул. А Јакимовски, замислете, покажува на пеналтикот. Според мене, Мојсов беше тој што фаулира, а не Бојовиќ. А за голот на Бојовиќ исто така поништен нема што да се коментира. Чист гол, но Јакимовски покажа фаул во напад. Вџашен сум од ваквата арбитража на главниот судија. Можам да претпоставам што ќе се случеше ако Вардар беше оштетен како Работнички на ова дерби. Но тоа е тоа. Инаку, јавно го прашувам Јакимовски зошто не го продолжи натпреварот со потребните 3-4 минути. Можеби Вардар ќе постигнеше гол и ќе славеше. Вака на овој начин тој го оштети самиот натпревар", вели Стратев.
Голот на Боби беше офсајд
Во текот на завчерашниот и вчерашниот ден, Стратев, како што самиот ни изјави неколкупати, ја гледал касетата од дербито. Ја гледал и анализирал сам, потоа со играчите, а на крај и со раководството на клубот.
"Можам слободно да кажам дека вториот наш поништен гол беше од офсајд. Значи Марјан Кировски, помошниот судија на овој меч, правилно го подигнал знаменцето и му сигнализирал на Јакимовски кога Боби Божиновски во вториот дел го постигнува својот втор гол. Ова го видов на касетата и можам слободно да кажам дека Кировски правилно постапи".
Срамно е ако Јакимовски добие добра оценка!?
Неофицијално Дејан Јакимовски на арбитражата на дербито бил оценет со 8.
"Не знам за тоа, но ако навистина добил таква оценка тогаш тоа е срамно. Јас не знам што треба да направи уште за да добие слаба оценка. Но од друга страна не ме чуди оценката, ако е таква. Јакимовски беше испратен со намера, со задача и тој таа задача во целост ја исполни".
АНГЕЛ БУНГУРОВ:
Го искарав Јакимовски!!!
Во текот на вчерашниот ден го исконтактиравме комесарот за делегирење судии Ангел Бунгоров. Едноставно прашање како тој го коментира судењето и зошто на ваков дерби меч делегирал млад и неискусен арбитар.
"Според она што јас го знам контролорот на тој натпревар Стојанче Саздов на Јакимовски му дал позитивна оценка. С$ уште не можам да го кажам мојот став за судењето на Јакимовски зошто не сум ја гледал касетата. Кога ќе го сторам тоа, тогаш ќе дадам изјава. Единствено дознав дека Јакимовски погрешил што не го продолжил натпреварот. Одредено време по средбата му се јавив и го искарав, притоа му посочив дека без разлика на резултатот тој морал да дозволи да се одиграат тие неколку минути продолжување. С$ уште нема дефинитивна оценка, за тоа ќе одлучи Судискиот одбор. Тој или ќе ја потврди оценката на контролорот или, пак, ќе ја зголеми или намали. Но за тоа потоа. А за тоа зошто сум го делегирал Јакимовски на ваков дерби меч, сакав нашите млади и таленирани судии да се калат, а тоа ќе го сторат на вакви мечеви. Како што Стратев и Ѓорѓиоски ставаат во 'оган' млади и таленирани фудбалери така и јас мислам дека правилно постапив што го делегирав Јакимовски за главен судија", истакна Бунгуров.