РАСПОЛОЖЕНИЕТО НА НАСЕЛЕНИЕТО
Поголемиот број од македонското население и бегалците се настроени против фашистичката диктатура и нивните органи, во лицето на одделни македонски народни претставници обзорци, разните пљачкаши во Петричко, кои повторно ги креваат главите, (таканаречените војводи).
Исто така, непријателски е односот на македонското население во Петричко и против Цанков. Тој, засега, наоѓа свои приврзаници само во лицето на најкорумпираните македонски пљачкаши (војводите). И затоа, пред опасноста да се врати старата состојба, населението е едногласно во односот кон Цанков и конкретните носители на цанковштината, издигајќи го лозунгот: Борба против Цанков и војводите!
До извесен степен населението во Петричко е непријателски настроено и против БЗНС на Гичев, доколку неговите приврзеници во македонскиот крај се во близок контакт со луѓето на Михајлов. Треба да се каже дека влијанието на Земјоделскиот сојуз Врапча е незначително.
Ако може да се говори за влијание со поголемо значење, а тоа е на земјоделците - пладненци. И тоа се должи, главно, заради нивната непријателска политика кон војводите.
Тие, пладненците, по македонското прашање се најблиску до нас и целосно ја прифаќаат идејата за изградување на едно масовно народно македонско движење, кога ќе се напушти практиката на партиското разбирање на македонското население. Влијанието на другите партии нема апсолутно никакво значење, со мал исклучок на демократите.
Големо е влијанието на класната партија, особено во Горноџумајско и Разлошко. Народните маси со отворени симпатии ја прифаќаат, макар и со најнезначителната иницијатива на партијата, дури таа и формално да не произлегува од неа.
Засега, може да се каже со најголема сигурност дека партијноста пошироко не е навлезена во македонскиот крај, како што навлегла сред народот во внатрешноста на Бугарија.
ВЛИЈАНИЕТО НА МАКЕДОНСКИТЕ ОРГАНИЗАЦИИ
Наспроти големите грешки и левосектанската политика, што се спроведува од левото македонско крило, сепак, најголемо е неговото влијание сред македонските народни маси. Идејата и принципите на старата ВМРО на Гоце остануваат единственото знаме на македонскиот народ. И до денес, наспроти жестокостите во недалечното минато, многу групи, приврзеници на санданизмот се сочувани (Неврокопско, Мелничко и др). Најголемата несреќа е тоа што таму организационо македонските идејни струи не се опфатени, а не е во состојба и ВМРО(Об.) како организација, да ги опфати во себе, заради едноставната причина што таа се смета како комунистичка организација.
ВМРО на Михајлов целосно си останува на старите позиции, т.е. на фронтот на бугарските завојувачи. Инаку, како организациона и политичка сила, таа не претставува она што беше до 19 мај. Нејзиното влијание неколкукратно е намалено. Се уште големи се недоразбирањата во самите нејзини редови. Против отворената великобугарска и ревизионистичка политика, што ја спроведува групата Обзор, застануваат многумина довчерашни приврзеници и членови на ВМРО-Михајлов.
Општо земено, голема е разочараноста од актуелната политика на соработка со бугарските империјалистички и фашистички средини. Одделни личности отворено се спротивставуваат против Обзор. Случајот со групата околу Македонски глас. Горноџумајската младина - неколкумина бивши михајловисти на чело со Стојан Попов и др.
Од тие лица и групи се прави, макар и со големи колебања, обид за договор со левите Македонци (Г.Џумаја, Пловдив и др.).
При таквата состојба, можно е да се дојде до договор за заедничка борба со извесни групи, кои што, малку или повеќе, имаат влијание сред македонските маси и стојат на посамостојни македонски позиции.
Тоа значи дека кога ние го разобличуваме оној дел од михајловистите, кои отворено се ставаат на страната на најреакционерните бугарски средини и на страната на Цанков и меѓународниот фашизам, треба да бидеме внимателни кон другиот дел, кој што, така или инаку, прави сериозен обид да се ослободи од туторството на бугарските фракциони и фашистички средини.
Доколку фашистичката диктатура денес го поддржува реакционерниот дел од михајловистите и подготвува почва повторно да ја врати михајловиштината во македонскиот крај, во тој случај нашата борба треба да биде насочена и против тој дел, против михајловштината. Тој лозунг е единствениот и најпопуларниот што може да го сплоти огромното мнозинство од македонското население во Петричко.
Влијанието на протогеровистите скоро безначајно во македонскиот крај. Тие имаат само одделни личности, кои не се одликуваат со влијание сред македонското население.
Протогеровистите, исто така, не се единствени. Кај нив се создадени две струи: едната на чело со Шанданов, која што има најмногу приврзеници, е за единствена борба со левите Македонци, другата на чело со Крстан П.Тодоров, која е против секакво зближување со комунистите и со левите Македонци.
Формирање на македонски народен фронт
Од друга страна, мнозина бивши приврзеници на протогеровистите целосно поминале на нашата страна и работат како обединисти, или централисти (Варна, Плевен, Софија).
Во општи црти, таков е односот на силите во македонскиот крај, што покажува дека доминираат силите на демократијата, а тоа неспорно дава можност за побрзо изградување на македонскиот народен фронт.
Основната задача на ВМРО (Об.) во сегашниот момент е, не да создава затворени, секташки нејзини групи, туку да ги насочува сите свои сили за побрзо сплотување на разединетите македонски сили, на основата на едно или неколку заеднички барања, а поскоро создавање на МАКЕДОНСКО НАРОДНО ЕДИНСТВО (со големи букви во Извештајот - б.м.).
Затоа, ВМРО (Об.) сета своја активност ја насочува за создавање таква, пред се, работа, каде се концентрирани Македонците во најразновидни политички, стопански, културно-просветни, професионални, спортски и други организации на македонскиот народ.
Привлекува одделни групи на работа, приврзеници на Сандански, земјоделци-пладненци, михајловисти, без да им прилепува етикета обединисти, дури и да работат во името на интересите на македонскиот народ и се борат против фашистичката диктатура и безаконието.
Идејата, која обединува и се јавува како знаме на македонскиот народ, тоа е борбата за национална независност. Но тоа е само заедничката идеја и крајната цел, лозунзите, околу кои се обединуваат народните македонски маси, се тие што непосредно ја засегаат сегашната положба и општонационалните и економски интереси.
КОМИТЕТИ ЗА БОРБА
Усилбите денес се насочени да се постигне договор меѓу сите партиски групи, македонските национални организации, сите културно-просветни, стопански и други организации за заедничка дејност.
За таа цел, почесто да се избираат општоградски, селски и други општи комитети за борба, кои ќе бидат органи на единствениот македонски фронт, а фактички и органи на идната единствена македонска народна организација.
Ние мислиме дека во македонскиот крај, доколку е национално поробен дел од Македонија, на прво место треба да се постават прашањата што имаат национален карактер, прашања што еднакво ги засегаат сите, или скоро сите, македонски средини.
Доколку бугарските империјалисти и фашисти се стремат со сите средства да го убијат МАКЕДОНСКИОТ КАРАКТЕР НА БОРБАТА (со големи букви во Извештајот - б.м.), нашиот долг е да бидеме против таа политика и да им разјаснуваме на сите Македонци кои се неговите пријатели и непријатели во Бугарија и во светот, и истовремено високо да го издигнеме знамето на самостојната македонска борба.
При денешната состојба, доколку при водењето на преговори со одделните партии и организации се говори да се дојде до договор на Македонците, за единствена борба против фашизмот и реакцијата во Бугарија неопходно е истовремено да се популаризира идејата за создавање и на единствена македонска народна организација.
Тоа сосема не значи дека механички денес ВМРО (Об.) треба да се растури, напротив, доколку паралелно со неа постојат и други македонски револуционерни организации, како оние на Михајлов и Шанданов и покренуваат други идеи и принципи, ВМРО (Об.) треба да се зачува, при што се повисоко да го издига знамето на централизмот.
Но како што во почетокот рековме, не е цел таа да се наложи како народна организација, зашто таа тоа не може да го стори, туку да ја подготви почвата во процесот на борбата за создавање на единствена веќе македонска народна организација.
Ние мислиме дека во македонскиот крај, доколку РП немало во минатото и не е популарна сред населението, неправилно е таа да се создаде вештачки. РП како антифашистичка организација има извонредно големо значење за бугарскиот народ, зашто таа навистина во минатото се претворила во народна организација.
Тие односи во македонскиот крај отсуствуваат. И ако ние сега решиме да создадеме РП ќе ги одвратиме тие партиски елементи - пладненци и др.. кои работат како Македонци.
Ние мислиме дека најдобрата форма, што, засега, од сите би се прифатила, тоа е изградувањето на македонскиот народен фронт. Создавање на заеднички комитети во местата, што ќе ја координираат дејноста на целиот македонски национален и партиски актив што работат во најразличните организации.
ЦЕЛ-МАКЕДОНСКА ПАРТИЈА
Таа форма денес на многу места се чувствува.
Организацијата успеа, благодарение на таа форма на работа во Горна Џумаја, да прибере околу себе повеќе од 240 души активисти и да опфати десетици масовни организации, кои бројат со десетици и стотици членови.
Истото нешто се врши скоро во сите други краишта на Македонија и сред бегалците.
Таа форма е која што даде можност на нашите другари да привлечат на работа разни македонски општественици, како С.Попов, Шанданов, Хајдуков и др, кои не се ниту комунисти, ниту обединисти и не станаа членови во една организација која би го носела името - Работничка партија.
При утрешни евентуални поблагопријатни услови и при единствена дејност на борбата, задолжително во македонскиот крај ќе се наложи потреба од создавање на организација или македонска партија.
Што се однесува до КП, не само што треба да се создаде, но е крајно потребна, зашто во македонската област не се води само национална борба, туку и класна, зашто работништвото од ден на ден се повеќе расте, иако бавно се создава индустрија - шумска, рудна, тутунска итн.
Потребно е и поголемо внимание од страна на револуционерните работнички синдикати во македонскиот крај."