Шефот на кабинетот на Груевски - правнук на револуционерот и масон Протоѓеров
М-р Мартин Протоѓер, шефот на кабинетот на претседателот на ВМРО - ДПМНЕ, е трето колено од лозата на генералот Александар Протоѓеров, обновувачот на ВМРО по Првата светска војна и потписник на Мајскиот манифест кога за прв пат бил употребен терминот македонски народ. Учесник во Горноџумајското и во Илинденското востание. Член на ЦК на ВМРО заедно со Петар Чаулев, Тодор Александров и со Христо Чернопеев. Борец за обединување на сите македонски револуционери во Македонски револуционерен фронт. Протоѓеров во свое време важел за дипломат во редовите на ВМРО, особено поради неговите обраќања до Париската мировна конференција и до Друштвото на народите каде ја барал слободата и независноста на Македонија. Неговите наследници се особено горди на дипломатските залагања на нивниот предок, особено на дејноста во Германија, каде истражувачите го нарекуваат министерот за надворешни работи на ВМРО, а од германскиот крал Вилхелм во 1917 бил одликуван со железен крст.
Според масонските списи од 20-те години на минатиот век, фамилијата Протоѓер се наследници на масон. Во 1917 година Големата француска ложа ги обединува трите тогашни бугарски ложи во една Голема ложа на Бугарија на чие чело на 17 јуни 1917 го поставува воениот генерал Александар Протоѓеров. Бил претседател и на македонските друштва во Бугарија.
Протоѓеров е прадедо на Мартин Протоѓер. Презимето со текот на времето варирало и во Протуѓер. Мартин по мајчина линија е внук и на Леон Огненов, близок соработник на Даме Груев со кого го формирале охридскиот комитет на Организацијата. Огненов заедно со Петар Чаулев во 1913 го кренале Охридското востание.
Неговиот наследник во ВМРО-ДПМНЕ Мартин Протоѓер е магистер по медиуми и интеркултурни комуникации. Магистрирал на факултетите по филозофија на универзитетите Виадрина во Франкфурт и Свети Климент во Софија. Во моментов е шеф на кабинетот на мандатарот Никола Груевски.
ВЕСТ,Година: 6 Број:1833 Вторник 8/1/2006