"МИКРО" - Македонија!
*И официјална потврда од УЕФА: Фудбалот во Македонија е најслабиот во Европа. Харалампие!!! Што е ова!? Нели "цветаат рози"
Фудбалот во Македонија е најслабиот во Европа. Дека тоа е така знаеме сите освен оние кои го имаат овој спорт во свои раце и го донесоа во дупка во која не се гледа светлина. Нов доказ стигна од Нион. Од седиштето на УЕФА објавија статистички факти кои се вистинска шлаканица за фудбалските експерти во земјава. ДНО!!! Македонија се најде во "МИКРО" зоната на УЕФА и тоа според сите критериуми на рангирање на квалитетот и рејтингот. Од вкупно 53 земји послаб фудбал има само во Сан Марино и Андора, но треба да се знае дека во овие земји овој спорт е на аматерско ниво, а не на прифесионално.
Што правиме сега!? Бројките и фактите доаѓаат од УЕФА, која е сериозна институција и која си ја знае работата. А што велат анализите и бројките!?
Клупскиот фудбал во Македонија е единствениот во кој нема 4 екипи со професионален статус и со завршни сметки според кои би можела да се направи споредба. Останатите 52 земји, дури и оние аматерските ги задоволуваат овие критериуми, а УЕФА во ова рангирање напомена дека во листа ја нема само Македонија, што е уште еден голем удар кој кажува дека во земјава владее тотален хаос.
Во финансиската анализа од УЕФА стои дека во Македонија 85% од фудбалерите заработуваат помалку од 1.000 евра на месец. Буџетот на клубовите во просек е помал од 350.000 евра по сезона, а помалку пари од нас има само уште во Сан Марино и Велс. УЕФА е најголемиот извор на средства во клубовите од Македонија затоа што парите кои се вложуваат во фудбалот кај нас барем 50% се од оние финансии кои Нион ги дава на клубовите кои настапуват на евро-сцената (околу 700.000 евра). Во буџетот на клубовите УЕФА не ги пресметува парите кои таа ги дава за настапите на клубовите во нивните шампионати.
Екипите од Македонија во просек се и најголемите аматери во Европа. Од вкупно 12 прволигаши само 5 по сезона ги исполнуваат минималните критериуми за добивање лиценца за настап на евро-сцената (и тие се сомнителни). Речиси ниту еден клуб нема свој стадион затоа што повеќето фудбалски терени се во сопственост на државата.
Во Македонија од година во година се намалува интересот и квалитетот на фудбалот, а доказ за тоа според УЕФА се резултатите на клупско, но и на репрезентативно ниво. Екипите веќе неколку сезони се неконкурентни на европските натпреварување и не можат да ги минат првите "филтри", додека националните селекции се далеку во Европа секогаш се под 37. место од 53 селекции.
За каков фудбал зборува актуелното фудбалско раководство во земјава кога бројките кои им ги објави УЕФА се уште еден доказ за нивниот "масакр" на фудбалот во Македонија? Па нели во нашиот фудбал "цветаа рози". Што е сега ова!? Харалампие Хаџи-Ристески со години е на чело на фудбалот во земјава, а од година во година е с$ полошо и полошо. Од "куќата на фудбалот", но и сите оние кои се "заљубени" во Харалампие кажуваат бајки и лажни приказни затоа што фудбалската вистина за Македонија е многу црна. За сите тие во ФФМ па и оние кои мислат дека има добар фудбал во земјава една пријателска порака. Отворете ја веб-страницата на УЕФА и прочитајте го извештајот на експертите од Нион кои ја даваат реалната слика за нашиот утепан фудбал. Тоа посебно важи за Харалампие и неговата дружина, но и за Миле Спиркоски, кој 8 години е комесар за натпреварување, се утепа од шетање по градовите, но место да се бори за подобар фудбал и квалитет негов главен интерес му се делегатските гласови.
Така фудбал не се прави... Потребни се луѓе, а не за фудбалот да одлучуваат пензионери, шофери, заболекари, гипсари... Платини сигурно не е залутан во УЕФА. Тој е поранешна фудбалска легенда и сигурно нема обложувалници, дигитални телевизии и роднини кои "местат" фудбалски натпревари.
И. Д. Ивановски
На чекор до АМАТЕРИЗАМ
Бројките ја кажуват вистината за фудбалот во Македонија. Ова е удар за сите оние кои го кажуваа спротивното и с$ уште тврдат дека оние кои се на функции добро си ја вршат работата. За жал, фудбалот во Македонија е на 51. место од 53 земји во Европа. Факт кој им ја затвора устата на сите тие кои го поддржуваат актуелниот фудбалски режим и диктатура. Македонија е подобра за "влакно" само од анонимните Сан Марино и Андора, а пред нас се исто така анонимните и аматерските земји како Фарските Острови, Лихтенштајн, Луксембург....
Страшното допрва следи. Со оглед на анализата и статистиката нема да биде чудо доколку следниот чекор на УЕФА биде фатален по бројот на нашите екипи кои н$ претставуваат во евро-куповите. Ако го добиеме статутот на аматери тогаш во иднина нема да имаме претставник во квалификациските кола од Лигата на шампионите.
Во просек по 1.418 гледачи на натпревар!
На натреварите во Македонија има во просек гледачи повеќе отколку во оние од Литванија, Естонија, Ерменија. И во оваа статистика нашиот фудбал е при самото дно. УЕФА во својот извештај ја стави нашата лига на 45. место според посетеноста и тоа е очајно. Сепак, за сите земји просекот е земен за сезоната 2008 и 2009 година а само кај нас за сезоната 2006/07 кога и имаше подобар фудбал и кога во елитата настапуваше Шкендија. Добро е тоа што ФФМ во УЕФА просекот го пријави по статистиката на "Македонски спорт" со оглед на тоа дека во "куќата на фудбалот" и немаат евиденција и бројки. Сепак, кога на ова ќе се додаде дека на секој меч бројката на нашите известувачи е произволна и секогаш поголема од реалноста се добива поинаква слика за посетеноста на трибините во Македонија.
Сега сме 2010 година, а не 2006. Нашите бројки говорат дека во пролетниот дел од шампионатот на трибините во земјава во просек имаше по околу 500 гледачи. Тоа е вистината. Па така и според оваа бројка во сегашноста Македонија е на самото дно.
Гостите од УЕФА не се "купуваат"
Во Македонија речиси секој месец доаѓаат гости од УЕФА во контрола на фудбалот во земјава. Доаѓаат експерти за финансии, за проекти за контрола на лиценцниот систем, за судии... По секоја вајва посета следува класичната дефиниција од ФФМ и секретаријатот: "Добивме големи пофалби од оној од овој за тоа и тоа...". Но и тие најави биле само приказни за мали деца и "лажги без опашки". Најновиот извештај на УЕФА е направен токму врз база на извештаите од кои ги дават експертите на УЕФА а кои одат по земјите за да ги контролираат работите. ФФМ треба да знае дека луѓето од УЕФА не паѓаат на провинцијалските финти од типот ручек во елитни ресторани, прошетки до Охрид... Таму си ја знат работата и ги снимаат сите слабости, сите недостатоци... Харалампие може да ги врти овдешните фудбалски експерти, а за тоа колку е силен во Европа и колку квалитетен фудбал има во Македонија говорат и бројките од УЕФА.
ФАКТИТЕ ЗА МАКЕДОНИЈА
*Една од земјите во Европа каде речиси и нема фудбалска инфаструктура (лоши терени, несигурни стадиони....)
*Единствена земја во која две години по ред лигата не завршува со истиот број на екипи со кои е почнат сезоната.
*Клубовите кои добиваат лиценци едвај ги исполнуваат минималните критериуми на УЕФА.
*Клубовите немаат финансиска контрукција, не работат со жито-сметки, не пријавуват трансфери и добивка од продажба на билети.
*Лигата во Македонија никогаш немала спонзор.
*И покрај лошата статистика раководните структури не ги менуваат функционерите кои се задолжени за водење на шампионатот (единствен пример каде комесарот за натпревари е повеќе од 5 години на истата позиција а истото важи и за првиот човек на судиите).