Лазо Ангеловски, борец за правата на македонскиот народ
По повод 55-годишнината од смртта на големиот македонски револуционер и учител од Егејска Македонија Лазо Ангеловски)
Вера Кировска, сестра на Лазо Ангеловски
Лазо Ангеловски е роден во село Граждено, Егејска Македонија, на 10 август 1925 година. Измина повеќе од половина век од смртта на мојот брат Лазо Ангеловски, кој на свиреп начин беше убиен на возраст од само 23 години. На 19 август 1948 година е стрелан во Лерин од тогашните грчки власти.
Лазо Ангеловски по природа беше великодушен и хуман. Уште од детските години ги гледаше неправедностите што ги спроведуваше грчката власт спрема измачениот македонски народ. Поради тоа, како гимназијалец во Леринската гимназија, беше вклучен во младинската прогресивна организација ОКНЕ, која се бореше за правата на сите малцинства, а со тоа и на македонскиот народ. Откако беше откриен од грчките власти, набргу беше избркан од гимназијата. И покрај тоа, тој продолжи со учењето. Беше еден од најдобрите ученици, одличен по сите предмети. Во една година ги совладуваше материјалите од наставата планирани за две години. Но, како Македонец, желбата му беше да учи на македонски јазик. За таа цел, во 1944 година замина во Битола. Таму заврши учителски курс на македонски јазик и беше назначен за народен учител во село Брајчино, Битолско.
Со решение на Министерството за просвета на НРМ, беше назначен за управник во Смилевската гимназија. Во 1946 година работи во Министерството за просвета во Скопје, а во истата година е назначен и за управник на Детскиот дом "Мерџан" во Тетово. Исто така, го водеше и Домот за деца без родители во Скопје.
Во декември 1946 година, Лазо се враќа во родниот крај и се приклучува во редовите на ДАГ. Бидејќи беше искусен педагог и добро ги владееше македонскиот и грчкиот јазик, беше предложен од Штабот на ДАГ, заедно со други соработници, да организира курс на македонски јазик за народни учители на слободната територија. Така, првите курсеви беа во селата Герман и Желево, Егејска Македонија. По завршувањето на курсевите за македонски учители, се основаа училишта во сите села на слободната територија. Покрај македонски учители, на вториот курс беа назначени и грчки учители, т.е. 120 Македонци и 40 Грци. За овие учители зборуваше и министерот на привремената влада на слободна Грција, Петрос Кокалис.
Бидејќи во почетокот на 1948 година грчката војска интензивно ги бомбардираше селата во слободните територии, наставата не можеше да функционира. Така, привремената власт на слободна Грција донесе одлука за доброволно заминување на малолетните деца во народните републики за да се спасат од ужасот. Голема улога во спасувањето на децата одигра организацијата НОФ. Беа организирани посебни комисии под раководство на главниот инспектор за македонските учители, Лазо Ангеловски. Доброволното пријавување на децата траеше до крајот на февруари 1948 година, а Лазо остана да се бори со својот народ.
Разделбата со децата за Лазо беше многу тешка. Најболното прашање што постојано го измачувало било дали овие деца некогаш ќе се вратат. Со брат ми Лазо Ангеловски последен пат се видов и поздравив на границата кога водев група деца од нашето село Граждено. Неговите последни зборови што ми ги упати беа: "Гледај ги дечињата како очите и биди достоинствена". Потоа се врати со другарите за да ја продолжи борбата. Лазо неуморно работеше политички надвор од слободната територија на ДАГ. Најмногу во костурските и во леринските села.
Престојот во селото Буф, каде што се сместил во куќата на Аврам, се поврзува со неговото убиство. Таму Лазо се сретнал со членовите на Народниот одбор и со младинските активисти. По кратко пешачење низ селската шума на Буф, се слушнале извици: "Алт" ("Стој")! Па, потоа се слушнале истрели. Лазо бил ранет во левата нога. Тој со тешки маки се довлечкал до местото Бела Вода, каде што во обидот да се напие вода бил фатен од грчките војници. При испитувањето бил неизмерно храбар, никого не предал. На прашање на истражниот орган, Лазо одговорил: "Ако ме обвинувате за предавство на грчкиот народ, треба да знаете дека мене како Македонец со тој народ ме поврзува заедничката борба што ја водиме против грчката монархија". А, на прашањето за децата, Лазо му одговорил: "Не грижете се за нив. Тие се безбедни, повеќе не умираат од глад и не страдаат од вашите бомбардирања".
По ѕверски мачења, на 19 август 1948 година згасна животот на големиот македонски револуционер и учител Лазо Ангеловски.
За неговата неуморна просветна дејност, во Скопје е изградено големо и модерно основно училиште кое гордо го носи неговото име.