Бугарската фашистичка државна организација вршеше економски, политички, идеолошки и културни насилства во Македонија. Таа, пред се, во априлската војна 1941 година ги ограби сите државни резерви на производи, суровини, храна и облека. Потоа, со замена на валутата по нереален курс предизвика нарушување на пазарот. И, на крај, но не по значење, од почетокот до крајот на окупацијата вршеше реквизиција на жито, волна, добиток, млеко и млечни производи, иако нив ги немаше доволно ни за задоволување на потребите на самите производители, а со тоа, како и со лошото организирање на снабдувањето, и со одземање на купоните за храна на учесниците и симпатизерите на народноослободителното движење, македонскиот народ, како во градовите така и во селата, го доведе до глад и страдање.
Бугарскиот окупатор во Македонија спроведуваше низа мерки за искоренување на македонската национална свест. Тоа, пред се го вршеше преку училишниот систем, црквата и други видови организирана пропаганда. Бугарскиот јазик во училиштата задолжително се изучуваше по 7-8 часа во неделата. Исто така, со интензивно предавање на бугарската историја и географија, со програми со големобугарски содржини и преку фашизирани бугарски учители требаше младата генерација да се индоктринира во бугарски дух. Таква задача доби и црквата, која во својот состав имаше бугарско свештенство, кое од црквите го исфрли старословенскиот и го наметна бугарскиот јазик со верска пропаганда на величање на Бугарија и создавање бугарска свест кај верниците, а посебно кај училишните деца и младината.
Пропагирањето на големобугарските идеи во окупирана Македонија фашистичка Бугарија го институционализира преку формирање посебна дирекција за национална пропаганда.Таа го врши тоа преку културно-просветни институции, спортски, па вклучувајќи и милитаристички организации. Прави усилби за формирање на околу 40 видови вакви организации: “Браникки - младинска фашистичка организација од типот на Хитлеровата младина, “Отец Паисијји - великобугарска организација задоена со санстефански идеи, која шири таква литература, потоа “Легионерри - милитаристичка организација со расистичка идеологија на нациофашизам, “Орле”- детска организација замислена како подмладок на “Браник`, “Труд и радост” - фашистички жолти синдикати и др.
Бугарија, со фактот што својата територија и природни ресурси ги стави на располагање на Германија за извршување на нападот врз Југославија и Грција, изврши злосторство против мирот, а со окупирање на делови од овие земји, а посебно на Македонија, како и со стапувањето во борба против ослободителното движење во нив изврши низа воени злосторства.
Бугарскиот окупаторски корпус во Македонија, во борбата против ослободителното движење во Македонија, вршеше масовен прогон на неговите припадници, затворање, масовно интернирање и нивно терање на присилен престој и работа во Бугарија и убиства не само на припадници на партизанските одреди и организатори на движењето,
туку и на цивилното население, кое им служеше како база.
Прогоните на цивилното население во окупираните територии бугарскиот окупаторски систем ги вршеше на многу свиреп начин. Меѓу најчестите насилства беа блокадите на населените места, кои имаа за цел да се оневозможи секој обид за бегство на населението од тоа место и да се оневозможи непречено вршење на планираните недела на окупаторот: интернирање во Бугарија, присилна мобилизација во работни единици (трудови дружини), проверување на фактичката положба за тоа кој од селото отишол во партизани, дали некој од партизаните доаѓале во селото во некоја куќа, издвојување на некои лица како соработници на ослободителното движење заради затварање или заради стрелање, а најчесто блокадите се вршени заради масовно стрелање на население во места познати како партизански.
По зло се познати сослушувањата и измачувањата на затворените лица, било да се тоа припадници на ослободителното движење или осомничени симпатизери или членови на нивните семејства. Не ретки беа случаите луѓе да умираат од тепање и измачување, пред да им биде изречена каква било казна. Осакатување на телата на затворениците или сослушувани лица е вршено пред и после поединечни и масовни стрелања на припадници на ослободителното движење на население од Македонија.
Спротивно на сите правила на меѓународното право (член 50 на Хашкиот правилник од 1907 година др.) бугарската фашистичка војска и полиција вршеа репресалии врз цивилното население и нивниот имот поради дејствата на партизанските одреди: палење куќи, торови, плевни, цели села, ограбување на имот, иселување и преселување на цели села, силување на девојки и жени, поединечни, групни и масовни стрелања на цивилно население.
Посебно познати по перфидноста и свирепоста при групни и масовни стрелања биле бугарските егзекутори во блокираните места. Поткажаните се повикувани по список од своите домови, наводно поради сослушување, тоа се вршело по итна постапка, со невидени мачења сакатење на приведените лица, а потоа се изведувани, наводно, да лоцираат некое место над селото, каде што потоа се стрелани. Потоа следувал повик - ако некој од стреланите е жив, да се јави, наводно, да му биде простен животот, а во суштина за да биде убиен.
Вакви злосторства се вршени и во затворите во Македонија, а особено во централниот затвор во Скопје. За овие злосторства се одговорни не само бугарската држава туку и сите учесници во нив, од наредбодавците до стражарите при блокадите.
Бугарскиот окупатор во Македонија изврши и геноцид со предавањето на 7.500 Евреи на Германците, нивно депортирање во концентрациони логори во Германија, каде што се ликвидирани во гасни комори, со што Бугарија се покажа како најбескрупулозен окупатор во Македонија, кој најгрубо ги прекрши сите правила на меѓународното хуманитарно и секое друго право.
Поради перманентното развивање и разгорување на ослободителната борба во Тиквешкиот крај, бугарскиот окупаторски систем (во Тиквешијата беа формирани две околии - Неготинска и Кавадаречка, кои најпрво беа во Битолската, а потоа во Скопската област ), односно бугарската војската, полицијата и власта вршеа многубројни насилства, репресалии и злосторства. За сето време на окупацијата вршена е мобилизација на месното население во бугарската војска, пред се како трудоваци, потоа депортирање на неблагонадежните, , а вршена е и реквизиција на жито, волна, овци и друга стока, како иселување на населението од селата кои го помагаа ослободителното движење и други репресивни мерки. Окупаторската власт донела закон кој не води сметка за бројот на членовите на домаќинствата, или колку родило на нивите, толку зема според посеаните површини, па макар производителите немале што да јадат и дека затоа партизаните во селата Радња, Шешково, Праведник, Бојанчиште и Радобил им го вратиле на селаните житото и волната што окупаторот ги реквирирал; дека кон крајот на војната во овој крај окупаторот бескрупулозно грабел земјоделски производи преку реквизиции, во најголем ек на прибирање на летнината ги присилува селаните да се преселат во други села, да ги напуштат своите огништа, да го остават житото неожнеано да гние по полето.
Во бесот поради немоќта да ја уништи народноослободителната борба, односно нејзините огништа кои овде особено се развиени, бугарскиот окупатор презема вистински казнени експедиции во Тиквешијата, во кои не се поштедени ни животите ни имотот на цивилното население.
Така во летото 1943 година, кога по низа успешни акции на партизанските одреди на Третата оперативна зона, “Добри Даскаловви и “Сава Михајловвв”, со своите удари врз окупаторската полиција, војската и контрачетниците, партизаните ја придобија љубовта на својот народ, окупаторот, со три полка бугарска војска и јаки одреди полиција, под команда на полковникот Апостолов, командант на 56.п.полк, во времето од 7 до 16 јуни 1943 година, презема офанзива заради уништување на партизаните.
Бидејќи не успеа да ги разбие или уништи партизаните, се нафрла на мирното население. Ѕверствата што тогаш ги изврши бугарскиот окупатор во Тиквешијата се споредувани со оние што германската фашистичка војска ги вршела во окупираните територии. Во оваа окупаторска казнена експедиција се стрелани или на друг свиреп начин убиени околу 80 цивилни лица. Кулминација на овие погроми над цивилното население во овој крај е масовното стрелање во Ваташа. На 16 јуни 1943 година, на роденденот на бугарскиот престолонаследник, на најѕверски начин се убиени 12 младинци од Ваташа,меѓу кои деца и ученици од 14 до 16 години. По приведувањето, наводно заради сослушување,тие неколку часа се изложени на бескрупулозна тортура, а потоа над селото стрелани со митралез и потоа одново бодени со ножеви, на некои им се бодени очите, на други им е разбиена главата. Во исто време, во Кавадарци се стрелани 5 лица, меѓу кои две жени на 50 години - Рајна Соколова и Фруса Чедомирова. Во Неготино се стрелани 4 лица.
Во сите овие и други населени места се вршени блокади, заради полесно спроведување на планираниот терор. Многу бачила, плевни и колиби бугарската војска ги изгорела. Уривани се куќи на партизански домаќинства во селата Шивец, Ресава, Ваташа и др.,а имотот на партизаните и интернираните лица е пљачкосуван.
Низ полициски станици поминале повеќе од 100 луѓе, при што многу од нив ужасно се тепани. Меѓу нив се наоѓале машки и женски лица на возраст од 14 до 65 години. Интернирани се 35 лица од Кавадарци, Неготино и селата, на возраст од 15 до 65 години, родители на партизани, мирни селани и граѓани, илинденци и младинци.
Оваа безуспешан офанзива на окупаторот завршува и со 30 мртви и 50 ранети на негова страна. За овие ѕверства, терор и пљачкосувања во Тиквешијата, полковникот Апостолов бил одликуван со орден од царот. Меѓутоа, со овие злосторства бугарските фашисти ја навлекоа на себе омразата на населението на Тиквешијата. Забележано е дека на 40-дневниот помен на стреланите младинци во Ваташа учествувале над 2.000 луѓе.
Репресалии над цивилното население во Тиквешијата бугарскиот окупатор врши се до крајот на окупацијата. Во наредната година тој презема уште две такви офанзиви, односно казнени експедиции во овој крај. Така, на 13 јуни 1944 година во селото Стрмашево се стрелани без причина една жена и тројца младинци - единствените живи луѓе што останале, а селото, со сета покуќнина, изгорено е до темел.
На истиот датум околискиот управител во Кавадарци издава наредба во рок од два дена да се преселат жителите од селото Ваташа во Кавадарци, од селата Стрмашево, Радња, Страгово, Бухула, Чемерско, Горна и Долна Бошава во Крњевска општина итн. Селаните се присилени набрзина да ги напуштат своите домови и имоти и принудно да престојуват во други места.
Окупаторот заведувал и преки воени судови за прогон на учесниците на движењето во Тиквешко. Драстичен пример за тоа е обвинителниот акт на Скопскиот прек воен суд против поголема група симпатизери на ослободителното движење од Кавадарци од 3 јули 1944 година. Овој обвинителен акт е поведен од заменик-јавниот обвинител при Скопскиот прек воен суд против група од 35 лица, меѓу кои многу жени и 4 малолетни девојки од 16 до 17 години.
и не само према македонскиот народ вршеле зверства него се потрудиле да се соучесници и во истребувањето на евреите.
Скопје останал да биде жив сведок и на уште една голема трагедија што со себе ја довела оваа војна: на 11 март 1943 година од Скопје биле депортирани скоро сите македонски Евреи. Тие претходно биле собрани од страна на бугарските фашистички власти од сите градови на Македонија ( што и припаѓале на на бугарската окупациона зона) и биле донесени на својата прва станица на патувањето без враќање - Скопје. Како привремен логор во Скопје послужила зградата на Монополот. Сите македонски Евреи на број околу 7.200 ( само од Скопје 3.286) бугарската царска држава им ги предадала на нацистите кои ги организирале транспортите кон Треблинка - нацистичкиот логор на смртта во Полска.