Богатите Фламанци повеќе немаат волја да живеат со Валонците
Белгија сигурно ќе се подели?
Двете заедници водат битка за тоа кому би му припаднал Брисел, додека во ЕУ се погласно се зборува дека не треба да се чека крајниот расплет, туку Унијата итно да побара друго седиште
Времето забрзано работи против постоењето на обединета Белгија и нема дилеми дека земјата ќе се подели, пишува лондонски "Обсервер", пренесувајќи изјава на Каролин Сегасер, експерт во Центарот за социолошко-политички истражувања од Брисел. Во прилог, направен по повод националниот празник на Белгија, весникот го пренесува мислењето на Сегасер дека "повеќе не постои волја кај двете етнички заедници за изградба на систем што ќе може да опстане на подолго време".
"Обсервер" вели дека некои песимисти во Брисел прогнозираат оти годинашниов национален празник е можеби последниот што по 178 години постоење Белгија ќе го прослави како единствена држава. Главните политички партии засега не заговараат независност, но една фламанска крајно десничарска партија, тврди дека дури 25 отсто од Фламанците се согласуваат со отцепување од Белгија.
Богатата Фландрија на северот каде се зборува холандски јазик, не сака повеќе да плаќа повисоки даноци заради побрз развој на посиромашната Валонија на југот, каде се зборува француски јазик. Годишно за развојот на валонските краишта се издвојуваат 3,6 милијарди долари, па некои белгиски политички аналитичари навестуваат дека на Белгија и претстои мирно раздружување според моделот што го направи поранешна Чехословачка.
Главен проблем во сите сценарија за "растурање" на Белгија е сегашниот главен град Брисел, кој иако географски е лоциран во Фландрија, само 11 отсто од неговите жители се Фламанци. Двете заедници водат битка за тоа кому би му припаднала богатата престолнина, додека во меѓународните институции се погласно се зборува дека не треба да се чека крајниот расплет на белгиската внатрешна криза и дека институциите на Европската унија уште од сега би требало да побараат некоја друга локација.