Кој го уби Гоце?
Илинден не е само време за историски реминисценции. Особено не за лажните или извртените настани, тие што како догма ги повторуваат победниците од левицата, за да се прикријат трите големи предавства на Македонија во 20 век. Оттука, Илинден е одлично време и за преиспитувања
Во втората половина на осумдесеттите години од минатиот век, кога се кршеше петдецениското социјалистичко управување во повеќето земји во Југоисточна Европа вклучувајќи ја и Македонија, левицата што си го испланира своето заминување во јавноста ја постави дилемата: Кој го уби Рацин? Прашањето намерно упатено преку тогаш, божем, неконтролираниот младински печат („Млад борец“ ја отвори темата, „Студентски збор“ се надоврза), требаше да симболизира „ново време“, расчистување со црните петна, да биде вовед во демократија преку социјализмот со човечки лик, да биде симбол на македонската „Гласност“ и „Перестројка“ итн. Но, стануваше збор само за фингиран потез за да не и' се направи штета на власта олицетворена во ликот и делото на Лазар Колишевски. Преку отворање на ова прашање требаше да се прикријат вистинските злосторства на таа власт, да се направи подготовка за „новото време“ и за „новите луѓе“, а дополнително го имаше и елементот „судир на левицата“, односно се наѕираше клановско расчистување меѓу семејствата од Водно кои драма со Македонија во тие децении. Тоа што во тој процес неочекувано се отворија и други прашања, како за Ченто, на пример, се смета за т.н. колатерална штета, која нема да ја загрози основната операција.
Значи, направена е грешка во чекори и тоа смислено, со однапред зададени повеќе цели, кои креаторите, горе - долу, успешно ги остварија. Македонија поради тоа и денес ги трпи последиците, кои се повеќе од очигледни.А се' ќе беше инаку ако наместо прашањето кој го уби Рацин, беше поставено прашањето: „Кој го уби Гоце?“. Зашто во турбулентниот и вреден за историско паметење 20 век, врз Македонија и нејзиниот народ се извршени три големи предавства.
Првото, почнува токму со периодот пред Илинденското востание и симболично може да се означи со прашањето: „Кој го уби Гоце?“.
Тука не станува збор само за загадочната смрт на Делчев, која, без дилема, се должи на предавство. Предавство, најверојатно поврзано со неговата посета на Солун неколку дена пред убиството и со разговор со две раководни лица од Организацијата, од кои, едното се слави како полубог, го има дури и во официјалната верзија на химната, а притоа никој не сака да зборува за студиски верзии на истата таа химна од доцните педесетти години, каде што тоа лице го нема. Значи во врска со првото големо предавство на Македонија, не станува збор само за тоа дали Дамјан Груев е можниот предавник на Гоце или не, туку симболично за цела низа прашања што се протегаат од провалите во Организацијата во 1902, преку контроверзиите на Солунскиот конгрес и убиството на Гоце, Младотурската револуција и учеството на Македонците во неа, Букурешт 1913, се' до мировните конференции по Првата светска војна и измамата што му ја направија на Тодор Александров поради која го потпиша Мајскиот манифест (1924), а потоа, откако веднаш јавно се откажа, комунистите го убија. Со ова прво предавство, на подолг рок е зацементирана поделбата на Македонија на три дела.
Второто предавство е поврзано со испуштената шанса Македонија да направи нешто повеќе за себе во вителот на Втората светска војна. Иако, левицата тврди дека тогаш Македонија ги удрила темелите на современата македонска држава, сосема е јасно дека поради интересите на српските и југословенските комунисти, но и повторно поради интересите на тие во Москва, веднаш по АСНОМ е извршен преврат. Со превратот, период за кој Глигоров одлично знае, се напуштија оригиналните македонски национални и државни интереси. Со помош на неколку масовни стрелања и уште помасовни апсења и тортури секаде во земјата, независната македонска држава целосно се подјарми кон интересите на тогашната српска и југословенска левица, а откако пропаднаа тенките надежи за федерација со Бугарија, кои ги туркаше Белград и откако на Тито му беше соопштено за „салфетките“ од Јалта, второто предавство кулминира во 1949 година со егејската сага и егзодусот на повеќе десетици илјади Македонци од Егејска Македонија. Прашањето целосно се затвори со децении нанапред, а нечистата совест од предавството, кое вклучуваше и убиства на стотици борци на ДАГ (тука, во близина на Скопје), се переше со изградба на живеалишта и вработувања на неколкуте десетици илјади бегалци, кои директно или заобиколно останаа да живеат во Република Македонија.
Третото големо предавство е направено на крајот од осумдесеттите години од минатиот век, кога владејачката левица не го испочитува договорот со дел од македонската емиграција и наместо да дозволи создавање вистинска опозиција, самата, преку тајната полиција, создаде фингирани партии на десницата, меѓу кои, круна е ВМРО-ДПМНЕ (инаку, тоа е само една од партиите што може да се вбројат како чедо на матицата СКМ-СДБ, the first generation).
Потоа, се' беше лесно. Од изнесување на капиталот надвор, преку лажна и криминална приватизација, до претворање на Македонија во „црна дупка“, во која организираниот криминал се чувствува како дома. За сето тоа време и владите на божемната левица (СДСМ) и на божемната десница (ДПМНЕ), час се караа со Бугари час со Грци, а сите заедно одлично тераа(т) матни бизниси меѓу себе и со Срби. До толку се блиски што одлично си помагаа и при фингирани војни каква што беше таа срамна во Македонија во 2001 година, кога, на пример, Србија продаваше униформи на УЧК, а Бугарија истовремено ги снабдуваше со муниција и „борците“, кои сега ни се во Владата, и бранителите. Без расчистување и чесен пристап кон овие три големи предавства извршени во 20 век, а за сите е одговорна левицата или лица од левицата, Македонија не може и нема да оди напред. Парцијалното и од немај каде отворање на егејското прашање, дури и покрај сознанието дека таквиот чекор не е наша, туку туѓа игра, може да се поздрави. Ама само како чин што тоа прв пат по 1953 година е сторено официјално и на високо ниво. Но, за да не бидат искористени и повторно прелажани егејските Македонци како во 1946-1949, ова прашање Македонија треба да го официјализира и во меѓународните институции. Воедно, со иста таква принципиелност треба да се постави и прашањето за правата на македонското малцинство во другите соседни земји. Се' друго, ќе биде само уште еден ситен валкан политички трик од кој ѓубрето потоа нема да може да се исчисти со децении.
Теофил Блажевски (Авторот е новинар)