Нема штит за ракетата Топола
Рускиот претседател Дмитриј Медведев изјави вчера дека интерконтиненталната балистичка ракета "Топола", истрелана од космодромот Плесецк, успешно ја погодила целта на полигонот Кура во Камчатка. Интерконтиненталната балистичка ракета "Топола", која се смета за руски одговор на американскиот противракетен штит во Европа, беше истрелана вчера во присуство на претседателот Медведев. Ракетата е уникатна по своите карактеристики: таа лета побрзо и понепредвидливо во споредба со другите интерконтинетално балистички ракети.
Медведев нагласи дека задачата е извршена квалитетно и напомена оти тоа покажува дека руската техника работи според планираното. Тој истакна дека Русија и натаму ќе ја унапредува воената технологија и оти ќе воведува нови видови оружје и воени единици. "Ќе продолжиме и со истрелување на традиционални балистички ракети, какви што имаме", додаде Медведев, кој ги набљудува командно-штабните вежби "Стабилност 2008".