Скопје, 8 декември (МИА) - Трета година по ред Денот на св. Климент Охридски - 8 Декември во Македонија е државен празник, со кој се одбележува делото на првиот оригинален словенски писател и просветител, првиот словенски епископ и творец на Охридската книжевна школа. Заедно со Наум Охридски, тој е најистакнат ученик на творците на словенската писменост, светите браќа Кирил и Методиј, и најверен продолжувач на нивното дело. Ги придружувал дваесетина години во просветителската мисија за одбрана на словенскиот јазик во Велика Моравија.
По повод празникот, синоќа се одржа свечена академија на која архиепископот охридски и македонски г.г. Стефан истакна дека во црковната и националната историја на македонскиот народ ниедна друга личност не оставила такви траги како Св. Климент, охридскиот архиепископ и чудотворец.
Претседателот Ѓорге Иванов потсети на делото на големиот учител, основоположникот на Македонската православна црква и на словенската писменост.
- По 840-та година од оваа ера, кога Свети Климент Охридски го здогледа Сонцето над македонската земја, па се до денес, тој создава и твори низ делата на сите кои ги употребуваат кирилицата и глаголицата како азбуки за изразување на своето творештво. Многуте поучни и похвални слова сведочат за огромниот влог во писменоста, на човекот кој е првиот словенски епископ, епископ Величк, рече, межу другото Иванов.
Во Собранието на Република Македонија денеска ќе биде врачена годишната државна награда „Св. Климент Охридски“, највисоко признание за долгогодишни остварувања во областа на воспитанието, образованието, културата, уметноста, здравството, спортот, заштитата и унапредувањето на човековата околина и во социјалната дејност од јавен интерес на Република Македонија.
Добитници на државната награда за 2009 година во областа на воспитанието и образованието се професорите д-р Елена Колева, класичен филолог, и Рамиз Абдули историчар, во областа на културата и уметноста наградата ја добија д-р Коста Балабанов, историчар на уметноста, и Бранко Цветкоски, писател. Во областа на здравството е награден кардиологот проф. д-р Лазар Лазаров.
Малку се знае за Климент, а реконструкцијата на неговиот животен пат во науката се прави, главно, врз Пространото Климентово житие што го напишал на грчки јазик охридскиот архиепископ Теофилакт во последните години на 11 век, како и Краткото житие на охридскиот архиепископ Димитрија Хоматијан, напишано на грчки јазик 300 години по смртта на Климент. Не се знае кога и каде е точно роден, нема податоци за семејството и потеклото, освен дека бил закопан на 27 јули 916 година во манастирот на Плаошник во Охрид, што тој сам го изградил и го посветил на св. Пантелејмон. Кога манастирот бил претворен во џамија, моштите му биле пренесени во црквата Св. Богородица Перивлепта, која оттогаш е нарекувана со неговото име. Моштите му се повторно вратени во август 2002 година по обновата и осветувањето на неговиот манастир. Се претпоставува дека починал на 70-80 години и дека е роден околу 30-40 години на 9 век.
Од биографијата на Климент се дознава дека тој заедно со уште двајца ученици бил ракоположен за свештеник во Рим. Се претпоставува дека монашкото име Климент го добил во чест на откривањето на моштите на папата Климент, кој умрел во прогонство на Крим. Моштите ги нашол Кирил за време на исполнувањето на мисијата кај Хазарите (859-861) во која веројатно учествувал и Климент. Тие ги пренеле во Рим каде што биле опеани и свечено закопани. Покрај Климент и Наум, ученици на солунските браќа биле и Горазд, Ангелариј и Сава. Петтемина ученици заедно со своите учители Кирил и Методиј кај народот се познати како седмочисленици.
По смртта на Кирил (869), а подоцна и на Методиј (885), учениците се судираат со германско-латинското свештенство и се прогонети од Моравија. Климент, Наум и Ангелариј дошле во Бугарија каде што Ангелариј починал. Наум учителствувал во близина на столицата на бугарскиот кнез Борис, а Климент бил испратен за учител во областа Кутмичевица. Името не е познато во денешната топонимија на Балканот, но со оглед што Охрид се спомнува како населено место во таа област, се работи за денешното тромеѓе на Македонија, Грција и Албанија. Таму, според житието на Теофилакт, Климент имал 3.500 ученици, кои ги оспособувал за црковна богослужба. Тоа е импозантен број за просветителска акција на преминот од 9 кон 10 век. Таа активност е наречена Охридска книжевна школа или прв словенски универзитет. Просветителско-црковната активност на Климент таму траела цели седум години.
По смртта на кнезот Борис и доаѓањето на првиот бугарски цар Симеон, на учителското место во Кутмичевица бил испратен Наум, а Климент бил назначен за епископ во Дрембица и Велика, за кои се уште се претпоставува каде точно се наоѓале. Климент бил прв меѓу Словените што добил епископски чин. Го описменувал сиромашното, грубо и запуштено население и го подучувал да живее подобро, ги учел луѓето да садат дрвца и ги лекувал. Како епископ велички често доаѓал во својот манастир во Охрид и неуморно и бил посветен на просветителската дејност. Според Теофилакт, Климент до смртта работел на преводот на „Цветниот триод“ од грчки на словенски јазик.
Се смета дека е автор на опширните житија на Кирил и Методиј познати како „Панонски легенди“, најзначајниот извор за проучување на животот на солунските браќа. Покрај преводи на црковна литература, напишал и пофални слова за христијански светители. Пред да умре, својот имот - книжевните дела, ги поделил и завештал на епископијата и на својот манастир. Теофилакт спомнува чудесна и исцелителска моќ на св. Климент по смртта. Свети Климент Охридски е заштитник на Охрид и, според преданијата, тој го спасувал градот и неговите жители секогаш кога биле во неволја. Се претпоставува дека Охрид е и родно место на Климент и оти поради тоа го избрал за работа до крајот на животот. Не е утврдено ниту дали Климент и Наум се родени или браќа по конфесија.
Денес многу цркви, институции, училишта и здруженија го носат неговото име, а меѓу нив најрепрезентативни се Националната и универзитетска библиотека и Соборниот храм во Скопје, Универзитетот во Битола. Неговото име го носи и универзитетот во Софија. Во чест на св. Климент Охридски се доделува и државната награда за особени остварувања во воспитанието, образованието, културата, науката и здравството.
За многу години празникот!