Не сакам да играм српско оро
Колку и да ми е мил Љубисав Иванов-Ѕинго, секогаш ми е помила Македонија, вели Витанов, кој реши да дејствува како независен
Јас, Зоран Витанов, не сакам да играм српско оро, зашто сум Македонец и сум избран од граѓаните да го штитам не само државниот, туку и македонскиот национален интерес, вели пратеникот, кој завчера реши да дејствува независно, но не ја напушти Социјалистичката партија.
* Спомнавте три причини за одлуката да станете независен пратеник - името, приемот во НАТО и Косово?
- Социјалистичката партија нема официјално став за ниту едно од овие прашања. Не се свикани ниту Републичкиот, ниту Извршниот одбор за да расправаме и да изградиме став како партија. Од друга страна, партискиот лидер Љубисав Иванов-Ѕинго на трибина во Кочани и во медиумите препознатливи по него, упорно кажува дека нам НАТО не ни треба ако мора да го смениме името. Се разбира, и јас се согласувам со тоа, но ако сакаме да бидеме докрај чесни, треба да кажеме дека го штитиме акронимот ПЈРМ, а не името Република Македонија. Бидејќи се подразбира дека ако не направиме компромис, алтернативата ни е ПЈРМ. Таква нечесна игра не сакам да водам и не сакам да бидам дел од тоа, зашто сметам дека Република Македонија има историска шанса да влезе во НАТО, да си го зачува националниот идентитет, Македонците во Грција и во Бугарија конечно да го отворат македонското национално прашање и да работиме на ЕУ-агендата. За да го направиме сето тоа, во секој случај, ни треба компромис, не толку со Грција, колку со меѓународната заедница. Сакам да истакнам дека прв пат во историјата интересот на една светска велесила се совпаѓа со интересот на Република Македонија. Некој, веројатно поради интересите на некои наши соседи, сето тоа сака да го измести и сака Македонија да остане да чмае во темнината на балканската неизвесност. Мислам дека сега е вистински момент да созрееме и да се осмелиме, како политичари, да ги надминеме суетите и конечно да покажеме дека сме зрели како сите оформени европски нации. Ако не влезе во НАТО, Македонија ниту ќе добие ЕУ-агенда ниту обезбедува иднина како држава. Мислам дека таков луксуз може да им одговара на некои соседни држави, но не и на Македонија.
* Зошто се избегнуваат ваквите теми во раководството на СПМ?
- За жал, не се само тие. Откако дојдовме на власт, партијата буквално нема став и за многу други прашања. Една е СПМ кога е во опозиција, тогаш е крајно демократска и патриотска, а сосема е замолчена кога е на власт. Народот тоа сигурно не го бара од нас, тој секогаш бара да имаме став. Колку да ми е мене мил Љубисав Иванов-Ѕинго, секогаш ми е помила Македонија.
* Сепак, ќе ја поддржувате Владата?
- Состојбата во Македонија е толку сериозна, што би било крајно несериозно да не ја поддржуваме сега, барем до 2 април. За понатаму сепак треба да се дефинираат некои односи, бидејќи во економијата не ни тргна така како што ние очекувавме. Ако Никола Груевски и понатаму упорно опстанува да биде во координација со ставовите на одделни новинари од медиуми, кои се препознаваат според блискоста со претседателот на партијата и од кои не се оградува, ќе изразам резерва и кон поддршката на таквата политика визави влезот на Македонија во НАТО.